До мисионерот Петар С.

Си ги прочитал во Евангелието Христовите зборови: секој грев и хула ќе им се простат на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето – ниту на овој, ниту на оној свет. И прашуваш: што е тоа хула против Светиот Дух? Тоа е хула против вистината и животот, кои се од Светиот Дух, Бога. Безбожникот, кој ја презира и гони вистината, хули на (Светиот) Дух. Самоубиецот, кој го презира и убива животот во себеси, хула на (Светиот) Дух. Затоа што Светиот Дух е наречен Дух на вистината и Подател на живот.

Во Евангелието според Јован пишува дека Господ Исус Христос трипати Го нарекол Светиот Дух “Дух на Вистината“ (Јован 14:26; 15:26; 16:13). Следствено на тоа, оној што ја одрекува вистината и ја исмева, Го одрекува и Го исмева Светиот Дух, Го одрекува и исмева Бога, Кој е Дух и Вистина. Прашуваш: зошто тој грев не може да биде простен, кога секој друг грев може да се прости?

Ете, на Закхеј му е простено среброљубието, на блудницата – телесните гревови, на разбојникот на крстот – разбојништвото и на многумина други – ,могу други гревови. Зошто тогаш не би можело да се прости и одрекувањето на вистината, неверието, исмевањето на Бога Светиот Дух? Затоа што таму има срам и покајание, а тука нема. Таму човекот макар и да греши, сепак со срам и страв се сврзува со Бога. А тука сите врски со Бога се прекинати и човекот безбожник бескрајно и потполно се оддалечил од Него. Таму има слабост, тука – упорствување. Таму душата скита во мрак, но барем жедува за светлина. А тука душата скита во мрак и мракот го нарекува светлина. Кога човек нема ниту најмала желба да се спаси, Бог не сака на сила да го спасува.

Друг вид хула против Светиот Дух е омразата кон животот и самоубијството. Светиот Дух се нарекува Подател на живот, Дарител на животот. Кога човекот го добие животот од Духот на животот, но кога не знае од каде го добил тој дар и не Му благодари на Бога, може да му се прости. Дури и кога некој го прими животот од Духот на животот и знае од Кого го добил тој дар, но сепак не благодари, и тогаш може да му биде простено. Но, кога некој го прими животот од Духот на животот и со презир го отфрли, на него нема да му се прости ниту на овој, ниту на оној свет. За да го разбереме тоа, треба најпрво да размислиме што значи „да биде простено“. Да му биде простено на грешникот значи да му биде вратена полнотата на животот, одново да му биде даден живот. Но, кога некој не го сака животот и дури и го мрази и презира животот, Бог нема што повеќе да му даде. Затоа го отпишува од Книгата на животот.

Моли се на Бога да те сочува тебе и твоите ближни од тие непростливи гревови, кои претставуваат безумен бунт на творението против Творецот.

Бог да ти даде здравје и да те помилува!

Извор: Какво е това хула срещу Светия Дух?

Извор: Маран Ата