Митрополит Американско - канадски г. Методиј

metodij.procka16.jpgВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!
Возљубени браќа и сестри, почетокот на вистинскиот пост е измирувањето. Токму  затоа и Господ кога Ги поучуваше своите ученици Тој најпрвин  им кажа што е потребно за да се подготват за вистински пост. Најпрвин да им ги простиме грешките на нашите ближни, зошто од тоа зависи и проштевањето на нашите гревови. Ние постојано на Бога Му се молиме да ни Ги прости гревовите како што и ние им ги проштеваме на нашите ближни. Со каква мерка мериме со таква ќе се мери, со каков суд судиме со таков ќе ни се суди.

Токму затоа започнувајќи го постот којшто е пат кон воскресението Господово коешто е исполнето со секогаш спомнуваната и никогаш незаборавна страст или  страдание Господово, со Неговото распнување, со Неговата смрт, со сето она што од љубов кон нас Го направи, сето тоа треба да го започнеме токму со тоа, со  измирувањето, зошто без вистински мир внатре во себе човек е тешко да пости. А пак за постот Господ вели: “ Измијте ги вашите лица, помажувајте ги вашите глави, не за да се покажете дека постите пред луѓето туку пред Бога” . Таа благоразумност и таа благообразност со којашто човекот треба да се украси за време на Великиот пост почнуваат и завршуваат токму со милосрдието. Зошто и во благоразумноста, значи во сето она што го размислуваме, сето она што го наумуваме, всушност е милосрдието. И во благообразноста, односно во делањето на милосрдни дела исто така  суштинско е милосрдието. А таа вистинска милостиња, тој вистински принос којшто треба да му Го принесеме на Бога служејќи им на своите ближни се започнува токму со тоа, најпрвин со измирувањето, а потоа и со сé она што Бог ни Го заповедал за постот: воздржувањето од секое зло, од секоја зла мисла, од секоја зла намера, од секое зло дело и се разбира пополнувањето на тоа место со секоја добродетел, со секое милосрдие, со сето она што можеме да Му Го принесеме на Бога, барем малку трудејќи се да  Му возвратиме за она што Тој нам ни Го дава,  а тоа е сé.

 Зашто заради нас Тој се воплоти, заради нас и страдаше, и умре, и заради нас воскресна и се вознесе на небесата, зошто на тој начин Го подготви патот за нашето спасение. Тој немаше потреба од тоа, имаше потреба само да ни ја покаже Својата љубов. И токму затоа и нашиот пост и нашето милосрдие и секое добро дело, тоа собирање на богатство на небесата, треба да биде за ништо друго, туку за да ја покажеме и за да ја возвратиме нашата љубов кон Бога. Амин.

 

Забележала: Елена Јаневска

Посети:{moshits}