Прва беседа


 


 
БЕСЕДИ ЗА СВЕШТЕНСТВОТО НА
НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ


Беседите за свештенството свети Јован Златоуст ги напишал во следниве околности. Во 371 година по Рождеството Христово, додека заедно со својот пријател и врсник Василиј* живееле далеку од светот, епископите се собрале во Антиохија и имале намера двајцата да ги постават за епископи. Веста за тоа стигнала и до нив, па свети Јован, сфаќајќи ја големата важност на презвитерското и епископското служење и сметајќи се себеси неподготвен за правилно исполнување на обврските како пастир на Христовата Црква, се скрил од сите, дури и од својот другар, кого го ракоположиле во чин епископ (веројатно во Ратана Сириска, близу до Антиохија). Набргу потоа Василиј се сретнал со свети Јован и пријателски го прекорил поради одбегнувањето на свештеничкиот чин, на што свети Јован прекрасно му одговорил со овие беседи за свештенството. Според тоа, беседите се напишани по 374 година, но пред 386 година, кога свети Јован веќе бил ракоположен за презвитер**.


ШЕСТ КНИГИ (БЕСЕДИ) ЗА СВЕШТЕНСТВОТО


ПРВА БЕСЕДА


1. Имав многу пријатели, искрени и верни, кои ги познаваа законите на дружење и строго ги почитуваа. Но меѓу сите нив има еден кој ги надминува во љубовта кон мене и толку ги надминува во тоа, колку што тие ги надминаа сите други, кои се рамнодушни кон мене. Тој секогаш беше мој неразделен сопатник: изучувавме исти науки и имавме исти учители. Подеднакво срдечно и ревносно се занимававме со реториката и имавме исти желби, кои потекнуваа од истите занимања. И не само додека одевме на училиште, туку и по училиштето, кога требаше да се посоветува и подобро да се избере животниот пат, и тогаш се покажа дека имавме исти мисли.

2. Покрај тоа, и други причини нашата едносушност ја правеа нераскинлива и чиста: не можевме да се гордееме еден пред друг со славата на татковината, и јас не изобилував во богатство, а и тој живееше во крајна сиромаштија, па мерката на нашиот имот беше исто толку еднаква, како и нашите чувства. И потеклото ни беше еднакво, и сето тоа придонесуваше за нашата слога.

3. Но, кога тој, блажениот, требаше да пристапи кон монашкиот живот и вистинската љубов кон мудроста, рамнотежата меѓу нас се наруши. Неговата чаша беше полесна па се подигна високо, а јас, сe уште врзан за овоземните стремежи, ја понижив својата чаша и ја спуштив на земја, исполнувајќи ја со младешки фантазии. И покрај сето тоа нашето пријателство остана цврсто како и порано, но беше прекинат нашиот заеднички живот, бидејќи не можат да живеат заедно оние кои живеат различно. Кога и јас малку се ослободив од животната бура, тој ме прими со раширени раце. Па и тогаш не можевме да ја повратиме поранешната еднаквост, бидејќи тој ме надмина и по време и по големата ревност, па пак стоеше над мене и достигнуваше голема висина.

4. Навистина, како добар човек кој го ценеше нашето пријателство, тој, отфрлајќи ги сите други, и понатаму го делеше со мене сето свое време, како што и порано сакаше, но сега пречка во тоа му беше мојата немарност. Оној кој беше врзан за судот и кој трчаше по сценските забави не можеше често да го минува времето со човек кој беше врзан за книгите и никогаш не излегуваше во град. Но, кога овие пречки се тргнаа, тој ме привлече кон живот каков што и самиот живееше и ја изрази желбата која одамна ја имаше во себе и веќе не ме оставаше ниту за миг, туку постојано ме убедуваше да ги напуштиме домовите и да се преселиме во заедничко живеалиште. Веќе ме беше убедил и малку недостасуваше сето тоа да се исполни.

5. Меѓутоа, постојаните совети од мајка ми ме спречуваа да му го овозможам тоа задоволство, или подобро кажано, да го прифатам тој дар од него. Кога таа дозна за мојата намера, липајќи ми рече: "Сине мој, јас не се удостоив долго да живеам со татко ти, така Му беше угодно на Бог[1]. Неговата смрт дојде бргу по твоето раѓање и ти остана сираче, а јас предвремена вдовица. А неволјата на вдовицата можат да ја знаат само оние кои ја почувствувале. Со никакви зборови не можат да се опишат бурите и страданијата што ги доживува младата девојка кога го напушта родителскиот дом и сe уште е неискусна во сe, а одненадеж ја потресе неподнослива тага, па е принудена врз себе да ги презеде грижите кои ја надминуваат и нејзината возраст и нејзината природа. Таа треба да го поправа она што слугите поради нивната мрзливост не го направиле како што треба, да ги предупредува заради лошото однесување, да им се спротивставува на интригите на роднините, храбро да го поднесува угнетувањето на бескрупулозните даночници. Ако по смртта сопругот и остави и дете, тоа и создава на мајката многу грижи, иако не создава трошоци и страв, но ако е син, таа секојдневно се плаши и има уште поголеми грижи. Да не ги спомнувам трошоците кои ги има ако сака да му овозможи добро воспитување. Па сепак, ништо од сето тоа не ме принуди да стапам во втор брак и да доведам друг сопрудг во домот на твојот татко. И покрај сите страданија и немири јас трпев и не побегнав од суровите искушенија на вдовството. Мене, пред сe, ме одржуваше помошта одозгора, а покрај тоа, голема утеха во моето страдание беше тоа што постојано го гледав твоето лице и во него како да го гледав пресликан живиот лик на твојот покоен татко. И затоа, додека беше сe уште мал и едвај можеше да гукаш, а тогаш децата им се посебно мили на родителите, ми носеше голема радост. Не можеш да ми кажеш ниту да ме обвиниш дека, храбро поднесувајќи го вдовството, сум го потрошила имотот на татко ти, како што можат да кажат многу несреќни сирачиња. Јас во целост го сочував целиот негов имот, а воедно не жалев пари за да ти овозможам најдобро воспитание, но тоа беа мои пари, кои ги понесов од родителскиот дом. Немој да мислиш дека сега ова ти го зборувам како прекор. Како замена за сето тоа, јас те молам да бидеш милостив кон мене и да не ме фрлиш во второ вдовство и во втора тага и онаа првата, која веќе се стиши, повторно да не ми ја распалуваш. Почекај ја мојата смрт. Можеби наскоро ќе умрам. Младите се надеваат дека ќе доживеат длабока старост, а ние старите не очекуваме ништо друго, освен смрт. Кога ќе ме спуштиш во земја и кога ќе ме соединиш со коските на татко ти, тогаш оди на далечни патувања и преплови ги сите мориња кои ќе сакаш. Тогаш никој нема да те спречува. Но, додека дишам јас, потрпи со мене. Не гневи Го залудно и без корист Бог, фрлајќи ме во таква неволја мене, која не ти направив никакво зло. Ако можеш да ме обвиниш дека те вовлекувам во овоземни грижи и дека те принудувам да се грижиш за себеси, бегај од мене како од злонамерник и непријател, не срамејќи се ниту од законите на природата, ниту од воспитанието, ниту од навиките, ниту од било што друго. Но, ако јас правам сe за да ти овозможам целосен мир во животот, тогаш, ако ништо друго, барем тие врски нека те задржат покрај мене. Иако ти велиш дека имаш многу пријатели, сепак никој од нив нема да ти овозможи таков мир, бидејќи не постои некој кој ќе се грижи за твојата благосостојба така како што јас се грижам".

6. Сето ова и уште многу друго ми зборуваше мајка ми и јас тоа му го пренесов на мојот благороден другар. Но, тој не само што не го промени мислењето, туку уште повеќе ме убедуваше да ја исполнам својата поранешна намера. Кога бевме во таква состојба и тој често ме наговараше, а јас не се согласував, одненадеж се разнесе глас кој и двајцата нe вознемири: се расчу дека нас двајцата сакаат да нe ракоположат во чин епископ. Штом ја слушнав оваа вест, ме обзеде страв и недоумица: страв да не ме земат против мојата волја, а недоумица, бидејќи постојано прашувајќи се од каде им на луѓето такво мислење за мене и задлабочувајќи се во себеси, јас не наоѓав во себе ништо достојно за таква чест. А мојот благороден другар дојде кај мене и насамо ми ја соопшти оваа вест, како јас да не ја бев слушнал, и почна да ме моли како и порано исто да мислиме и исто да правиме, уверувајќи ме дека тој од своја страна е подготвен да оди по мене, кој пат и да го одберам, дали да бегаме или да бидеме избрани. Тогаш, гледајќи ја неговата подготвеност и мислејќи за тоа каква штета ќе $ нанесам на целата црковна заедница ако заради својата немоќ го лишам Христовото стадо од едно прекрасно момче, способно да стои пред Бога за народот, јас не му ги открив своите мисли, иако никогаш од него не скривав ниту една мисла. Му реков дека разговорот за тоа треба да го одложиме за подоцна, бидејќи сега нема причина за брзање и така го убедив да не се грижи, туку цврсто да смета на мене како на истомисленик, доколку навистина нешто слично се случи со нас. По извесно време, кога допатува оној кој требаше да нe ракоположи, јас се скрив, а мојот пријател, кој за тоа не знаеше ништо, го одведоа под некој друг изговор и тој го прими врз себе тоа бреме, надевајќи се дека и јас, по моето ветување, секако ќе појдам по него, или уште подобро, мислејќи дека тој оди по мене. Некои од оние што присуствуваа, кога го видоа дека е тажен што така го доведоа, го фрлија во уште поголема недоумица, велејќи: "Ако оној кого сите го сметаа за похрабар (мислејќи на мене) со големо смирение се покори на одлуката на отците, тогаш не е праведно овој, кој е благоразумен и скромен, да се противи и да се гордее, упорно да одбива и да противречи". Тогаш тој ги послуша овие зборови, но кога дозна дека јас побегнав, дојде кај мене во голема тага, седна покрај мене и сакаше нешто да ми каже, но толку му беше тешко на душата што не можеше со зборови да ја изрази својата тага, туку само се обидуваше нешто да изусти и веднаш застануваше, бидејќи тагата му го прекинуваше говорот, пред нешто да каже. Кога го видов во солзи и во голема мака, и знаејќи ја причината, јас со смеа го изразив своето огромно задоволство и го фатив за рака и ја целивав, славејќи Го Бога што моето лукавство донесе толку добар плод и тоа таков каков што од секогаш сакав. Тој кога го виде моето задоволство и восхит, дозна дека јас уште пред тоа го употребив ова лукавство и уште повеќе се натажи.

7. Кога бурата во неговата душа малку се смири, тој рече: "Ако веќе ме презре и не обраќаш на мене никакво внимание, иако не знам зошто, би требало барем да се погрижиш за својата чест. Сега на сите им ја отвори устата, сите зборуваат дека заради гордоста си ја отфрлил оваа служба и нема никој кој би те заштитил од ваквото обвинување. А јас не смеам ниту да излезам во град, толку многу луѓе доаѓаат и ме прекоруваат секој ден. Некои познаници, штом ќе ме видат некаде во град, ја вртат од мене главата, но повеќето ме опсипуваат со прекори: ‘Ти – велат – си ги знаел сите негови мисли, бидејќи тој од тебе не криеше ништо што се однесуваше до него. Не требаше ти да ја криеш од нас оваа негова намера, туку да ни ја кажеш, па ние секако би презеле мерки за да го фатиме’. А јас црвенеам и ми е срам да им кажам дека и на мене ми беше непозната оваа твоја намера, бидејќи тогаш тие би помислиле дека нашето пријателство било лицемерно. Ако е така, а по оваа твоја постапка и самиот ќе признаеш дека е така, тогаш од другите луѓе, кои колку-толку нe познаваат,треба да се скрие овој наш нечесен однос. Јас не се осмелувам да им ја кажам вистината за нашето пријателство, па сум принуден да молчам и да гледам в земја, да се кријам и да ги одбегнувам оние кои ми идат во пресрет. Дури и ако го избегнам првиот прекор (заради неискреното пријателство), секако нема да го избегнам прекорот заради лагите. Тие никогаш нема да ми поверуваат дека ти и Василиј го изедначи со другите, кои не треба да ги знаат твоите тајни. Впрочем, јас и не се грижам многу заради тоа: така ти било угодно. Но, како да го поднесеме срамот од останатите обвинувања? Едни ти припишуваат гордост, а други славољубие. А оние понемилосрдните ни ги припишуваат и едното и другото, и уште додаваат дека сме ги навредиле оние кои нe бирале, за кои пак велат: ‘Го заслужија овој срам, и уште поголем од овој, бидејќи оставија толку почитувани луѓе, а избраа момчиња кои, така речено, до вчера се валкаа во овоземните грижи, па само на кратко направија сериозно лице, ги облекоа своите сиви костуми и се преправаат како да се смирени, и веднаш ги воздигнаа на толкава висина и им дадоа толкаво достоинство, за какво што не беа ниту сонувале. А оние кои од мали, па сe до длабока старост не отстапуваат во своето подвижништво, остануваат меѓу потчинетите, а сега им заповедуваат деца, иако сe уште не слушнале за законите со кои треба да се раководат во управувањето’. Постојано ме опсипуваат со такви и уште полоши прекори, а јас не знам со што да се заштитам од тоа. Те молам, кажи ми. Мислам дека не, туку така, без причина, побегна и отворено објави противење на толку големи луѓе, туку секако си се одлучил на такво нешто со некоја осмислена и јасна цел. Од тоа јас заклучувам дека имаш подготвени зборови за оправдување. Кажи, каква оправдана причина можеме да им изнесеме на нашите обвинители? А тоа што со мене постапи неправедно, јас не те обвинувам, ниту за измама, ниту за предавство, ниту за мојата наклонетост, која ја имаше цело време. Јас, така да кажам, душата своја ја донесов и ја предадов во твои раце, а ти толку лукаво постапи со мене, како да треба да се чуваш од некакви непријатности. Ако признаваше дека таа намера (изборот за епископ) е корисна, тогаш не требаше да се лишуваш од таквата корист. А ако е штетна, тогаш од таквата штета требаше да ме зачуваш и мене, кој, според твоите зборови, бев поважен од сите. А ти направи сe јас да паднам во замката и не се стеснуваше од никаква препреденост и лицемерие против оној, кој е навикнат со тебе да разговара и да постапува едноставно и без лукавост. Впрочем, како што веќе реков, јас тебе воопшто не те обвинувам заради тоа, и не те прекорувам заради осаменоста во која ме остави прекинувајќи ги разговорите од кои често имавме голема корист и радост. Сето тоа јас го оставам и го поднесувам кротко и молчејќи, но не затоа што мислам дека твојата постапка со мене беше кротка, туку затоа што од првиот ден на нашето пријателство си одредив правило никогаш да не те наведувам на самооправдување заради она со што би сакал да ме повредиш. Дека ми нанесе голема штета, знаеш и самиот, само ако се сеќаваш што зборуваа другите секогаш за нас и што ние за себе зборувавме, т.е. дека е многу корисно за двајцата ако бидеме еднодушни и ако се оградуваме со заемна љубов. Другите зборуваа дури дека нашата едносушност за многумина ќе биде од голема корист, иако јас никогаш не мислев дека можам да им бидам од корист на другите, но зборував дека така барем ние ќе имаме голема корист, бидејќи ќе бидеме недостапни за оние кои сакаат да нe напаѓаат. Никогаш не престанав да те потсетувам на тоа. Сега е тешко време, има многу злонамерни луѓе, веќе нема искрена љубов, нејзиното место го зазеде погубната омраза. Ние минуваме меѓу мрежи и одиме по бедемите на градот (Исус Сирахов, 9, 18). Има многумина кои се подготвени да им се радуваат на нашите неволји, тие се насекаде околу нас, а нема никој да сочувствува со нас, или пак се многу малку. Внимавај со ова одделување еден ден да не навлечеш врз себе голем потсмев и уште поголема штета. "Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како силна тврдина" (Изрек. 18, 19). Немој да го раскинуваш тоа единство, немој да го рушиш тој бедем. Постојано ти го зборував ова, и повеќе од ова, но ништо не предвидував, сметајќи го твоето пријателство потполно здраво, туку тоа го зборував во занес, нудејќи му лек на здрав човек. Но, изгледа дека и не знаејќи му давав лек на болен. И така, јас, бедниот, не постигнав ништо и немав никаква корист од својата грижливост. Ти одненадеш сето тоа го отфрли. Ни не помисли дека ме пушташ како брод без товар во бескрајното море, не помисли ниту на опасните бранови со кои треба да се борам. Ако се случи од некоја страна да одекне клевета за мене, потсмев или некоја друга навреда и нетрпеливост (а тоа мора често да се случува), кому ќе се обратам? Кому ќе му се пожалам? Кој ќе сака да ми помогне, да ги одбие клеветниците и да ги натера повеќе да не ме навредуваат, а мене да ме утеши и да ме зацврсти во поднесувањето на туѓите непристојности? Нема никој, бидејќи ти многу се оддалечи од оваа сурова борба и не можеш ниту гласот да ми го слушнеш. Знаеш ли колкаво зло направи? Признаваш ли, барем по поразот, каков смртен удар ми нанесе? Но, да го оставиме тоа. Она што е направено не може да се поправи, ниту пак од безизлезна ситуација може да се најде излез. Туку, што ќе им кажеме на другите? Со што ќе се браниме од обвиненијата?

8. Златоуст: Биди спокоен – му одговорив. Подготвен сум да одговарам не само за тоа што ме прашуваш, туку и за она за што ми простуваш, ќе се обидам да се оправдам колку што можам. И ако може, најпрво од тоа ќе ја почнам својата одбрана. Јас би бил многу неразумен и неблагодарен ако се грижам за мислењето на другите луѓе и би преземал секакви мерки за да ги запрам нивните прекори упатени кон нас, а при тоа ако не можам да го уверам во својата невиност, оној, кој за мене беше помил од сите и кој толку ме штедеше, не сакајќи дури ниту да ме обвини за она, за што, според неговите зборови, сум му згрешил. Би бил неразумен ако моето внимание кон него е помало од неговата грижа за мене, бидејќи тој не се грижи за него, туку уште продолжува да се грижи за мене. Значи, со што те навредив? Од ова прашање имам намера да запловам во морето на одбраната. Со тоа ли што употребив итрина кон тебе и ја скрив својата намера? Но тоа послужи и на твоја корист, иако беше измамен, а и на корист на оние, на кои со своето криење те предадов. Ако криењето во секој поглед е зло и ако никогаш не треба да се практикува, дури и ако служи на корист, тогаш сум подготвен да прифатам казна каква што ќе посакаш, или уште подобро, бидејќи никогаш не сакаше да ме казнуваш, самиот ќе се казнам така како што судиите ги казнуваат злосторниците фатени на дело. Но, ако криењето не е секогаш штетно, туку може да биде добро или лошо, во зависност од намерите на оној кој се крие, тогаш немој да ме обвинуваш бидејќи си измамен, туку докажи дека таа итрина беше употребена на зло. А додека тоа не се докаже, не само што не треба да се прекорува и обвинува, туку би било праведно дури и да се пофали таквиот за итрината, ако некој сака да биде благодарен. Благовремената итрина, направена со добра намера, носи таква корист што многумина често биле казнувани бидејќи не употребиле итрина. Ако сакаш сети се на најголемите војсководци, почнувајќи од далечното минато и ќе видиш дека нивните трофеи најчесто биле под итрина и дека тие повеќе се прославувале од оние кои победувале со непосредна сила, бидејќи овие вторите победувале со големи загуби на пари и луѓе, така што немаат никаква корист од својата победа и како победници живеат во иста немаштија како и победените, бидејќи војската им е истребена, а резервите потрошени. Покрај сето тоа, тие не можат целосно да живеат во победничката слава, бидејќи голем нејзин дел понекогаш им припаѓа и на победените, зашто се победени само по тела, а не и по дух. Бидејќи, кога би било можно да не паѓаат од ударите и кога не би умирале, тие никогаш нема да ја загубат својата смелост. Но, оној што ќе победи со лукавство, истовремено го изложува непријателот и на неволји и на потсмев. Во првиот случај и едните и другите (и победниците и победените) се пофалени за храброста, а во вториот случај не е така, туку трофејот во целост им припаѓа на победниците, а не е неважно и тоа што тие, покрај трофејот, во својот град донесуваат и голема радост, предизвикана од беспрекорната победа. Многу пари и многу луѓе не е исто како и разумната душа, бидејќи тие се трошат кога постојано се употребуваат во војна, а оние кои се служат со нив бргу остануваат без сe, додека разумната душа со употребата станува сe поголема. Ова не е така само во војна. И за време на мир можат да се најдат случаи на голема и неопходна корист од итрина, и тоа не само во работи значајни за општеството, туку и во домаќинството, во односот маж - жена и жена - маж, татко и син, пријател и пријател, дури и во однос на децата кон таткото. Така ќерката на Саул никогаш не би можела да го спаси својот маж од рацете на Саул ако не употребила итрина кон својот татко, а нејзиниот брат (Јонатан), сакајќи веќе спасениот да го спаси и од нови опасности, го употребил истото средство како и жената на Давид (1. Цар. 19, 20 глава).
Василиј рече: Сето тоа не се однесува на мене. Јас не сум ниту непријател, ниту противник, ниту сум од оние кои сакаат да нанесат навреда, туку токму спротивното. Сите свои мисли секогаш ти ги доверував тебе и постапував така како што ти заповедаше.

9. Златоуст: Но, добар мој, затоа и реков дека не е така само во војна и против непријателите, туку и за време на мир, според неволјите, понекогаш е корисно да се употреби лукавство. За да се увериш колку понекогаш тоа им е корисно не само на оние што го употребуваат, туку и на оние кон кои е насочено, оди кај некој лекар и прашај го како ги лекува болните, па од него ќе слушнеш дека некогаш не е доволна само нивната вештина, туку понекогаш употребуваат и итрина и со нејзина помош им го враќаат здравјето на болните. Кога заради тврдоглавост на болниот и покрај тежината на болеста советите на лекарите стануваат бескорисни, тогаш, по неопходност, лекарите се служат со лукавство, за со помош на него, како на сцена, да ја скријат вистината. Ако сакаш, ќе ти раскажам за една од многуте итрини кои, како што имам слушнато, ја употребуваат лекарите. Еден човек одненадеж добил силна треска и температурата сe повеќе растела. Меѓутоа, болниот ги одбивал сите средства со кои би можела да му се намали температурата. Наместо тоа, барал и ги преколнувал сите кои му приоѓале, да му ја исполнат желбата и да му донесат вино, за со него да ја згасне жедта што го мачела. Но, ако некој се согласел да му го овозможи тоа задоволство, не само што ќе му ја засилел треската, туку кај несреќникот би предизвикал и помрачување на умот. Овде сите лекарски знаења станале беспомошни, но затоа применетата итрина дејствувала силно, како што сега ќе слушнеш. Лекарот зел глинен сад, тукушто изваден од печка, го потопил во вино, но бил празен и во него ставил вода. Наредил собата на болниот да се замрачи со темни пердиња, за да не се забележи неговата итрина, а потоа му дал на болниот да пие од садот, како да е наполнет со вино. Болниот, привлечен од мирисот на виното, го зел садот в раце и без да проверува што има внатре, воден од силната жед и измамен од мирисот и полумракот, алчно испил сe што имало во садот. Штом се напил, веднаш почувствувал олеснување и ја избегнал опасноста во која се наоѓал. Ја гледаш ли користа од итрината? Но, ако ги набројувам сите итрини на лекарите, разговорот не би имал крај. Може да се каже дека, итрината не ја користат само оние кои го лекуваат телото, туку, честопати и духовните лекари. Така блажениот Павле привел кон Христа илјадници Јудејци (Дела 21, 20-26). Со таа намера го обрезал Тимотеј, додека на Галатјаните им пишувал: "Ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне" (Гал. 5, 2). Заради тоа тој бил под законот, иако оправдувањето на законот сметал дека е штета во споредба со верата во Христа (Филип. 3, 7-9). Голема е силата на таквата итрина, само ако не се употребува со лоша намера, или подобро речено, такво нешто и не треба да се нарекува итрина, туку претпазливост, благоразумност и вештина на изнаоѓање излез од безизлезна состојба и исправување на душевните недостатоци. Така јас Финес нема да го наречам убиец, иако со еден удар прободел двајца (4. Мојс. 25, 8), како ни Илија заради стотиците убиени војници со нивните педесетници и заради обилниот поток од крв кој го пролил убивајќи ги жреците демонски (2. Цар. 1 глава; 1. Цар. 18 глава). Ако тоа не го забележуваме и ако гледаме само на човечките дела, не обрнувајќи внимание на нивните намери, тогаш некој и Авраам може да го обвини за чедоморство, а неговиот внук и потомок за злочин и за измама, бидејќи некој (Јаков) го освоил првородството (на својот брат), а некој (Мојсеј) ги пренел египетските ризници во израелската војска (1. Мојс. 27; 2. Мојс. 12, 35-36). Не, не! Нема да си дозволиме таква дрскост! Ние не само што не ги обвинуваме, туку и ги прославуваме заради тоа, бидејќи Бог ги пофалил заради тоа. Измамник треба да се нарече оној кој злонамерно го употребува тоа средство, а не оној кој така постапува со здрав разум. Честопати е потребно да се примени итрина за со неа да се донесе голема корист, додека човекот кој оди само право, честопати му нанесува голема штета на оној од кого не ги крие своите намери.


--------------------------------------------------------------------------------

* Овој Василиј би можел да биде епископот рафанејски, бидејќи Рафанеја е блиску до Антиохија во Сирија, каде што Златоуст тогаш живеел.
Црковниот историчар Сократ Схоластик (петти век) мисли дека овој Василиј бил свети Василиј Велики. Но, тоа не може да биде тој, бидејќи свети Василиј Велики е постар од Златоуст и не бил школски другар на Златоуст, а и не е ракоположен во Антиохија, туку во Кесарија. Цариградскиот патријарх Фотиј (+891.г.) мисли дека тоа е Василиј Селевкиски, кој бил на Четвртиот (Халкидикиски) вселенски собор во 451 година, значи, многу помлад од Златоуст. Според тоа, не може да биде ниту тој. Други сметаат дека тоа е Василиј Рафанејски, кој се потпишал на актите на Вториот вселенски собор одржан во Цариград во 381 година. Тој би можел да биде Василиј за кого Златоуст пишувал.
** Свети Јован Златоуст бил ракоположен за презвитер од Флавијан, епископот антиохиски, во почетокот на 386 година. На оваа книга "Шест беседи за свештенството" на крајот е додадена и Златоустовата беседа по ракополагањето за презвитер. Оваа беседа се нарекува негова прва беседа која ја кажал во црква. Таа се однесува на "самиот себе, на епископите и на народот".




[1] Антуса, мајката на свети Јован Златоуст, останала вдовица во својата дваесетта година.




 

Посети: {moshits}