На празникот на Обрезание Господово и на свети Василиј Велики, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на свети Макесим Исповедник и свети Григориј Палама во Стар Дојран.

Во она време, се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него (Лука 2, 20–21; 40).

 naum.obrezanie.jpg

Во беседата на денешното евангелие, Владиката рече:

„За полесно да го сфатиме настанот на обрезанието на Богочовекот Христос најнапред треба да се потсетиме на две работи. Прво, на зборовите Христови: немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам дури постојат небото и земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ (Матеј 5, 17–18). И второ, сѐ што Богочовекот во Божјиот Домострој направи, за нас и наше спасение го направи, а не за Самиот Себе.

Читајќи го денешното евангелие се потсетив на молитвата која ја изговараме на крајот на Божествената Литургија пред светиот Путир на жртвеникот: Христе Боже наш, Ти Самиот си исполнување на Законот и Пророците; Ти си го исполнил сиот спасителен домострој на Отецот, исполни ги со радост и веселост нашите срца, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Ако внимателно ја погледнеме оваа молитва во неа ќе ги препознаеме историските периоди на Стариот и Новиот Завет како и бесконечниот период на Царството Небесно, кој веќе е и уште не е. Со јазикот на православната теологија овие периоди уште се наречени: ‘Сенка’, ‘Икона’ и ‘Вистина’. Што се однесува до нашиот личен (и соборен) духовен живот, овие периоди одговараат на трите нивоа од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на целата личност, и душа и тело. Токму заради поврзаноста со овие три нивоа би сакал да позборуваме за денешново евангелие.

            Ако сакаме да видиме на кое ниво од духовниот развој се наоѓаме односно дали сме на ниво на очистување или просветлување односно дали живееме согласно Стариот или Новиот Завет треба само да провериме чии критериуми исполнуваме. Секако тука има и многу нијанси во однесувањето односно дали воопшто се подвизуваме или не и каква е нашата прва реакција после претрпената повреда на нашата суета и високо мислење за самите себе. Еве што вели Стариот Завет: На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој; прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи. И кој удри човек и умре, да биде умртвен (3 Мој. 24, 19–21). А еве што вели Новиот: Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот (Матеј 5, 39). Сте слушале дека е кажано – ‘љуби го својот ближен и мрази го непријателот’. А Јас, пак, ви велам: ‘љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат’ (Матеј 5, 43–44). Мислам дека со малку искреност и самокритичност лесно ќе дојдеме до одговорот.

За оној што не сака (а не дека не може) да биде самокритичен, важат зборовите на светиот Првомаченик Стефан: тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие (Дела 7, 51). Дообјаснети од светиот Апостол Павле овие зборови значат дека: не е Јудеец оној, кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието, кое е надворешно врз плотта, туку оној, кој е внатрешно таков; и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква: него ќе го пофалуваат не луѓето, а Бог (Рим. 2, 28–29).

Секако постојат и уште појасни критериуми за тоа на кое духовно ниво се наоѓаме, кои вие ги знаете, а тоа е дека на првиот степен од духовниот развој молитвата може да биде само усна и умна, како што на вториот степен молитвата може да биде и умно-срдечна. На третиот степен молитвата може да биде само непрестајна умно-срдечна. Но, овој пат ова не е централната тема.

Добро е да се потсетиме сите и никогаш да не губиме од предвид дека што се однесува до вообичаениот духовен развој не е возможно прескокнување од едно на друго ниво без да се помине и исполни претходното: Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во Царството Небесно (Матеј 5, 20). Овие зборови не значат ништо друго освен дека ако доволно не го очистиме срцето од страстите никогаш нема да го добиеме Божјиот дар на ‘отворање на срцето’ и никогаш нема нашиот ум молитвено да влезе низ тесната врата на срцето која води во Царството Небесно.“

(според записот на сестрите)

Посети: {moshits}