Sv.Kiril.Metodij.Glaolica6

    Корона-пандемијата можеби го спречи чествувањето на гробот, но не и славењето на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Без разлика на тоа дали ќе има или не формални настани за одбележување на Денот на словенската и македонската писменост, поради светската пандемија на коронавирусот, непроценливата вредност на делото на светите рамноапостоли останува врежан темел на денешната македонска современа духовност искажана на свој јазик и свое писмо. Поклоненијата на гробот на светите браќа Кирил и Методиј се само еден од облиците на почит кон нивното дело, што и ако една година се пропушти поради виша сила, не ја менува суштината на она што е светска и словенска вредност и придобивка.

Сепак, сѐ повеќе е јасно дека оваа година нема да се случи традиционалното чествување на светите Кирил и Методиј во Рим, Италија, со положување цвеќе во базиликата „Санта Маџоре“, како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“, од страна на македонската државна и црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски. Имајќи ја предвид пандемијата на ковид-19, како и здравствените предизвици со кои се соочува Италија, Кабинетот на претседателот донел одлука дека одбележувањето ќе го поместат во втората половина на оваа година, на соодветен ден и датум, кога условите ќе го овозможат тоа.
Сепак, делото на светите браќа ќе продолжи да се слави, најмногу од словенските народи.

Епохалниот подвиг на св. Кирил и Методиј да се изборат за еднаквост на словенската богослужба, книжнина и писменост во глобалниот христијански духовен и цивилизациски феномен претставува извор од кој протекол идниот тек на афирмацијата на словенската цивилизациска свест, еднакво кај сите словенски народи, меѓу кои и кај македонскиот.
Професорот д-р Илија Велев, медиевист и византолог од Институтот за македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, вели дека повеќеслојната историска претстава за св. Кирил и Методиј нема докрај да биде проследена и културолошки презентирана доколку не се согледа и нивната улога како устроители на првото словенско писмо – глаголицата, но и како кодификатори на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик.

– Ваквиот висок цивилизациски и културолошки чин се иницирал и се реализирал во функција на подготовките и спроведувањето на т.н. Моравска мисија, која со политичка одлука била одобрена од византискиот императорски совет уште во 862 година, а се одвивала во периодот меѓу 863 и 885 година. Но за успешното спроведување на мисионерскиот чин за словенско просветителство првовремено се испречил проблемот што сè уште немало устроени словенски букви. Всушност, еден период по христијанското покрстување, Словените правеле обиди да пишуваат на својот јазик, но „без устројство“, т.е. без да имаат свое словенско писмо.

Таков бил случајот кога во својство на управител на словенското кнежевство во Македонија, св. Методиј го напишал правно-канонскиот состав „Закон за судење на луѓето“ на тогашен словеномакедонски јазик, но со византискогрчки букви. Затоа, по седум-осум години за потребите на словенската мисија во Моравија следувала приоритетната обврска да се устрои словенско писмо, да се стандардизира богослужбен и книжевен старословенски јазик, а и да се преведат од византискогрчки нужните богослужбени и проповедно-поучни книги. Таквата одговорна и историска улога ја предводел св. Константин – Кирил – посочува професорот Велев.

Христијанството како инспирација за буквите

Токму во родниот град Солун, св. Кирил и Методиј, според професорот, имале идеални услови да ги спроведат подготовките за почетоците на словенската писменост.
Според него, во палеославистиката секогаш е актуелно прашањето како светите Кирил и Методиј ја устроиле словенската азбука, а истовремено и како го стандардизирале старословенскиот (црковнословенски) богослужбен и книжевен јазик.
– Првата стандардно устроена словенска азбука, глаголицата, настанала како резултат на стручна филолошка работа, при која се имале предвид искуствата од писменото функционирање на повеќе туѓи азбуки. Во тој прилог оди и констатацијата дека св. Кирил познавал повеќе писма, како на пример византискогрчкото, еврејското, арапското, римолатинското, египетското, готското и др.

Но устроеното и стандардизирано словенско писмо глаголица по форма било оригинално и во него немало механички позајмени графеми (знаци или букви) од друга азбука, иако во извесна смисла ги поддржувало основните методолошки пристапи од византискогрчкото или од еврејското ортографско искуство. Во тој контекст се мисли на почнувањето на азбуката со буквата А, редоследот на буквите (а меѓу нив соодветно се подредени знаците за карактеристичните словенски гласови), секоја буква има и бројчена вредност (новите словенски графеми имале соодветни бројчени вредности, при што и следува нивното несовпаѓање во однос на византискогрчките графеми), секоја словенска буква има свој назив (но главно тој бил преземен од словенскиот јазик).

Глаголицата се устроила според основниот фонетски принцип – за секој глас да има соодветна графема, т.е. знак. Исто така, до израз дошло и вештото стилско оформување на структурните форми на тоа писмо, во чија основа доминираат елементите на крстот (симболот на христијанството), триаголникот (симболот за света Троица) и кругот (бескрајноста на божеството). Тоа сведочи дека словенската азбука настанала како резултат на стилска промисленост и на семантичко-семиолошка инвентивност и елоквентност. Но за оваа пригода треба да се истакне и определбата на глаголицата како иконично писмо, преку кое симболично се манифестирала актуелната идеологија на времето кога настанало првото словенско писмо – по поразот на иконоборството во 843 година и повторната канонска официјализација на иконопочитувањето -објаснува Велев.
Од аспект на нашево современо проследување, професорот посочува дека првата устроена словенска азбука, глаголицата, треба да се прифати како конкретна писмена појава произлезена од барањата на определената историска неопходност во 862/863 година.

– Едноставно еволуцијата на тоа време ја отворила вратата за влез на словенската писменост во новите цивилизациски прелевања и односи меѓу народите во Европа, афирмирајќи се како трета христијанска цивилизација и култура словенската – веднаш по византискогрчката и по римолатинската. Со глаголицата почнале да се пишуваат првите преведени книги на старословенски јазик, а тие се применувале при воведувањето на словенската богослужба во Моравија. Пред сè, се превеле изборни текстови од евангелието, апостолот, псалтирот и неопходните служби (празничниот минеј). Се посветило големо внимание и на просветувањето ученици, за да научат да читаат, да пишуваат и да богослужбуваат на словенски јазик. Од поталентираните ученици произлегувале книжевници, кои пишувале, преведувале или препишувале книги за потребите на словенската богослужба или за проповедите по храмовите. Од редот на учениците произлегло словенското свештенство во Моравија. Сево ова било резултат на интензивната просветна, книжевна, но и на проповедната дејност што ја вршеле светите браќа уште од самото доаѓање во Велеград, престолнината на Моравија – нагласува Велев.

Апостоли на Европа

Инаку, особено дошло до израз спроведувањето на богослужбената и на проповедната дејност, зашто за краток период се превел на старословенски јазик целиот богослужбен чин (за утрената, часовите, малата и големата вечерна, литургијата), кој веќе во Моравската црква се практикувал според источноправославниот типик.
– Св. Кирил бил обвинет дека ги нарушува светите позиции на традиционалната духовна и писмена цивилизација во христијанскиот свет да се пишува и да се проповеда на трите јазици: староеврејски, римолатински и византискогрчки. Ваквата тријазична доктрина не била продукт на времето во кое дејствувале св. Кирил и брат му св. Методиј. Официјалниот јазик во источното христијанство бил византискогрчкиот, а во западното исклучително се восприемал римолатинскиот.

Токму во втората половина од IX век тријазичната доктрина се нашла пред јавна демистификација, на која жестоко ѝ се спротивставиле токму св. Кирил и брат му св. Методиј. Особено дошол до израз јазичниот полемички судир во Венеција на св. Кирил, кој се поставил во одбрана на словенскиот јазик, кога приврзаниците на учењето за трите јазици во христијанството ги нарекол со називите тријазичници или пилатовци. Тоа учење го сметал за нехумано, за што и со огромен ентузијазам се впуштил во борба против тријазичниците – проектирајќи го новиот хуманизам во духовниот и во културниот однос за рамноправноста на јазиците и за еднаквоста меѓу народите – објаснува професор Велев.

Сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, денес во современиот свет се единствените личности што може да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа. Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)