СПОМЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОЛАЈ ЧУДОТВОРЕЦ АРХИЕПИСКОП НА ЛИКИСКИОТ ГРАД МИР
Божествената благодат на духот те посветиза архиепископ на градот Мир со божественото миро, и со благиот мирис на добродетелите ги освежуваш краиштата на вселената; со твоите, пак, слаткодахновени молитви постојано ги прогонуваш злосмрадните страсти. Поради тоа, Николае, со вера те фалиме и твојот сесвет спомен го прославуваме.
Кондак, глас 3.
Светителу, во градот Мир се покажа како вистински свештенодејствител: откако го исполни Христовото Евангелие, преподобни, ја положи душата своја за луѓето твои, и од смрт ги спаси невините; поради тоа се освети, како голем тајник на Божјата благодат.
Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски
Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив. Св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.