SOBOR.na.Site.Makedonski.svetiteli

Собор на сите македонски Светители

 
        Првата недела од месец октомври си спомнуваме за сите македонски светители, меѓу кои се и светите солунски и сесловенски браќа Кирил и Методиј, богомудри и рамноапостолни, свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, свети Гаврил Лесновски, свети Григориј, епископ Охридски, свети Прохор Пчински, свети Јоаким Осоговски, свети Јосиф, архиепископ Солунски, свети Агатангел Битолски, свети Георгиј Кратовски, света Кирана Солунска, свети Никита Серски, света Матрона Солунска, свети Јован Кукузел, свети Александар Солунски,

свети Еразмо Охридски, свети Нектариј Битолски, свети Анастас (Спасо Радовишки), света Васа Солунска, света великомаченичка Злата Мегленска, свети Ефтимиј Солунски, свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици, свети Роман, епископ Македонски, свети Николај, архиепископ Солунски, свети Зиновиј и Зиновија Егејски, света Тесалоникија, свети Ангел Лерински, свети маченик Христо, свети Никодим Охридски, преподобен Петар Мегленски, преподобен Иларион Мегленски, преподобен Акакиј Серски, преподобен Дионисиј Костурски, преподобен Јаков Костурски, преподобен Петар Атонски, преподобен Теофил Струмички, преподобен Давид Солунски, преподобен Атанасиј Атонски, преподобен Никодим Елбасански, преподобен Јован Рилски и мноштво други кои засветиле во подвигот на овие македонски простори.

 01.10.2023

Свети Евмениј, епископ Гортински на Крит

Од младоста сесрдно одеше по Христа, ослободувајќи се од двете големи бремиња: од бремето на богатството и од бремето на телото. Од првото бреме се ослободи раздавајќи го сиот свој имот на ништите и на сиромасите, а од другото со голем пост. И така се исцели прво себеси, па потоа почна и на другите да им дава исцеление. Бестрастен и исполнет со благодат на Светиот Дух, Евмениј заблесна со светлина којашто не може да се скрие. Па како што е напишано дека не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14) така не можеше и Свети Евмениј да се скрие од светот. Како епископ тој управуваше со стадото Христово како добар пастир. Им беше татко на сираците, богатство на ништите, утеха на нажалените, исцелител на болните и прекрасен чудотворец. Со молитвата вршеше бројни чуда: умртви една опасна змија, изгонуваше демони, исцелуваше болни, и тоа не само во своето место туку и во Рим и Тиваида. Во Тиваида со молитва испроси дожд од Бога во време на суша; и таму најпосле го заврши својот земен живот и се пресели во вечните живеалишта на својот Господ. Живееше и дејствуваше во 7 век.

Тропар
Милостив Евмение, пастиру Христов, со помош Божја себе најпрво се излечи, соблекувајќи го стариот човек телото го умртви, осиромашувајќи за светот, во Христа се обогати, моли се ти кој за стадото душата ја полагаше да се спасиме по твоите свети молитви.

Светата маченичка Аријадна

Во градот Промиса во Фригија во времето на царот Адријан живееше еден поседник Тертил, незнабожец. Девицата Аријадна му беше робинка, а беше христијанка. Тертил приреди големо жртвопринесување на идолите, на коешто благочестивата Аријадна не отиде туку остана дома молејќи Му се на вистинскиот Бог. Нејзиниот господар се разгневи на неа заради ова и почна да ја присилува да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Но бидејќи Аријадна одби да го направи тоа, тој ја изнамачи биејќи ја и на разни други начини, па ја фрли во затвор. Потоа ја пушти од затворот, но ја избрка од дома. Но набрзо се премисли што ја пушти, па испрати слуги да ја фатат и да ја вратат. Аријадна веќе се беше одалечила од градот. Кога ги виде гонителите, таа му се помоли на Бога при една голема карпа и карпата се отвори и ја прими Аријадна. Од ова слугите се збунија, се раскараа меѓу себе и еден со друг се испоубија.

Тропар
Го сокри Христос во срцето твое, о Аријадно, света девственичке, а Он те заштити во љубовта Негова, и дом ти припреми во вечноста, света маченичке. Тварта гласот на благодатните молитви твои го пренесе пред Господа, и земјата ја сокри убавината, која Небото сега ја прославува. На тие молитви и ние се надеваме, милост да имаме пред Бога.

Светиот маченик Бидзин, кнез Грузиски

Пострада за Христовата вера од шахот Абас II заедно со своите роднини Елисбар и Шавел, во 1661 година.