nedela-na-mironosicite-2022-017

НЕДЕЛА НА ЖЕНАТА САМАРЈАНКА
Видете какви необични сведоци на Своето Воскресение поставува Господ пред нас, пред лицето на човечкиот род. Кого? Блудница! – Еве ја жената Самарјанка – шест мажи сменила, и неа Господ ја направил Апостол и сведок на Својата Божествена сила, на Своето Воскресение.
 Го слушнавте денес Светото Евангелие: Спасителот, изморен од патот, доаѓа на еден извор, а жената Самарјанка доаѓа по вода. Меѓу нив се развива разговор, божествен и чуден. Спасителот ѝ ја открива на Самарјанката тајната на Своето доаѓање во светот, тајната на Живата Бода. А околу нас, луѓето, сè е мртво.
Се зачудила жената Самарјанка: „Каква е таа вода? Дај ми од неа, Господи, да не ожеднам повеќе, да не доаѓам на овој извор“. „Јас ти говорам за водата на Вечниот Живот, водата жива… која тече во Животот Вечен“. И Тој со право вели: „Кој е жеден нека дојде при мене и нека пие, и од неговото тело ќе потечат реки од живата вода и ќе го одведат во Животот Вечен“.
Под вода жива Господ мислел на Духот Свет. И кога со неа го напоил светот, кога Светиот Дух слегол врз Апостолите, тогаш луѓето навистина започнале да пијат жива вода, вода која лечи од смртта, вода која секоја смрт ја изгонува, вода која дава бесмртност и живот вечен.
Почувствувала жената Самарјанка дека пред себе има еден Пророк, и возбудена и збунета таа Му одговара: „Знам, тоа што Ти го говориш нам ќе ни го објави Месијата, Спасителот, Кој треба да дојде во овој свет“. И Спасителот тогаш одговара: „Јас Сум, Кој говорам со тебе“. Внимавајте браќа, Господ ја кажува тајната на Својата Личност на жената блудница. Никому дотогаш не Се објавил и покажал Себеси на тој начин. „Јас Сум, Кој говорам со тебе“.
Како тврдење, и необично, и страшно! Самарјанката Фотина почувствувала дека нешто големо се случува со неа и во неа. Потрчала во градот на луѓето да им ја јави таа вест. „Дојдете, видете Го Човекот Кој ми кажа сè што сум направила“. Да не е тоа Христос, да не е тоа Спасителот, да не дошол Тој во овој свет? И кога тие дојдоа, и самите почувствуваа Кого Го имаат пред себе. И Го моле да остане два дена со нив. И остана Тој два дена во разговор и беседа со ни. И кога ја заврши беседата со нив, тие ѝ рекоа на Самарјанката: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос“.
 Со тоа започнало Евангелието на жената Самарјанка. Што се случува со неа? Жена блудница… Таа, таа ги започнила овие чудесни зборови на Спасителот, и започнала да Го следи, поверувала во Него, оставила сè и станала Апостол, започнала да патува по светот и да Го проповеда Христа како Единствен Бог и Спасител на светот. Не само таа, туку и петте свои сестри ги обратила во Христа. Сите станале исповедници, сите станала Апостоли. И нејзините два сина, Виктор и Јосиј, ете ги новите Апостоли, новите Маченици за Христа. А таа, поранешна блудница, на чело на сите нив. По молитвите на светата Фотина рамноапостолна, Господи Исусе Христе, помилуј и спаси нè!


фрагмент од беседата на Неделата на Самарјанката на преподобен Јустин Ќелијски