TVIT115

ПРЕПОДОБЕН ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

„Си Го возљубил Христа искрено над сè, и украсувајќи се со кротост, смирение и трпение, целиот свој земен живот си му го подарил Нему…“

(Од Тропарот на светителот)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Времето во кое живеел денешниот славеник, преподобниот Гаврил Лесновски, претставува нова ера во историјата на македонското монаштво, не само заради тоа што постепено започнал да расте бројот на македонските монаси, туку и заради тоа што дошло до безгранично зголемување на бројот на манастирите. Појавата на автохтоното македонско монаштво е од големо значење, зашто тоа во основа се разликува од елинското монаштво, кое дотогаш преовладувало на овие простори, зашто ова монаштво е еремитско, односно, самотно, пустинско. Токму таков монах, пустиножител, бил и преподобниот Гаврил Лесновски, кој според житието, бил син на благородни и богати родители. Неговите родители овозможиле тој да изучи училиште, а кога пораснал, свети Гаврил заминал во манастир, каде што се замонашил. По извесно време, самиот основал нов манастир, посветен на „Свети Архангел Михаил“, каде што формирал ново монашко братство, поставил игумен и го разделил целиот свој имот, кој го наследил од родителите, а самиот тој заминал  во планина, каде што се повлекол во молчание и осаменост. Откако аскетувал околу 30 години по разни места околу Лесновскиот манастир, тој мирно ја предал својата душа во рацете на Бога, во една пештера, во близина на манастирот. На чуден начин, неговите нераспаднати мошти биле пронајдени од некој монах од Софија, по име Јосиф, кој заедно со софискиот митрополит и мноштво на монаси, ги зеле моштите со секаква почит, па најпрво ги однесле во Лесновскиот манастир, а потоа во бугарскиот град Трапезир, каде што се наоѓаат до денешен ден и им даваат помош на сите оние, кои со вера им пристапуваат.

Човекот, како разумно и слободно суштество, својствено и потребно е секогаш да дејствува расудително, разумно, секое свое дело да го насочува кон добра и богоугодна цел, да користи разумни средства за достигнување на своите цели, особено, ако тие цели се за спасение на својата душа и достигнување на вечен живот. Ако го следиме вистинскиот пат, кој води до вистинската цел, тогаш навистина во животот ќе имаме сè, но ако се отстраниме од тој пат и ако заталкаме, тогаш не само што нема да имаме ништо, туку ќе го загубиме и она што дотогаш сме го стекнале. Ако забегаме од вистинската цел и ако почнеме да тежнееме кон земни цели и наслади, тогаш целиот наш живот ќе се претвори во талкање по криви патишта, постојано губење во мракот и паѓање од грешка во грешка, а крајот на тоа талкање ќе биде вечната погибел. Ако почнеме да талкаме на таков начин, тогаш нашиот живот ќе се претвори на кораб без кормчија, кој е носен од огромните морски бранови и, немајќи компас и котва, не знае каде да застани, а ќе биде уништен од силината на морските бранови и од подводните камења кои го демнат на секој чекор.

Многумина во својот живот си го поставиле прашањето: која е последна цел во нашиот живот? Здравиот разум веднаш ќе заклучи и ќе признае дека, последна цел на сè што постои и што дише на земјава е – Бог. Бог е прва и врховна причина на сите суштества, Творец на сè видливо и невидливо, Промислител, од Кого зависи сè што постои на земјава, од своето раѓање, па сè до својата смрт. Знаејќи го ова, човекот на секаков начин треба да ја возвраќа својата љубов кон својот Творец и постојано да Му благодари за сè што има земјава. Прашањето за својата последна и вистинска цел, сигурно пред себе си го поставил и преподобниот Гаврил Лесновски, па откако си го дал и вистинскиот одговор, го напуштил светскиот живот, го раздал целиот свој имот на сиромаси, заминал во Лесновската пустина, каде што врз себе зел најразлични подвизи со цел да го стекне спасението и животот со Бога.

Бидејќи првиот човек во рајот се наоѓал во невина состојба, неговите душевни сили се развивале правилно, неговите способности биле храбри и силни и сите негови тежнеења се сведувале само на едно правило – љубовта кон Бога. Дури и земното тело на првиот човек не ѝ пречело на развивањето и тежнеењето на душата кон Бога, но служело како најдобро оружје во пројавувањето на љубовта кон Творецот. Но, во моментот кога првиот човек посакал да постане Бог, кога наместо Божјата волја ја поставил својата волја за основно начело, тогаш онаа љубов, која ја поседувал, наместо кон Бога, ја обратил кон себе, па така своето јас го поставил за центар на својот живот и посакал сите живи суштества да се потчинат на тој центар. Оттогаш започнува човечката трагедија, започнува преобразбата на човечкото битие во битие користољубиво, сластољубиво, страстољубиво, гревољубиво и демонољубиво. Оттогаш започнува ривалитетот и непомирливата борба меѓу душата и телото. Човекот, заробен од гревот, веќе бил неспособен да живее во рајските населби, па затоа бил протеран од рајските сладости, а за да се врати на своето прво назначување, Бог определил друг пат – пат на самоодрекување и крст, односно, пат исполнет со тешки маки, лишувања, страдања, болести, смрт и распаѓање, а со една и единствена цел – да се научиме на смирение и да се очистиме од гревовите.

Тоа е патот кој важи за сите Адамови синови; тоа е арената за сите човечки искушенија; тоа е местото за вечната борба со внатрешните и надворешните непријатели, односно, со сопствените страсти и со духовите на злобата. Како што древните Јудејци, по ослободувањето од Вавилонското ропство, градејќи го Ерусалим и храмот, со едната рака ги исполнувале работите, а со другата рака држеле меч заради претпазливост од напади на непријателите (Неем. гл. 4), така и сите ние сме должни, ѕидајќи го душевниот дом, од една страна да се вооружуваме со сите духовни оружја за борба со непријателите, а од друга страна, пак, да ги употребуваме сите усилби, средства и животни искуства за ѕидање на добродетелниот дом, при тоа знаејќи од што и како да го ѕидаме, извишуваме, украсуваме, за да не се трудиме напразно.  Па, и во Светото Писмо нашиот земен живот е претставен во вид на арена, во која е неизбежна засилена борба со сите пречки, со сите непријатели кои го уриваат градењето на нашето спасение. Не напразно во Евангелието според Лука Спасителот нè советува: „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13: 24), а, пак, свети апостол Павле му пишува на апостолот Тимотеј: „Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци“ (1.Тим. 6: 12).

Патот, кој го одбрал преподобниот Гаврил Лесновски, е вистинскиот пат, кој ја покажал својата вистинска цел. Тој пат треба да го следиме сите ние. Во вечната борба во животната арена треба да влеземе храбро и бестрашно, зашто во своите раце треба да го имаме штитот на верата, а во своите срца љубовта кон Бога. На таков начин ќе бидеме вечни победници, кои го исполниле својот долг на земјата и се вратиле на своето првобитно назначување, а следствено на тоа ќе очекуваме да ја добиеме и вечната награда – рајските населби и живот во Бога. Амин!

Протоереј Златко Ангелески

 

https://blagovesti.wordpress.com/2014/01/28/prepodoben-gavril-lesnovski/?fbclid=IwAR2vWmV1GQd6N2ufNXDumOiMXe-H04VLpecq0spZh9hjy15vXi6yQ4ur5a8