Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА


ЧУДО 15.
За еден монах што се опивал

Bogorodica.Hristos.putir.jpgВо еден манастир имало еден калуѓер, кој бил клучар и им давал вино на другите браќа. Тој имал голема љубов кон света Богородица и никогаш не го оставал црковното пеење. Многу се трудел во монашкиот живот, но и пиел многу вино.

Еднаш, по вечера, се напил добро и легнал да спие. Утредента кога ја чул камбаната за утрена, станал да оди в црква, но од главоболие не можел да оди. По патот му се јавил ѓаволот во вид на бик и сакал да го прободе со роговите. Тоа кога го видел, монахот се зачудил и се прекрстил, а ѓаволот отстапил малку. Потоа се претворил во куче кое не му давало да оди в црква. Старецот повторно се прекрстил и ѓаволот пак отстапил малку. Кога дошол до црковната врата, ѓаволот му се покажал како страшен лав и се устремил на него да го растргне. Тогаш се јавила една прекрасна жена, која го истерала ѓаволот и рекла: „Зол и лукав духу, како се осмелуваш да му додеваш на мојот човек?"

Потоа го одвела старецот во ќелијата и му рекла: „Отсега добро чувај се од пијанството. Мудрост придобиј, од пијанството бегај! Ако сакаш да се спасиш, исповедај се пред духовникот за гревот пијанство и исполнувај што ќе ти рече". Тој ја прашал која е. Таа му рекла: „Јас сум Мајката на Исуса Христа". Тогаш монахот паднал на земја и со страв и трепет и се поклонил, а Таа веднаш станала невидлива.
По ова, монахот отишол при духовникот, па се исповедал срдечно и си го поправил животот, а пијанството сосема го оставил. Навистина заживеал богоугодно, така што мнозина од него земале пример за да не пијат вино, зашто пијанството е корен на сите гревови и беди. За него велат: „Невино вино, триклето пијанство". Затоа треба многу да се чуваме од него, оти кога човек ќе почне да старее и телото да му слабее, може од секаков грев да се ослободи, но од пијанството не може; токму обратното, тоа го тера човекот повеќе да пие и да се опива. Со молитвите на света Богородица да се избавиме сите. Амин.


ЧУДО 16.
За еден монах што света Богородица го ослободила од блудна страст

Еден монах, кој живеел на Елеонската Гора, во својата ќелија имал многу убава икона на света Богородица и секој ден со голема усрдност Му се молел пред неа на Бога да го избави од блудниот демон, кој толку многу го напаѓал што овој веќе бил готов да го направи тој грев. Штом ќе сетел дека се распалува огнот на похотта, тој веднаш одел пред Богородичината икона и со солзи се молел да угасне тој оган во него. Демонот на блудот гледал дека со помошта на света Богородица монахот примал олеснување од тие лоши помисли, па уште повеќе ја распалувал похотта кај него.

Еднаш кога монахот стоел во дворот, го нападнале лоши помисли и сакал да отиде при иконата, но го видел ѓаволот отворено, па му рекол: „До кога, о врагу, ќе ме мачиш со твоите злобни помисли? Ете, си остарел со мене и не можеш да ме придобиеш, а само напразно се мачиш и ме искушуваш". Гаволот му одговорил: „Јас сум придобил многумина други и посилни од тебе; но дури не те победам тебе, нема да престанам да те напаѓам". „Што сакаш да направам?" - рекол монахот. „Малку е тоа што го сакам од тебе, рекол ѓаволот, но треба да ми се заколнеш дека никому нема да го кажеш". А монахот, бидејќи бил прост и неупатен, сакајќи да се ослободи од блудните помисли, се заколнал дека ништо нема да каже. Тогаш лукавиот ѓавол му рекол да ја тргне иконата што му е во ќелијата и да не се поклонува повеќе на неа, па нема понатаму да му прави пакост. ,,Утре ќе ти кажам", рекол монахот и ѓаволот станал невидлив.

Потоа монахот сс замислил и се чудел што да прави. Се измачувал многу и жалел што се заколнал дека нема никому да каже. Утредента дошол таму некој авва Теодор Елиот, кој многу го познавал Светото писмо и искушенијата на ѓаволот, па кој и да го прашал, секој добивал по некоја поука, Монахот отишол кај него и му кажал што направил. Тој му дал упатство, велејќи: „Не знаеш ли дека ѓаволот е голем противник на човекот? Тој никогаш нема да не избави од грев, а настојува поголеми гревови да правиме. Може ли да биде поголемо беззаконие од тоа да не се поклонуваме на небесната и земна Владичица и Помошничка на сите христнјани! Подобро е да вршиш блуд со сите блудници во градот, отколку да престанеш да се поклонуваш на иконата на пресвета Богородица. Отсега немој да го слушаш ѓаволот, но моли и се на света Богородица и таа ќе ти помогне да го посрамиш".

Откако аввата го поучил, монахот тргнал да си оди во ќелијата. По патот го сретнал ѓаволот и му рекол: „Калуѓере! Нели даде клетва дека никому нема да го кажеш она што ти го реков? Знај дека јас постојано ќе те искушувам и ќе ти правам пакости за да бидеш осуден на вечна мака". А монахот му рекол: „Селукав ѓаволу, блудник да сум и клетвопрестапник ти нема да ми судиш, но Господ Исус Христос, Синот на пресвета Дева Марија. Ти ме учиш да се огрешувам, но јас нема да те слушам. И ти што и да ми правиш, Нејзината благодат ќе ми помогне и ќе ме избави од твоите лошотии и пакости". Додека тоа го зборувал монахот, ѓаволот исчезнал и веќе не се појавил. Тогаш монахот се прекрстил и не отстапил, но секогаш се молел и се поклонувал пред иконата на пресвета Богородица; се ослободил од искушенијата и поживеал богоугодно доста време и се преселил во вечен живот.

(Продолжува)

Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 

Друго:

 

 

 Друго:

 

 Посети:{moshits}