Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

kire.bogorodica.jpgЧУДО 13.
За една девојка што си ги исекла носот и усните за да си го сочува девството

Некој богат човек имал ќерка, по име Ефимија, која била толку побожна и живеела така богоугодно што уште како дете отишла в манастир и никојпат не изостанувала од црковните богослужби; била и многу убава. Колку повеќе растела, толку поубава станувала, а заедно со телесната снага растела и нејзината духовна сила, па сите се чуделе на нејзината светост.

Меѓутоа, ѓаволот, непријател на човекот, не можејќи да ги трпи добрите особини на младата девојка, му го распалил срцето на еден богат човек за неа и ја барал од татко и да ја земе за жена. Татко и се зарадувал, мислејќи дека ќе ја даде за толку богат и виден човек, па му ја ветил. Но блажена Ефимија не се согласила со тоа. Велела: „Не е добро да ја излажам Богомајката, пред Која сум ветила оти ќе го чувам своето девство и да се оддадам на тоа што за кусо време ќе пропадне". Татко и се налутил, па и рекол: „Гледаш добро, ќерко моја, дека не си достојна за таков славен маж, па уште се противиш и не го сакаш. Но јас ти кажувам да го земеш. Ако не ме послушаш, многу ќе те измачувам".

Кога видела Ефимија дека татко и наумил лошо и сака да ја омажи, отишла во црквата и со плач и се молела на пресвета Богородица да и помогне во таа неприлика и да не го изгуби девството. Откако се молела доста време, увидела дека нејзината телесна убавина ја доведува во опасност да си ја расипе душата, па си рекла: „Подобро е да си го огрубам телото за да си ја сочувам душевната чистота". Така мислејќи, од верност кон Бога, си ги отсекла усните и носот. Потоа, кога ја видел татко и, се разлутил многу; сакал да ја убие, но ја оставил жива за да се измачува, па ја дал на еден негов брат да му биде слугинка и да ја измачува со најтешки работи.

Тој груб селанец, земајќи ја во својот дом, и давал да работи најтешки работи и ја тепал секој ден. Блажена Ефимија ги трпела сите тие беди и неволји и Му се молела на Господа да и даде сили да истрае до крај. Така страдала седум години и толку огрубела што оние кои ја знаеле од порано, многу ја сожалувале.

Еднаш навечер, спроти Рождество Христово, кога вечерал тој зол човек, таа отишла во шталата, Му се молела на Бога и размислувала за тоа како се воплотил Синот Божји и станал човек за нашето спасение. Тој зол селанец ко га видел дека Ефимија не стои пред него додека вечерал се разгневил, зел еден стап и отишол да ја тепа. Но кога погледнал кон тавангот видел голема светлина и се уплашил да не се запалило нешто. Тогаш го видел она за кое не бил достоен. Имено, ја видел Небесната царица со многу ангели како ја утешува Ефимија и и говори: „Издржи го храбро, сакана моја ќерко, тоа кусовремено мачење што го трпиш заради љубовта кон Мојот Син, па Он ќе те прослави вечно на небото и ќе ти дарува венци што никогаш не свенуваат; да се увериш дека ќе добиеш вечно блаженство, во името на Мојот Син: биди отсега цела и здрава како што си била и порано".

Кога го видел тоа селанецот, се растреперил од страв и ги повикал своите домашни, кои, исто така, ја виделе пресвета Богороцица и ангелите; виделе уште дека девојката има нос и усни нормални и здрави. Тогаш сите паднале на земја зашто не можеле да гледаат таква светлина и по малку кога станале, ја виделе Ефимија сама, со светло лице, како Му се моли на Бога. Тогаш селанецот веднаш го известил нејзиниот татко за тоа што се случило. Тој кога го чул тоа, дошол избезумен и ја видел својата ќерка излекувана и здрава; многу се зачудил и Му благодарил на Бога, а потоа ја молел Ефимија да му опрости за сите непријатности што и ги правел. Подоцна дал пари да се подигне манастир на местото каде што и се јавила на Ефимија пресвета Богородица и во него се собрале голем број девојки. Таа поживеала богоугодно со пост и молитва, Му угодила премногу на Бога и се отселила во небесното живеалиште. Со нејзините молитви и ние да се најдеме во вечното блаженство. Амин.



ЧУДО 14.
За незлобивите девојки, на кои пресвета Богородица од небото им испратила венци

Некоја благородна и добродетелна жена имала две ќерки, кои биле многу лични и ги учела да живеат богоугоден живот, каков и самата што живеела. Кога умрел мажот и, многу осиромашиле и немала со што да ги омажи. Била многу загрижена да не се оддадат на неубав живот и поради сиромаштвото да го изгубат девството. Но се надевала во помошта Божја, па ги одвела в црква и пред иконата на света Богородица се молела со плач: „Владичице моја! ти си Мајка на сиромасите и на вдовиците. Во твоите раце ги предавам овие две сироти, ти да ги закрилуваш, та поради сиромаштија да не паднат во ѓаволски мрежи". Така молејќи се, мајката им ги фатила рацете и ги ставила на иконата како знак дека и тие сакаат да им биде мајка света Богородица. Потоа се вратиле во својот дом. Кога дошле пред вратата, виделе едно светло момче кое носело едан сад полн со жолтици и и рекло на вдовицата: „Небесната царица ти го испрати тоа злато за да ги израниш своите ќерки". Откако тоа го рекло, момчето станало невидливо.

Жената го зела златото и со солзи и благодарила на пресвета Богородица што толку брзо ја дарувала со таков богат дар. Потоа си купила се што им било потребно.

Меѓутоа, нивните завидливи и злонамерни соседи, кои ги знаеле дека биле бедни, гледајќи ги како убаво се хранат и се носат, почнале да ги укоруваат и говореле дека мајка им ги научила на блуд, па затоа се збогатиле. Така тие соседи ги укорувале и ги напаѓале постојано. А сиромашната вдовица, не можејќи повеќе да трпи такви клевети, им рекла на своите ќерки: „Одете при вашата Мајка и молете се со плач да не избави од такви клевети. Ако се молите со чиста вера, ќе ве послуша, како и порано што не чу и ни помогна". Тогаш тие отишле в црква, се молеле долго време и се вратиле дома со надеж дека Светата Владичица ќе им помогне. И скоропослушницата уште веднаш им ги примила молитвите и чудно им помогнала.
Наскоро се случил голем празник и многу народ се собрал во соборната црква. Некој духовник, држејќи слово, подзапрел малку да се одмори. Тогаш сите виделе еден ангел кој влегол низ прозорецот во црквата и држел два прекрасни венци, украсени со бел трендафил и со други убави и миризливи цвеќиња. И сите чуле како ангелот им зборува на тие две девојки: „Овие два благомиризливи венци ви ги испраќа Небесната Царица за доказ пред сите дека сте чисти и без грев девојки". Откако го рекол тоа, им ги ставил венците на главите и станал невидлив.

Кој може да ја искаже радоста на тие две девојки и на мајка им? Сите присутни се зачудиле. Духовникот ја прекинал проповедта, а владиката и свештениците отишле да ги целиваат тие небесни венци, потоа и сите присутни; отпосле ги испратиле дури до нивниот дом. Но девојките не се возгордеале од тој голем Божествен дар, туку со големо смирение и благодарење на Светата Благодателница што ги сочувала од гревови. Тогаш владиката заедно со граѓаните подигнале два манастира посветени на пресвета Богородица, во кои ги назначиле двете девојки за игумении. Тие живееле таму богоугодно и многу други научиле за спасение; околу нив се собрале многу жени и девојки и под нивно раководство се молеле и се преселиле во вечниот живот. Амин.

(Продолжува)

 

Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 

Друго:

 

 

 

 

Друго:

 

Иконопис: Кире Златанов