IMG_2941


Преподобниот отец еромонахот Кирил Пејчиновиќ
Март 14, 2015

Преподобниот отец еромонахот Кирил Пејчиновиќ, е роден во прекрасното село во подножјето на Шар Планина Теарце, во 1771-та година од Овоплотувањето Христово. Уште од својата младост, со оглед дека Лешочкиот манастир е сосема блиску до неговото родното село, го посетувал манастирот, и таму го здобил првичното духовно образование. Подоцна заминал во манастирот „свети Јован Бигорски„ кај Дебар, каде што се усовршувал во верата и духовноста.

Наскоро после тоа, неговиот татко и неговиот чичко го продале сиот имот во родното Теарце, и заедно со младиот Кирил, заминале на Света Гора Атаноска во светата обител наречена Хиландар. Таму Кирил го примил монашкиот потстриг. После извесен период поминат во Света Гора, се вратил во Македонија, и престојувал во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица (Пречиста)„ во близина на Кичево, каде што го примил ракополагањето во свештенички чин.

Во 1801-та година дошол во манастирот „св.вмч. Димитриј„ кај Маркова Сушица, во близина на Скопје, денес познат како Марков манастир. Таму го обновил духовниот живот, конаците и библиотеката на манастирот и постанал негов игумен. Во периодот додека престојувал во манастирот ја напишал книгата „Огледало„ која во првиот дел ги содржи светите тајни, молитвословијата и требите кој ги извршуваат свештениците, а во вториот дел содржи поучни текстови и беседи на различни теми, од духовниот живот, и од животот на Црквата. Книгата е издадена во градот Будим во 1816 година.

Во 1818 година, притиснат од грчкиот епископ во Скопје, кој веројатно припаѓал на Фанариотите, и тоа што Кирил Пејчиновиќ пишувал на народен и говорен јазик, му засметало, го напуштил Марковиот манастир и дошол во своето родно село, а набрзо после тоа се населил во Лешочкиот манастир кој го обновил, го обновил и духовниот и монашкиот живот во него. Продолжил да пишува текстови и беседи, неуморно да го поучува народот, напишал уште една книга „Утешение грешним„ објавена 1840 година во Солун, потоа Житие на кнез Лазар, и многу празнични беседи. Откако поживеал Богоугодно, го завршил својот земен живот, и својата душа ја предал на Господа на 12 март, 1845 година, неговот гроб и денес се наоѓа во дворот на Лешочкиот манастир.

Преподобниот еромонах Кирил Пејчиновиќ, е особено значаен за духовниот живот, на овие простори, бидејќи пишувал за духовни и етички проблеми на македонски јазик, и тоа на тетовскиот говорен дијалект. Значен е за духовноста, но исто така значаен е и за македонската книжевност. Бидејќи да се пишува на македонски говорен јазик, во време кога грчката пропаганда била силна, и кога поголемиот број од епархиите во Македонија, биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија, и во време на Турското ропство, е навистина преголем успех. Затоа на неговата преродбеничка активност треба да сме благодарни.

Извор: Тетовско- гостиварска епархија