Кратко житие на Старец Јероним Егински
12.09.2007.
Кратко житие на Старец Јероним Егински

(1883-1966)

 

 Старецот Јероним, световно Василиј Апостолидис, се роди во 1883 година, во Малоазиското село „Гелвери“, во Кападокија.

Неговите родители, Анестис и Елисавета, одгледаа 6 чеда, меѓу кои и од мајчината утроба повиканиот Василиј, подоцна, познатиот наш отец-старец Јероним.

Тој порасна опкружен од молитви, подвизи и светост. Молитвените солзи на неговата мајка, беа првите кои влијаеја врз чувствителната душа на Василиј. Исто така и светите примери на светите подвижници – Троглодити од околината, коишто се криеја и живееја невидливо во тие расеани „центри“ на молитва, во карпите на Кападокија.

Беше ракоположен за ѓакон од митрополитот амисоски Софрониј. Како ѓакон ги посети светите Места и остана 9 месеци во светиот манастир на Чесниот Претеча покрај реката Јордан.

По враќањето, беше поставен за ѓакон во светиот храм на свети Ѓорѓи во Цариград, каде што и остана неговиот печат, бидејќи беше почитуван поради неговите добродетели и светост, заради неговата ревноста и добриот глас.  

Малоазиската катастрофа го донесе во Грција „пустинското пиле“, подвижникот ѓакон Василиј.

Островот Егина, веднаш по лишувањето од нејзиниот Светител, светиот Нектариј, во 1922, го прими ѓаконот Василиј, којшто дојде „од големото копно, како што ја нарече Кондоглу, од светите предели на Истокот: од Кападокија, којашто ја прославија толку маченици и преподобни на Православната Црква“ (П. Пасхос).

Во тоа време свештенопроповедник на Егина беше подоцнежниот митрополит каристијски Пантелејмон, којшто го ценеше и сакаше кападокискиот ѓакон Василиј. Кога стана митрополит каристијски, при една негова посета на Егина, после многу притисоци врз Василиј, го убеди и го ракоположи за свештеник, давајќи му и архимандритски чин.

После една година прими и Велика и Ангелска Схима од светиот старец Јероним Симонопетриски, добивајќи го името Јероним.

На почетокот на неговото свештенствување, еден ден, во моментот додека ја правеше проскомидијата виде едно страшно видение (нашиот Господ како бебе врз Светата Трпеза) коешто толку многу го трогна и стана основа за да престане со свештенослужење, бидејќи толку голем страв имаше, што сметаше дека неговите раце не можат да го прободат Телото на нашиот Господ.

После тоа па сè до смртта се повлече во од него изградениот исихастирион „Благовештение Богородично“.

Во тој исихастирион ги продолжи неговите исихастички но и пастирски борби. Некогаш се повлекуваше во посебно скришно место (внатре во исихастирионот), кое потсетуваше на издлабените ходници-крипти и ќелиите под карпите, од неговата татковина, а некогаш стануваше „Бања Силоамска“, каде што мноштво посетители во негова близина наоѓаа утеха, избавување, препород.

Неговите совети и молитви, беа „мелем“ за секоја причина на повредените срца.

И само што ќе го погледнеше некој, ќе почувствуваше како во самото негово битие навлегува Благодатта и Благословот на Светителот, светоста на многустрадалниот Старец, и ќе си заминеше од кај него како „друг човек!“

Ги имаше сите дарови на Светиот Дух, а дарот на прозорливост беше на незамислив степен највпечатлив, така што посетителот, додека го слушаше, чувствуваше страв и богобојазливост!

Се упокои после околу два месеци нешко боледување, во Атина, на 2 октомври (ст.ст) 1966 година.

Молитвите на светиот Старец Јероним да нè покриваат, запазуваат, укрепуваат и помагаат во нашето спасение, да ни го чуваат нашето Православие и Народ, од секоја злонамерност и злоба.

  
Преводот од новогрчки јазик е направен од:

Σύντομος βίος του γέροντος

Ιερώνυμου της Αίγινης

www.pigizois.net

Преземено од:
   http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=100&Itemid=68

 

Друго:

 „Ти си виновна за болеста на детето!“ – старец Јероним Егински

 Синови или слуги? – Старец Јероним Егински