✤✣✤

Оковите на страстите и како да се ослободиме од нив

(II дел)

✤✣✤

180334.b.jpg

Но, понекогаш страстите кај христијанинот можат да живеат долги години, а понекогаш се продолжуваат дури до самиот крај на животот и Св. Игнатиј ја гледа во тоа премудроста на промислата Божја, насочена кон полза за нашата душа. „Опасно предвремено бестрастие! Опасно предвремено стекнување на насладите на божествената благодат. Натприродните дарови можат да го погубат подвижникот кој не се научил од немоќта на своите падови, кој е неопитен во животот, неискусен во борбата со гревовните помисли, незапознаен доволно со лукавствата и злобата на демоните, со променливоста на човечката природа... тој може да ја злоупотреби самата благодат Божја. Заради неа може да се превознесува над ближните; заради неа може да се предаде на надменост и арогантност, по што следи губење на благодатта и душевна смрт“.

Ова тврдење на Св. Игнатиј бара особена внимателност. Светителот разјаснува каква треба да биде вистинската цел на искоренувањето на страстите, како и впрочем на целиот духовен живот – не барање на натприродни дарови, туку достигнување на смирението, и потчинување на својата волја на волјата Божја. Бестрастието без смирение, води кон превознесување.

Напротив, „тешката борба со страстите го сокрушува срцето на човекот, го смирува неговиот надмен дух, го присилува да се спознае во состојба на пад, опитно да ја открие таа состојба, го присилува да ја сфати неопходноста од искупување, да го прекине надевањето на себе, да ја пренесе сета своја надеж на Спасителот“, во што се состои и самата суштина на духовниот живот на христијанинот. Овде Св. Игнатиј ја изразува мислата со една прекрасна нишка која врви низ сета светоотечка аскеза: борбата со страстите доведува до смирение, притоа запазувајќи го во себе живо надевањето на Господа.

Затоа Св. Игнатиј често советува да не бараме од себе бестрастие, да не се притеснуваме поради својата грешност и недоличност, тие се својствени за нашата страсна природа, и ние треба да си признаеме пред себе дека сме страсни, да си признаеме дека не можеме а да на паѓаме во грешки. Но, од друга страна покајанието не ни се дава за да се препуштиме на гревот: ние не треба, откако ќе се признаеме себеси за грешни, да седиме со скрстени раце, затоа што со секоја наслада што ќе си ја допуштиме на подолг период од душата ќе исчезне состојбата на мир. Притоа знајте дека оној кој му служи и работи за гревот, тој како и да не го гледа својот грев, не се кае, живее безгрижно; страстите почнуваат да се откриваат дури кога христијанинот ќе почне да се бори со нив.

Така во врска со страстите Светиот определува две крајности, кои е неопходно да се избегнуваат: барањето за себе брзо бестрастие и безгрижното пребивање во страстите. Светителот укажува на патот на „златна средина“: смирена молитва кон Спасителот за помош, со свесност за сопствената гревовност и со, колку што е можно, противење на сите желби на нашата падната природа.

 

Извор: Бигорски манастир

 

Друго:

Ѓакон Валериј Духанин - Оковите на страстите и како да се ослободиме од нив (I)