3.angeli.so.truba

За помислите

Светите Отци на Црквата велат дека, на почетокот, ѓаволот придонесува гревовите да изгледаат како мравки, како нешто многу мало, наизглед безначајно. Дури и оние мали работи за кои размислуваме, кои изгледаат како неважни, се можни замки во духовниот живот. Ќе си речеме: „Тие се мравки, ќе заминат“. Но, ако веднаш не ги отфрлиме тие мисли, според зборовите на Отците, малку по малку, стануваат сѐ појаки, сѐ помоќни и всушност можат да нѐ измамат, и да дојде до тоа оние мали мравки, кои претходно беа толку безначајни, да се претворат во лав, односно во нешто многу опасно и речиси невозможно да се искорени.

Св. Исаак Сирин вели дека е лесно да се излезе на крај со ѓаволот на почетокот, но штом ќе успее да протне нога низ вратата, тогаш станува многу тешко човекот да се избори со него. Важно е да се трудиме да ги избришеме фантазирањето, движењата во душата и мислите кои ѓаволот ни ги наметнува. Треба веднаш да ги искорнеме. Исусовото име е оружјето со кое се протеруваат лошите мисли.

Во Стариот Завет пишува дека треба го повикаме името на Јакововиот Бог. Секако, тоа е името на Исус Христос. Значи, треба да излеземе на крај со помислите уште додека се мали. Затоа е неопходно духовното внимание. Внимавај, бдеј, надгледувај ги сите работи. Внимавај на тоа што твоите очи го гледаат, прати ги мислите во својот ум, убеди се дека нема ништо скриено во твоето срце, што би можело да го наруши твојот духовен живот. Внимавај на сѐ. Стави филтер. Внимавај загадувањето што те опкружува да не те извалка и да не те одведе во грев. Да ја земеме за пример жената која има мала циста. Ако одрекува дека таа постои и не оди на доктор, или се преправа дека тоа е нешто мало што ќе изчезне самото од себе, малку по малку израстокот ќе расте и ќе стане опасен по животот. Во тој момент кога ќе почувствуваме дека дека нешто не е како што треба да биде, веднаш треба да отидеме и да го решиме проблемот додека е мал. Во духовната борба која ја водиме, Христос ни дава светлоносно оружје. Тоа се даровите на Светиот Дух. На пример, со даровите на љубовта ѝ се спротивставуваме на омразата. Со добрите помисли, кои се раѓаат од Светиот Дух, можеме да ги победиме лошите. Нашата вистинска вера ќе го победи секој сомнеж кој ни доаѓа во мислите. Постои цел процес на спротивставувања на злото со правење добро. Земете ја за пример операцијата кога некој хирург сече нерв. Тогаш дел од телото станува мртов, во него веќе нема живот, ниту движење. Истото се случува и кога ќе се пресече енергијата на гревот. Ако вистински ги пресечеме помислите пред да се претворат во грев, и ако ги употребиме средствата кои ни се дадени, и во себе имаме свети мисли, ќе ја спречиме циркулацијата на злото и ѓаволската енергија, и тој нема да нѐ одведе во нечистотијата. Затоа треба да стражариме.

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски

 

 

Избор од фб профил на

Vesna Smilkova