rsz_1john-cassian02

Има осум главни страсти: стомакоугодување, блуд, среброљубие, гнев, тага, униние, суета и гордост.

Има два вида на страсти: природни, што се раѓаат од природните потреби, како на пример стомакоугодувањето и блудот, и неприродни, што немаат корен во природата, како на пример среброљубието. Нивните дејствија се манифестираат/изразуваат на четири начини: некои дејствуваат само во телото и преку телото, како стомакоугодието и блудот, а некои се манифестираат и без содејство на телото, како суетата и гордоста; потоа, некои се поттикнуваат однадвор, како среброљубието и гневот, а некои произлегуваат од внатрешни причини, како унинието и тагата. Ваквата пројава на дејствијата на страстите ни дава повод да ги поделиме нив уште на два вида, плотски и душевни: плотските се раѓаат во телото и го хранат и насладуваат телото, а душевните произлегуваат од душевни склоности и ја хранат душата, додека честопати делуваат разорно за телото. Последните се лечат со просто внатрешно лечење на срцето, а плотските се лечат со двократни лекови – и надворешни и внатрешни.

Нешто од кажаново ќе го појасниме со поопширно расудување. Имајќи причина во телото, страстите на стомакоугодувањето и блудот понекогаш се будат без содејство на душата поради возбудувањето на потребата од којашто произлегуваат. Меѓутоа, тие со себе ја повелкуваат и душата, заради нејзината заедница со телото. За да се обузда нивниот налет, не е доволен само напорот на душата, но притоа е неопходно и телото да се скроти со пост, бдеење, со исцрпување со помош на труд, па и со прибегнување кон привремена осаменост, а честопати и кон потполно отшелништво. Тие произлегуваат од порочноста на душата и телото, па затоа можат да бидат совладани единствено со нивен обостран труд. Суетата и гордоста во душата се раѓаат без посредништво на телото. Зашто, каква потреба има суетата од нешто телесно, кога душата ја доведува до пад само со желбата за пофалба и слава? Или, каква улога имало телесното дејствие во падот на Луцифер во гордост. Тој неа ја зачнал единствено во душата и помислата, како што говори и пророкот: Говореше во своето срце: Ќе се искачам на небото… изедначувајќи се со Севишниот (Ис 14,13-14). За ваква гордост, тој немал никаков поттик однадвор. Таа се родила и целосно созреала во неговата внатрешност.

Овие осум страсти имаат различно потекло и различно делување. Меѓутоа, првите шест, т.е. стомакоугодувањето, блудот, среброљубието, гневот, тагата и унинието се меѓусебно соединети со некое особено сродство, т.е. претераноста во една доведува до следната. Зашто, од претерано стомакоугодување неопходно произлегува блудната похот, од блудот (се јавува) среброљубието, од среброљубието гневот, од гневот тагата, од тагата унинието. Затоа против нив е потребна борба во истиот поредок, преминувајќи во борбата со нив од претходните кон оние што следат: за да го победиме унинието, најпрво треба да ја совладаме тагата; за да ја отераме тагата, претходно треба да го совладаме гневот; за да го згаснеме гневот, треба да го згазиме среброљубието; за да го искорнеме среброљубието, треба да ја скротиме блудната похот; за да ја совладаме блудната похот, треба да ја зауздаме страста на стомакоугодувањето. И двете останати страсти, т.е. суетата и гордоста, меѓусебно на ист начин се соединуваат: засилувањето на едната е почеток на другата. Од претерана суета се раѓа страста на гордоста. Во истиот поредок се стекнува победата и над нив: за да се истреби гордоста потребно е да се совлада суетата. Меѓутоа, тие по својот вид не се соединуваат со претходните шест. Тие не се раѓаат од нив, туку напротив по нивното истребување. Во овие две страсти, ние особено паѓаме по победа и триумф над другите страсти. Инаку, бидејќи се наоѓаат во наведениот меѓусебен однос, овие осум страсти честопати се делат на четири сојузи: блудната похот со особена врска се соединува со стомакоугодувањето, гневот со среброљубието, унинието со тагата, а гордоста со суетата.

Ниедна од страстите не се манифестира само на еден начин.

Така стомакоугодието се манифестира на три начини: или раѓа желба за јадење пред одредениот час, или посакува храна до преситување, не разликувајќи го квалитетот на храната, или бара вкусна храна. Оттука имаме исхрана без правило, прејадување и сластољубие. Од овие три (страсти) произлегуваат разни зли болести во душата: од првата се раѓа поплака од манастирскиот устав, од што до неподносливост расте незадоволството од манастирскиот живот, по што обично следи и бегство од манастирот; од другата се буди похота и сладострастност; а третата доведува до среброљубие и не дава место на Христовото сиромаштво.

Постојат три облици на блудната страст: првиот се извршува преку мешање на едниот пол со другиот; другиот настанува без мешање со жена, поради што Господ го поразил Онан, синот на патријархот Јуда (1Мојс 38,9-10), и кој во Писмото се нарекува нечистотија; третиот се извршува со умот и срцето, и за него Господ во Евангелието говори: Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое (Мт 5,28). На овие три облици укажал и блажениот апостол во следниот стих: затоа, умртвете ги своите земни членови: блудот, нечистотијата, страста,  и другото (Кол 3,5).

Има и три облици на среброљубие: првиот на оној што се одрекол од светот не му дозволува да се ослободи од секој вид на поседување; вториот оној што веќе раздал сè на сиромашните го поттикнува повторно да стекне ист таков имот; третиот ја разгорува желбата за стекнување кај оној што претходно немал ништо.

Има три облици на гнев: првиот е оној што пламти во внатрешноста; вториот е оној што се изразува во зборови и на дело; третиот е оној што долго време тлее и се нарекува злопамтење.

Тагата има два облика: првиот настапува по престанувањето на гневот, или се јавува при нанесување на штети, губитоци и неисполнета желба; другиот настанува од стравот за својата судбина, или од неразумните грижи.

Постојат и два облика на униние: едниот фрла во сон, а другиот изгонува од ќелијата.

Суетата е разнообразна, но можат да се различат два главни облика: во првиот се превознесуваме со телесните предимства и видливите предмети; во другиот се распламтуваме со желба за суетна слава заради духовни предмети.

И гордоста има два вида: првиот е плотски, а другиот – духовен, којшто е поштетен. Таа особено ги искушува оние што напредувале во некои добродетели.

Овие осум страсти го искушуваат целиот човечки род, иако сите не напаѓаат на ист начин. Зашто, кај некој главно место зазема духот на блудот, кај друг преовладува гневливоста; кај еден владее суета, кај друг господари гордост. Според тоа, бидејќи сите страсти напаѓаат на сите, секој од нас им робува на различен начин и различен поредок.

Затоа, потребно е да водиме борба со овие страсти. Откако ќе открие која страст најмногу му штети, секој човек против неа треба да ја усмери главната борба, вложувајќи секакви напори и грижи за нејзино следење и совладување, фрлајќи против неа во секој момент стрели на срдечен плач и воздишка, и непрестајно проличувајќи солзи во молитва кон Бога, заради прекратување на борбата што го возменирува. Зашто, никој не може да совлада ниту една страст, додека не се убеди дека со свои сили и труд не може да извојува победа над неа, иако за да се очисти од неа, и самиот е должен деноноќно да пребива во секаков труд и секаква грижа.

Кога таквиот борец ќе почувствува дека се ослободил од своите главни страсти, ќе треба со потполно внимание да ги прегледа скровиштата на своето срце, за да види која од преостанатите страсти е најсилна, па да ги подигне сите духовни оружја против неа. Победувајќи ја на овој начин секој пат некоја главна страст во себе, тој побргу и полесно ќе извојува победа и над останатите, послабите.

Кога ќе победиш една или неколку страсти, не треба да се превознесуваш. Инаку Господ, кога ќе ја види надменоста на твоето срце, ќе престане да го оградува и штити, и ти, оставен, повторно ќе бидеш вознемируван од страна на страста која, со помош на благодатта Божја, веќе си ја победил. И пророкот не би почнал да се моли: Господи, не предавај ја на ѕверовите душата што ти се исповеда (Пс 73,19), да не знаел дека оние што се превознесуваат со срцето, повторно биваат препуштани на страстите што ги победиле, за да се смират.

свети Јован Касијан Римјанин

Подготвил: Георгиј Глигоров

Извор: Мистагогија