Денес не се ретки случаите на емотивна и психичка незрелост кај возрасните мажи, како и нивната незрелост да стапат во брак. Дури и со сигурност може да се тврди дека нивниот број се зголемува. Тоа е поврзано со сложениот механизам на семејниот живот, на пример, со отсуството на браќа и сестри, претераната мајчина грижа, безначајноста на татковците и нивната второстепена положба во семејството (или преку нивното психолошко отстранување од активниот семеен живот), зајакнувањето на матријархатот во нашата култура, феминизацијата на просветата.

Во секојдневниот живот на семејството ваквите синови се ослободени од било какви обврски и работа, освен од учењето. Тие се навикнуваат на тоа мајката, која доминира во семејството, наместо нив да ги донесува основните животни одлуки, да ги ослободува од било какви проблеми, и буквално да ги поместува камчињата од пред нивните нозе. Премногу грижливата мајка, која е често агресивна во љубовта, истапува во својство на пратеник, учител, доставувач, советник, наметнувајќи се со својата претприемчивост и разностраност.

Во семејството таа е безусловна глава, а таткото, кој е нејзина сенка, има споредни улоги, затоа што не е во состојба да биде позитивен пример за подражавање. Емоционалната зависност на синот од мајката понекогаш може на најнеобичен начин да се одржува во психосексуалниот развој, и во голема мера да придонесе кон нарушувањето на истиот. Денешниот духовник често е во можност да се соочи со неколку типични случаи на психичка незрелност на мажите, воспитувани во семејствата од овој тип. Да разгледаме неколку од нив. Деца

1. Непрекината „психичка папочна врвца“ која го поврзува мажот со мајката. Нејзината љубов кон сина си е љубов која го завзема сето негово битие, која доведува до тоа неговите контакти со врсниците да бидат ретки и да се одвиваат под будното око на родителката. Таа врши грижлива селекција и строги тестови на врсниците на нејзиниот син и повеќе пати ги спречува воспоставените познанства со жени. Му раскажува таканаречени „вистински животни приказни“ за тоа како „тие тајновити жени“ ги вовлекуваат мажите „во замки“ или со помош на бременоста ги присилуваат на брак. Мајката во синот развива недоверба и страв од жените, станувајќи на тој начин „експерт“ за нивна проценка, затоа што само таа му го гарантира чувството на сигурност за време на контактите со „загонетниот спротивен пол“. Не е чудо што во овој случај, движењето кон воспоставување на блиски односи трае прилично долго време, односно сè дотогаш, додека мајката не ја прифати девојката.

2. Страв од брак. До ова може да доведе веќе опишаниот, засилен страв од жени. Мажите кои страдаат од страв од бракот во секоја познаничка гледаат жена која посакува да „си фати маж“, во неа гледаат скриени егоистични потреби, желба да изгради семејно гнездо на сметка на мажот, игнорирајќи го како личност. Сето тоа доведува до многу честите варијанти на „стар ерген“, особено доколку мајката продолжува да го штити ваквиот маж од семејните обврски, овозможувајќи му живот без обврски и ограничувања. За бракот и потребата да создаде сопствен дом тој започнува да размислува дури тогаш, кога останува без мајка, или кога на неа самата ѝ е потребна нега.

3. Жена во улога на мајка. Мажот кој е воспитан од премногу грижлива мајка, склон е кон тоа да ја бира сопругата како таа да претставува „продолжување“ на мајката, и која со нејзината грижливост го потсетува на неа. Во таквиот брак мажите ја играат улогата на деца, очекувајќи жената да се грижи за нив и да ги ослободи од обврските. Тие често ја искажуваат желбата да не бидат татковци, затоа што детето би можело да го загрози нивниот привилегиран статус, и да биде конкуренција во чувствата кај жената. Во случај да се роди дете, започнуваат караници. Очекувајќи од мажот помош во одгледувањето на детето, жената своето внимание го усредоточува на новороденчето, додека мажот, чувствувајќи дека е ставен во заден план и симнат од позицијата која му припаѓа, започнува да искажува преголеми барања, покажува рамнодушност, пасивен отпор и разочарување.

4. Противење кон жената од страна на мајката. Во некои бракови на незрелите мажи, постоењето на „психолошка папочна врвца“ која ги врзува со мајката доведува до тоа кај нив да се развие неправилен однос кон жената. Мајката, како и претходно, претставува лице од доверба и авторитет, пророк, извор на поддршка и чувство на сигурност. Кон неа се упатуваат прашањата, молбите да советува. Оттргната од нештата, жената сфаќа дека во чувствата на нејзиниот сопруг неа ѝ се доделува второстепено место. Се среќаваат дури и такви бракови, во кои веднаш после венчавката мажот поминува повеќе време со мајката, отколку со сопствената жена. Во случај на конфликт со таквите жени, мажот најчесто застанува на мајчината страна, отворено искажувајќи дека таа за него е поважна и дека единствено таа е во право. Тој ја зема мајката за пример, ја идеализира, а жената ја приморува да го поддржува во истото. Тоа доведува до природни конфликти и гнев кај младата жена.

Освен претходно опишаните примери на машка незрелост, се среќаваат и поизразени случаи на истата. Понекогаш се случува кај духовникот да доаѓаат мајки на возрасни мажи, кои им зборуваат за детали од проблемите и потешкотиите на своите синови. Така, една жена до најситните детали му раскажала на духовникот дека нејзиниот триесетидвегодишен син се обидувал да стапи во интимна врска час со една, час со друга жена. „Замислете, отец… и што сега прави тој?“ При тоа толку живописно опишувала сè што му се случувало на синот, што не оставило место за никаков сомнеж: инфантилниот син ѝ ги доверува сите подробности од своите љубовни случки на својата мајка. И ете, „мамичка“ пошла кај свештеникот, за да го праша како треба да се однесува кон проблемите кои нејзиниот син ги има во сферата на неговиот неуреден сексуален живот.

Еден мој познаник, лекар психотерапевт, ми раскажуваше како на прием кај него дошла една мајка со нејзиниот возрасен син, и во негово присуство подробно зборувала за неговиот интимен живот, за периодот на созревање, љубовните врски со жените, како и пореметувањата кои кај него се појавиле во таа сфера. Дваесетиседумгодишниот „приврзок“ кој седел покрај неа само ги потврдувал нејзините зборови, и одвреме-навреме додавал по нешто во свое име. Истиот познаник ми кажуваше дека мајките понекогаш сами ја „организирале“ помошта за синовите: им наоѓале пријателки, им организирале заеднички излегување во саботите и неделите, и за време на годишните одмори, а понекогаш дури и разговарале со девојките на нивните „деца“, посветувајќи ги во нивните еротски тајни.

Некои мајки за време на разговорите со снаите порачуваат истите да им ги „чуваат синовите“, за „момчињата“ да не им бидат исцрпени од премногу интензивниот сексуален живот, затоа што тие „имаат премногу чувствителен организам и треба да се грижат за него“.

Мамините синови се вистински кошмар за многу жени: со сите свои проблеми тие трчаат кај своите мајки, кај нив наоѓајќи поддршка и сочувство. Нивните мајки се обидуваат да им се мешаат во брачниот живот, да го наметнуваат своето мислење. Многу од нив се толку многу заслепени од љубовта кон нивните синови, што дури завземаат страна во сите брачни конфликти, поттикнувајќи ги младите мажи да не попуштаат пред своите жени, доведувајќи ги дури и до развод. За време на бракоразводната парница ги зафаќа толкаво борбено расположение, што се обидуваат сета вина да ја припишат на снаата, нудејќи му на судот факти кои младата жена ја карактеризираат на најлошиот начин. А потоа триумфираат, затоа што успеале да им докажат на своите синови дека само тие им се навистина неопходни, и дека никогаш нема да сретнат жена кои би можеле да ги заменат нив и да им понудат таква љубов.

Мамините синови можат да живеат во незрелоста како резултат на соодветното манипулирање од страна на своите мајки, кои се агресивни во љубовта, мајки кои се љубоморни на сите други жени. Но, се случува тие и да не се побунат против ваквата зависност – затоа што благодарејќи на неа тие се ослободени од различните обврски својствени на зрелите и одговорни луѓе. Тие располагаат со слобода и време, и понатаму можат да ја играат улогата на дете, која им се допаѓа. Кај нив недостасува мотивација за созревање, и претходно опишаната состојба совршено им одговара.

Игумен Евмениј

Аномалиите на родителската љубов

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/mamini-sinovi/ .