И така, ние одиме кај духовникот, или кај други луѓе, зашто некои имаат потреба не од исповед, туку од разговор. Да не ги мешаме работите. Духовникот исповеда, но исповедта не е наменета за да го разгледаш со него подетално целиот свој живот. Ќе ти го кажам ова со други зборови. Психоаналитичарот или психологот, те држи 45 мин., ти зборуваш, зборуваш и потоа ја ставаш раката во џебот и му даваш 50 евра. Тоа е нешто друго, бидејќи е друг вид на работа. Исповедникот исповеда, ги слуша гревовите, и ако треба секој човек да го слуша по еден цел час, тој би требало да исповеда по двајца – тројца за да може да издржи. Но, пред исповедалницата чекаат не двајца – тројца, туку многу луѓе и на сите им треба време. Бидете сигурни во тоа. Но, некој има потреба не од исповедник, туку од човек пред кого ќе си ја отвори душата и тоа може да го направи пред сѐ во некое добро друштво, во некое пријателстко семејство, со еден добар пријател. Да се отвори и да зборува. Тие што го прават тоа наоѓаат и прибежиште и решение за своите проблеми. Некој ми кажа: „Отче се радувам дека имам добри пријатели. Кога ќе настапи некаков смут и умот ми се блокира, одам да си го споделам проблемот со нив и да си помогнам“.

Но, да ви го кажам и ова. Нема другиот да ви го даде решението. Не барајте го решението од духовникот, ниту од пријателите, туку вие самите ќе го донесете решението за својот живот и за своите проблеми. Многу е лесно да ја префрламе топката, ние имаме таква навика да ја префрламе топката на другиот и да прашуваме: „Отче, што да правам? Да го земам тој човек или да не го земам?“ Да, но ако ти кажам да го земеш, а здравјето ти се наруши, се појават душевни проблеми, болести, едно-друго, тогаш ќе велиш: „Ти ме посоветува да го земам!“ Што и да стане, за мене ќе се фатиш. Не, одговорноста треба да е твоја. Тоа е многу важно. Христос дојде на земјата за да се научиме да застанеме на сопствените нозе и да бараме од нашиот духовник прошка на гревовите и просветление. Кога маглата и облакот ќе исчезнат, ќе гледате појасно и полесно ќе ја донесете одлуката. Вие сакате да направите што било. Не, јас ќе ви кажам што да направите, зашто на тој начин не воспитуваме зрели луѓе во Христа, туку „болникави“, кои постојано ќе прашуваат: „Кажи ми како да постапам? Отче, каква кола да си купам? Тојота Јарис или Фиат?… Еве најпосле решив да земам Фиат. Сребрениот или белиот?“ Сум слушнал за неверојатни случаи во кои луѓето за сѐ бараат решение од другите. Тоа е за во манастир, каде 24 часа деноноќно монасите се заедно, живеат заедно, заедно се хранат во една иста средина и нивниот живот се преплетува. Но, во светот не може секој да си го прашува духовникот ама баш за сѐ и тој да му ги решава проблемите. Научете се да се молите за Бог да ве просветли.

Тука доаѓаме до втората сериозна работа. „Добро, но ако направам грешка?“ Тогаш со тебе ќе се случи тоа што им се случило на многу луѓе. „Кое?“ Една грешка. Зошто се плашиш толку многу од грешката? „Ама ако направам грешка?“ Јас не ти реков да направиш грешка. Едноставно ти објаснувам дека во животот никој не се научил без да направи грешка. Никој. Во зградата во којашто живеам, на 3 кат има едно девојче кое свири на пијано. Го знам моментот во кој прави грешка со клавијатурата. Има едно место каде „дн, дн, дн!!!“ Ќе испушти нота и секој пат си велам: „Ајде бе, девојче мое, научи се веќе еднаш да исвириш правилно! Зашто ако веќе 5 месеци вежбаш, требаше до сега да го научиш“.

На почетокот на патот ќе правиме и грешки. Мајката којашто гледа како детето ги пишува буквите во основно училиште, не го кара што пишува грдо, неправилно и брише, бидејќи си вели: „Дете е, сега се учи, нормално е да прави и грешки“. Важно е дека тоа вложува напори, дека не седи така, дека е активно, го зема животот во свои раце и се бори. Дејствувај! Дури и да згрешиш, целта ти била да направиш нешто добро. Ако се покаже како грешка, Бог нека те просветли за да го разбереш тоа навреме и да се одвратиш. Ова ми го кажаа еднаш во еден манастир, бидејќи тогаш ниту се решавав да се женам, ниту да станам монах, туку седев и чекав. Еден духовник ми рече:

– Ти стоиш на еден пат и имаш пред себе пет патишта и бараш решение. Што очекуваш да се случи?

Јас реков:

– Треба да го направам најдоброто! Сакам да направам таков избор којшто ќе ми го донесе најдоброто решение.

– А кој си ти па да направиш најдобро? Шест милијарди луѓе на планетата постојано ризикуваат, губат, добиваат, а ти сакаш сѐ да е совршено кај тебе?!

– И што да правам?

– Тргни по еден од тие пет патишта пред тебе, реши се и кажи: ќе појдам по тој пат! И ако е погрешен, а ти го почувствуваш тоа – ќе се вратиш – може и уште пред да тргнеш. А ако го избереш и го следиш, продолжуваш напред. Ако е погрешен, ќе продолжиш со една грешка. Што да правиме? Во животот правиме и грешки. Купуваш една куќа, во којашто има влага итн. Можеш ли да ја смениш? Да. Смени ја. Не можеш? Остани таму. Не можеш да издржиш? Пресели се. Најди сепак, некакво решение во тоа твое искушение. Во секој случај не се потресувај пред грешката. Бог не ги гледа строго луѓето што вложуваат напори. Видовте ли што ѝ кажа Христос на онаа бедна вдовица? Парите што таа ги ставила во кутијата за дарови биле толку малку, што не биле никакво решение. Зашто, со тие парички не може да се реши економскиот проблем со сиромаштијата. Но, Христос на тоа рекол: „Јас го гледам нејзиното срце коешто го стави во кутијата, сиот вишок на нејзината душа“. Таа ставила повеќе од сите, го направила најдоброто што можела. „Толку можам, нека Бог ме просветли да се покаже за добро“. И бракот е лотарија, и монаштвото е лотарија. И женидбата, и безбрачниот живот се неизвесни. Никој не може да каже со сигурност: „Тоа ќе си се покаже за добро“ Од каде знам јас? Секој може да прави како што сака со својот избор.

 (Продолжува)

 

Извор: Бигорски манастир

 

 

Друго: