22 јануари 2015 лето Господово

Научниците од Богословскиот колеџ Акадија (Канада), испитувајќи една маска на мумија, заклучиле дека нејзините составни листови од папирус содржат фрагменти од Евангелието според Марко, запишано во I век н. е.

Доколку претпоставката на научниците биде потврдена, тогаш во нивните раце ќе се наоѓа најстариот зачуван фрагмент од Евангелието. Најстариот познат ракопис досега бил напишан во II век, додека, пак, новопронајдениот бил напишан, по сè изгледа, уште пред 90 – та година. Се претпоставува дека текстот ќе биде публикуван во тековната година.

Текстот бил напишан на лист од папирус, искористен за изготвување на маска за мумија. За фараоните обично се правеле маски од злато, а за обичните луѓе од папирус или лен (како и боја и лепак). А со оглед на тоа што папирусот бил прилично скап материјал, понекогаш за овие цели биле користени пергаменти веќе испишани со текст.

За среќа во изминатите неколку години, научниците развија техника која им овозможува да го отстранат лепакот, без да биде оштетено мастилото на хартијата. И како резултат на тоа, текстовите кои се напишани на папирус денес можат да се прочитаат. Така, научниците успеаја да добијат пристап кон текстовите на голем број ракописи од I – ΙII век. Тие вклучуваат и грчки философски текстови, стихови од Хомер, деловни документи, лични писма и др. Вистина е дека самата маска на крајот се уништува, што понекогаш предизвикува немир кај археолозите.

Во овој случај, по барање на сопственикот на маската, сите научници потпишаа договор со кој не им се дозволува да откриваат детали од пронајдокот, сè до конечната публикација на текстот. Така, вистинитоста на ова откритие ќе може да биде докажана само после неговата публикацијата.

Напомнуваме дека пред неколку години Фондот за заштита на културното наследство на Етиопија, во еден од најстарите манастири во земјата го пронајде најдревното илустрирано Евангелие во светот. Сите бои на илустрациите одлично ја задржале својата сјајност. Уште претходно, на интернет беа поставени околу 800 страници од знаменитиот Синајски Кодекс (Codex Sinaiticus) – најстарата Библија, која во себе го содржи текстот на Новиот Завет.


Извор: Вокругсвета

Преземено од: Бигорски манастир