Денес на 21 декември, со неизмерна тага и болка во нашите души и срца, се опростивме од блажено упокоената игуменија Злата. Сите ние со неверување ја примивме тажната вест, дека престана да чука благородното срце на почитуваната од нас и од сите верници мајка Злата.

Игуменијата Злата води потекло од благочестиво христијанско семејство, родена во 1936 година во с. Жидилово – Крива Паланка, од родители Велика и Михајло Ѓорѓиевски. Од рани години го прифати Божјото Слово. Како  предана и милозлива христијанка, беше една од првите членки на Црковниот хор во црквата Св. вмч. Димитриј во Крива Паланка. Нејзината животна желба, целосно да му се предаде и посвети на Бога, и се исполни во 1998 година, на 7 март, кога прими монашки потстриг од нашиот Митрополит господин Кирил. Истата година на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица е произведена во  игуменија.

Игуменија Злата, која симболично го понесе името на света Злата Мегленска, својот десетгодишен монашки живот го помина во манастирот на свети Јоаким Осоговски, целосно предавајќи се и посветувајќи се со молитвите на Бога и нашиот заштитник свети Јоаким Осоговски.

Остави неповторлив пример на богољубие и човекољубие, пренесувајќи ја Божјата љубов на сите верници и добронамерници кои го посетуваа манастирот. Нејзиниот пример беше високо почитуван, а верниците со љубов ја ословуваа како мајка Злата.

Заедно со нас свештениците беше силно предадена на возобновувањето на литургискиот живот во манастирот.

Сите ние со тешко срце се простуваме од тебе. Нека Господ ја пресели нашата покојна игуменија Злата, таму каде што почиваат праведниците.

Заминуваш тивко и достоинствено како и што живееше. Амин.

 

Со свое проштално слово се обратија и митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, кој ги истакна заслугите на игуменија Злата за Осоговскиот манастир и воопшто за целата МПЦ, како и митроплитот Брегалнички г – дин Иларион, кој пак говореше за монашкиот живот и подвиг како за ангелски живот.

 

 

Известува: отец Александар