И христијани и муслимани помагаат за црквата
 
Храмот, кој неколкупати бил обновуван е изграден во 14 век, досега е единствен незографисан во Македонија, а верниците веруваат дека има исцелителна моќ

Вештите раце на зографите Василка и Антоние Шуркоски од Струга забрзано ги сликаат фреските во дебарската црква „Света Петка“, која е стара седум века. Тие се надеваат дека до Велигден ќе бидат готови двете најважни фрески од црквата на која и' се припишува исцелителна моќ, а нејзиното зографисување покрај православните христијани го помагаат и верници од исламска вероисповед.


Главен донатор на живописувањето на храмот, кој потекнува од 14 век, е скопјанецот Илија Филиповски, по потекло од Дебар. Црквата била обновувана неколкупати, а последните зафати се регистрирани во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес во Дебар во 1967 година, а камбанаријата била обновена во 1937 година.

Дебарската црква „Света Петка“ е единствен православен храм во Македонија, веројатно и пошироко, што досега не е фрескописан. Тоа, како што вели дебарскиот свештеник Благоја Спировски, значи дека таа ги нема ниту двете најважни фрески - Пресвета Богородица - Ширшаја, која според канонскиот ред треба да биде над престолот во олтарот, и фреската Исус Христос - Пантократор, на највисокиот дел од црквата, на кубето.

- Овие две фрески мора да ги има секој православен храм - вели Киро Радоешки, член на Црковниот одбор.

Неговиот татко бил свештено лице и член на Одборот на дебарско-кичевската епархија.

- Дали некогаш црквата ги имала тие фрески, никој не може да потврди. Но, многумина може да ви кажат за исцелителната моќ на оваа црква. Последна од многуте потврди за тоа е од пред неколку месеци. Петгодишно дете од муслиманска вероисповед што имало проблем со говорот, откако престојувало во црквата почнало да зборува. На радоста на неговите родители и' немало крај - тврди Радоешки.

Пред три години за старешина на дебарската парохија беше поставен свештеникот Спировски, кој се нафати да барање чаре за фрескописување на православниот храм.

- Покрај напорите да се зачуваат вековните традиции, и покрај се' помалиот број православни семејства, го молев Бога да помогне да се изнајдат благородни души кои ќе го помогнат фрескописувањето. Моите молби, на моја голема радост, се остваруваат, благодарение на Илија Филиповски од Скопје, чии родители Јован и Саветка потекнуваат од Дебар. Со неговата помош работата почна, а сега веќе има и други донатори. Она што осоебно не' радува е тоа што меѓу тие што ја помагаат оваа активност има и дебрани со исламска вероисповед - вели свештеникот Спировски.

Миграцијата од овие простори негативно влијае и на економската моќ на дебарската парохија. Но, верниците се надеваат дека по примерот на донаторот Филиповски ќе тргнат и други, како од Дебар така и дебрани кои го напуштиле родниот крај. А вредните раце на струшките зографи Василка и Антоние Шуркоски треба на ѕидовите на црквата да зографираат уште девет фрески. Се надеваат дека двете најважни ќе бидат готови до Христовото воскресение - Велигден.

 

 


„Дневник“

 

Посети: {moshits}