3.angeli.so.truba

За жал, во последните години, за нас како народ стана типично нетрпението, за разлика од нашите предци, кои се одликувале со големо трпение, што го пројавиле низ вековите. Тие живееле со вера, биле длабоко побожни луѓе и трпението ги учело да бидат мудри и благоразумни. А нетрпението, пак, води само до избрзаност, паника, губење на прибраноста, донесување на одлуки кои се импулсивни и непромислени и многу грешки. А можеби понекогаш е доцна да се поправат работите, кога станува збор за големи одлуки што треба да ги донесе човекот.

И така, Божјата мудрост е многуобразна и Божјото дело е совршено.

Тука апостолот вели: па многуразличната премудрост Божја, преку Црквата да стане позната на началствата и властите небесни. Таа мудрост се препознава преку Црквата… Што значи „преку Црквата?“ Како таа станала позната на началствата, на ангелите, на целата твар?

Преку Црквата, зашто Црквата е тело Христово. Христос станал Човек за да ја основа Црквата, која ја чува тајната на спасението човечко низ вековите. Кога велиме „Црква“, секако не ја имаме на ум Црквата како објект, ниту хиерархијата, туку сите ние заедно. Кога човек се спасува и кога преку светите Тајни се соединува со Христа, тогаш се открива Божјата љубов и мудрост. Кој би можел да помисли – ниту ангелите, ниту било која друга твар помислувале дека човек би можел да се соедини со Бога. Невозможно нешто, што не може да се сфати со човечки ум. Да се молиш на Бога, да, да направиш некакво богоугодно дело, се разбира. Но, да се соединеш со Бога и да станеш едно со Него, е тоа е несфатливо за човечкиот ум. И покрај сето ова, Бог станал човек и човекот станува бог. Бог се воплотува за да го направи човекот бог – тоа е Црквата, тоа е великата тајна: човекот станува Бог по благодат. Кога се крштеваме, повторно се раѓаме, стануваме нови луѓе и се менува целата наша ипостас; кога се причестуваме со телото и крвта Христови и се соединуваме со Бога, тоа што е? Зарем не е тоа големото таинство на Црквата? Тука некој би можел да каже:

– Одам во Црква, но одам сам!

Еднаш прашав некого:

– Одиш ли во Црква?

– Да, ама сам.

– Служиш Литургија сам?

– Не, одам таму, седам и се молам.

Да се молиш – можеш  дома. Немаш потреба да одиш во храмот и да се молиш. Убаво е и во храмот да појдеш, но и дома си се молиш. А зошто одиме во Црква? Затоа што таму се извршува Евхаристијата, Светата Литургија, зашто таму сите како еден Му служиме на Бога, се причестуваме со телото и крвта Христови и така се остварува нашето спасение. Ја реализираме Црквата како собрание на верните. Ако го разбереме и живееме тоа, тогаш што и да се случи, колку и да е тешко, колку и да е мачно, нема да се оддалечиме од светата Литургија. Ќе бидеме подобни на Христијаните од првите векови кои оделе на света Литургија, иако знаеле дека тоа можеби ќе ги чини живот. И покрај тоа што често ги убивале по патот или дури и во храмот, не ја оставале Литургијата. Има случаи во кои илјадници души биле изгорени: 20 илјади маченици во Никомидија, кои биле изгорени во храмот додека присуствувале на Литургија. Тие не се уплашиле, не се поколбале, бидејќи знаеле дека да се соединиш со Бога е нешто поголемо од тоа да живееш уште 50 години или воопшто да го живееш овој земен живот.

(Продолжува…)

 https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/go-ljubime-li-boga-part-4/

 

Друго:

Митрополит Атанасиј Лимасолски: Го љубиме ли Бога? – III дел ...

Митрополит Атанасиј Лимасолски: Го љубиме ли Бога? – II дел ...

Митрополит Атанасиј Лимасолски: Го љубиме ли Бога? – I дел ...

+++

 Митрополит Атанасиј Лимасолски: Човекот е љубов по благодат – V дел ...

 . Митрополит Атанасиј Лимасолски: Широкото срце на Православието – II дел ...