3.angeli.so.truba


  „А кога забележа, како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече: ‘Ако те покани некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не се случи некој од гостите да биде со поголема чест од тебе, и да не дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: отстапи го местото на овој; и тогаш, засрамен, ќе седнеш на последното место.

Но, кога бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: пријателе, премести се погоре; тогаш ќе имаш чест од гостите што седат со тебе; зашто секој што се воздига, ќе биде унизен; а тој што се понизува, ќе биде воздигнат’. (Лука 14, 7-11)

 

3.angeli.so.trubaШтом е во прашање свадба на која има промена на местата за седење, тогаш во ова евангелско четиво не се зборува и не се мисли на есхатолошкото Царство Небесно туку на Црквата која престојува во времето и просторот на овој свет и на нејзината света Литургија како предвкус на Царството. Не се мисли на ‘Вистината’ туку на ‘Иконата’. А посебно се мисли на местата што свештенството ги зазема на светата Литургија. Како што е убаво речено: едно е да заземеш место по Божја волја, а друго е да заземеш место по Божјо допуштение. Што тоа понатаму значи и како сето тоа ќе се заврши, секој нека си мисли...

Исто така, едно претставува последното место што го зазема некој откако ќе го засрамат, а друго претставува последното место што повиканиот на свадбата сам, согласно Господовата заповед, си го зазема. Денес ќе зборувам за ова второто...

Според Господовите зборови: Секој што заради човечка слава се воздига себеси, односно секој што бара внимание, почести и покорност од луѓе и себеси се смета за некој многу важен, ќе биде понижен. А оној, пак, кој се понижува себеси заради Бога, барајќи последно место низ подвигот на самоосудување, прифаќајќи дури и да биде отфрлен од сите, ќе биде воздигнат од Бога. Сетете се на мачениците, јуродивите и вистинските монаси...

Последното место, на степенот на очистување на срцето од страстите, значи умирање за светот, туѓинување, апсолутно послушание и во рамките на тоа послушание - да се биде послушен и слуга на сите. Ако има некој на кого не сме му послушни, значи не сме застанале на последно место. Не сме ја исполниле Божјата заповед: отиди и седни на последното место! На почетокот овој подвиг е претежно аскетски, односно ние претежно се присилуваме во него, додека од нашето срце не потечат реки од жива вода, а потоа подвигот станува претежно благодатен односно ние самите го посакуваме последното место и тежнееме кон него.  

Последното место, на степенот на просветлување на умот, значи повеќечасовно молитвено задржување на умот во срцето и претежно аскетска љубов кон непријателите. Можете да замислите кое прво место и колку човечка слава и утеха му значат на оној на кого после неколкучасовното молитвено задржување на умот во срцето му треба некое време, од кога ќе излезе од таа состојба, да освести кој е, каде се наоѓа или колку е часот...

Зошто зборуваме за аскетска љубов на ова ниво? Што се однесува до љубовта кон непријателите, треба да се знае дека она што е благодатно и ‘природно’ на третиот степен, сѐ уште е аскетски подвиг на вториот степен. Љубовта кон непријателите е единствен критериум на божественоста на нашата љубов кон ближните. Сѐ друго е на ниво на душевност или времена посета на благодатта.

Сметајте го секој ден за загубен ако не сте плачеле во него, вели негде свети Јован Лествичник, а јас пак ви велам, дообјаснувајќи, сметајте го загубен денот и ако не ве повредиле, или ако не ве понижиле, или ако не ве ставиле на последно место, односно, ако не згазиле по нашата гордост. Зашто во тоа се состои првото блаженство (блажени се сиромашните по дух), а плачот спаѓа во второто блаженство. Без смирение и седнување на последно место, остануваме без основа за понатамошен духовен живот.

Но, да не чекаме да се случи тоа т.е. да се смируваме преку трпење на неволни страдања, така што други ќе нѐ стават на последно место, затоа што очистувањето преку ваквиот пасивен подвиг трае подолго. Смирете се сами (со активен волев подвиг), сами ставете се на последно место! Бидете како Оној Кој вели: Не дојдов да Ми служат, туку да им служам.

Поуката е: Треба што побргу да се ослободиме од високото мислење за себе и од гордоста. А дека сме заробени од оваа страст на умот, гледаме од тоа што кога ќе нѐ повреди некој (намерно или ненамерно), срцето веднаш реагира. Веднаш ни се случува демонска затемнетост, веднаш рој на помисли кои го расејуваат умот, веднаш лоши чувства кои ја обземаат нашата душа. Значи, гледаме дека нашиот ум и срце се сѐ уште заробени од гордоста. Ако не се ослободиме од оваа страст со аскетски (волев) подвиг и преку неволни страдања, нема отворање на срцето, нема умносрдечна молитва. Значи, и промашување на монашкиот живот, на пример...

Во сето, интересно е тоа дека против она што најмногу ни користи духовно - газењето по нашата гордост, ние најмногу се противиме, клоцаме. Непријателствуваме против оној што го повредил нашето самољубие, наместо да го сметаме за најголем доброчинител. Како времено да забораваме дека има и демони и дека нашата борба не е против тело и крв...

Господи, Исусе Христе, помилуј нe!“

3.angeli.so.truba3.angeli.so.truba

 

 

 

Посети: {moshits}