3.angeli.so.truba

 Храмот е срце
19.04.2020 година


Проповед на протојереј Владимир Дојчев на Пасха Црква Свети Наум Охридски, Софија

Христос воскресна!


Какво утро браќа и сестри! Птиците не пеат уште. Дали се сеќавате кој е отец Василиј Рослјаков? Оптинскиот новомаченик, кој што пострадал на Пасха! На Пасха ја спечалил наградата на Христовите исповедници. Тој вели оти има во светот една тајна – наутро први стануваат птиците, за да го прослават Божјото величие. Но, монасите ја знаат таа тајна и затоа стануваат пред птиците, за да можат први тие да го прослават Бога.

3.angeli.so.truba


Во текот на последните денови многу пати не поучуваа, дека треба да сме како монасите. Ние сме семејни луѓе, со дечиња, баби, мајки. Дали можеме да сме како монасите секој ден? Секој ден не, но денеска можеме да бидеме како монасите. И затоа, знаејќи ја тајната којашто ни ја открива отец Василиј Рослјаков, тој голем поет на патот кон Христа во денешницата, ете не тука рано изутрина, како жените Мироносици, собрани поради една важна причина. Овој Ден е потполно различен од другите. Овој Ден го создаде Господ, за да се зарадуваме и развеселиме во него. Овој Ден всушност е единствениот ден. Затоа што некогаш, многу одамна, едни две души, маж и жена, гледале во себе си повеќе отколку што било неопходно. Повеќе, отколку што било заповедано. Повеќе, отколку што било полезно. И го пренеле гревот во нашето битие, битието на нивните чеда низ вековите. И уште веднаш, откако го направиле тоа, се стемнило и паднала ноќта и повеќе не се разденило. Во продолжение на многу, многу време. Изгревале и заоѓале човечките животи, човечките суштества и го правеле она, коешто за нив е можно, а е запишано во Псалмот: „Човекот излегува по својата работа и работи до вечерта“ (Пс. 103,23). А ние ќе кажеме, преку вечерта, затоа што ден немало. Мракот на гревот покривал сѐ.
И внатре во тој мрак, беснееше до безобразие, до осуда, и тоа неотповиклива, една страшна болест. Заминуваа поколенија, луѓето надминувале едни несреќи, а други ги надминале нив. Победувале едни зла и едни епидемии и беди, а други ги замениле, но само една беда останала актуелна. Тоа е смртта. Смртта го победувала секој кој што го сретнала во мракот. Таа епидемија ги сретнала сите. Сите до еден биле болни од таа болест. Сите до еден биле ставени на апарати, коишто неработеле. Сите до еден биле соборени од пандемијата наречена смрт.

3.angeli.so.truba


До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот и да засветли во мракот и мракот да не го опфати (Јован 1,5). Да ја победи смртта, не философски, не идеолошки, но да ја победи реално. Да ја победи медицински. Да ја победи преку Својата Сопствена Плот и со Својата Сопствена Крв.
Затоа сме собрани тука, браќа и сестри. Затоа што денес е утро. И наутро прилега да бидеме тука и нема каде на друго место да бидеме. Знаете ли зошто? Во последните денови, многупати ни велеа оти храмот е во срцето. А јас, ќе ви кажам нешто друго денес. Храмот е срце! Ние сите сме собрани во тоа срце! И знаете ли Чие е тоа срце? Лесно може да се разбере Чие е срцето по Крвта, којашто тече кон нас. Храмот е срцето на нашиот Господ Исус Христос, Воскреснат од мртвите и Неговата Крв циркулира во тоа срце. Храмот Господов е тоа место , каде што ние самите можеме да ја добиеме животворната Крв за нашите срца, за да не умреме вечно.
Браќа и сестри, ние кои сме тука рано изутрина, сме подобни на жените Мироносици, коишто се покажаа похрабри од мажите кои се уплашија. Ние сме тука, браќа и сестри, затоа што се уподобуваме на жените Мироносици, коишто не се разбегаа, а дојдоа рано на гробот Господов, за да ја признаат својата немоќ, при што дури неможат да го тргнат каменот од гробната врата. И што се случи, кога тие во својата сокрушеност, во својата немоќ застанаа таму? Ете, ангел им благовести: „Зошто го барате Живиот помеѓу мртвите“ (Лука 24,5)? Зошто го нарекувате мртов Оној, Којшто ја победи смртта и донесе живот вечен на светот?

3.angeli.so.truba


Но дали тие, коишто се разбегаа, браќа и сестри, ќе ги остави Бог? Не, но дури и светиот апостол Тома, кој сакаше да допре и да почувствува и со своите прсти да добие уверение од Господа, нема да биде запоставен! Зарем нешто поразлично се случува со нас? Зарем некој може да каже: На Тома му беше дадено, а на мене не? Не, браќа и сестри, не е можно! Ако Бог му даде на Тома да допре со својот прст, нам ни даде да вкусиме со својот јазик! Ако Тома вели: „Господ мој и Бог мој“ (Јован 20,28), ете и ние тука пееме: „Господ наш и Бог наш“! Ништо се нема променето. Христос е тука, помеѓу нас, каде што се двајца или тројца, собрани во Неговото име, таму е и Тој. За да даде живот и вечна перспектива на човекот. Да му даде пат низ пандемијата на смртта и да го направи вечно суштество. И да му помогне да живее како вечно суштество, а не времено. Како суштество кое што не се крие и не е демнето постојано од смртта, а како суштество коешто знае, дека таа е изобличена и победена. Како суштество, коешто трепери и коленичи пред Бога.
Браќа и сестри, многу пати сум се чувствувал немоќен во пастирските напори кон вас. Во текот на последните дни, вие сите, моите парохјани, бевте моите пастири, доаѓајќи во храмот, иако сите ви велеа да побегнете од Господа…
Му благодарам на Бога што ве познавам!


Христос Воскресна!

 

3.angeli.so.truba


Превод: свештеник Дејан Апостоловски

3.angeli.so.truba

 Мај 2020 лето Господово