3.angeli.so.truba

Како се сведочи Човекот (16.05.2020 17:01)

Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“ ...Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Господ нѐ учи да не паѓаме на провокација од типот на етничките поделби. Не е битно толку што си (Јудеец или Самарјанин, односно Македонец или Грк, или Бугарин, или Србин, или Албанец), колку дали си, пред сѐ, човек. (Нечовекот и за своите не е корисен, тој и своите ќе ги однесе во пропаст.) Наместо тоа, Тој прво ѝ ја буди верата во Него како човек – проста и едноставна човечка верба и доверба. И не само тоа, туку пробува да ѝ разбуди интерес и да ѝ покаже дека има нешто многу поважно од тие поделби: Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ’Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива“ (Јован 4, 7–10).

Но жената, надоврзувајќи се на Неговата понуда, уште еднаш Го „проверува“, овојпат во една друга димензија од животот, воедно и лично провоцирајќи Го: „Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? Зарем си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец! И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“ Исто така, Господ нѐ учи да не паѓаме и на провокација од типот на формални религиозни поделби. И повторно се обидува да ѝ го разбуди интересот за нешто подруго и поголемо: Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4, 11–14).

Господ ѝ навестува дека е нешто повеќе од обичен човек и дека има нешто повеќе од обичен човек. Кога другиот ќе се увери дека си добар човек што сака да помогне и што може да поучи, тој почнува да се отвора пред тебе, особено кога нема што да изгуби. Така и жената: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го својот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Немам маж“. Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој што го имаш сега, не ти е маж; право рече“ (Јован 4, 15–18). Прво ја предизвикува да се отвори за комуникација и да излезе од себе, а потоа љубовно ѝ го открива нејзиниот внатрешен свет и ја враќа кон себе. Просто, воодушевувачки! Кога другиот ќе забележи дека неговата внатрешна состојба е откриена пред тебе, без да биде суден и осуден, тогаш тој уште повеќе се отвора, се отвора и за суштинско прашање.

Жената се отвора за многу суштинско прашање: „Господи, гледам дека си Ти пророк. Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме“.

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се клањате на она што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина“ (Јован 4, 19–24).

Жената Му рече: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже“. А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборувам со тебе“ (Јован 4, 25–26). Откако Христос гледа дека жената ја прифаќа вистинската вера, ѝ се открива и како вистински Бог.

Штом таа поверува во Него, почна и да Го сведочи: Ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: „Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Он Христос?“ Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него (Јован 4, 28–30).

И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила“. Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти самите чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос“ (Јован 4, 39–42). Верата во воплотениот Син Божји, во ветениот Месија, во Спасителот на светот, почнува да се шири. Најчесто, прво преку еден човек, а потоа и од личен опит, со лично присуство во сила, со зборови и дела во сила, од Самиот Него, во нашиот живот.

Колку е битно, кога Го сведочиш Бог, да си, пред сѐ, Човек, а не нешто друго. Пред сѐ, Божји човек, Христов човек, односно Христијанин, а не, пред сѐ, Србин, Грк, Македонец или Бугарин, и не, пред сѐ, поаш, еспецеовец или емпецеовец, или некој друг, сличен религиозен социопат. Едноставно е: само Христијанин може да шири христијанство. Религиозниот Србин може да шири само српство, не ни знае друго. Религиозниот Македонец, исто така.

Маскирајќи се и претендирајќи дека се нешто друго (национално и религиозно), луѓето го губат и Човекот во себе, а го исклучуваат и го губат и конкретниот Човек пред себе. Се маскираат, бидејќи го имаат изгубено својот вистински христијански идентитет, оној кој е според икона и подобие Божјо, оној кој им овозможува на сите да им станат сѐ – само некого за Христос да придобијат...; а немаат покајание. И тогаш губат сѐ... И Бог...

Затоа и никогаш не ги земавме сериозно заканите од таквите. И никогаш нема... Никогаш нема да ги земеме сериозно заканите од луѓе кои својата замислена состојба ја оправдуваат со состојбата во која замислиле дека ние сме, а со својот живот се одрекле од Богочовекот, односно Го разовоплотиле Бог од Човекот, за на крај да не остане за нив ни Бог ни Човек.


Богочовекот Христос сепак Воскресна!
 

Митрополит Струмички Наум

 

Извор: http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7283

 

Друго:

3.angeli.so.truba

Депресија и надеж од православен аспект (09.05.2020)