Nenad.Stojanovski2

Скопје,08.10.2023 г.-храм на св.Јован Крстител, н.Аеродром

✥Осумнаесетта недела по Педесетницата✥

..И му рече Исус на Симона: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!” Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сe и тргнаа по Него."

Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија се и тргнаа поНего." (Лука5,10-11).

Nenad.Stojanovski

               Драги браќа и сестри, навистина голема била жртвата на апостолите што ја поднеле, ставајќи се во служба на Господа Исуса Христа и на Неговата Света наука. Ниту во еден момент не чувствувале замор, ниту помислиле за се она што зад себе го имале оставено. Сето ова е опишано во денешново четиво од Светото Евангелие, како, одејќи покрај Генисаретското езеро, Исус Христос на чудесен начин ги повикал и со себе ги повел: Симона, брата му Андреа, Јакова и Јована. Во првиот момент Симон се исплашил, сметајќи се како недостоен за таква блискост кон Чудотворецот, но Исус го смирил и го ослободил од секаков страв со зборовите: "Не бој се, од сега ќе ловиш луѓе" (Мат.5,10). Со овие зборови Господ Исус Христос сакал да му каже дека ќе го одвои од секоiдневниот живот, ќе го испрати во светот да Ја проповеда Неговата наука и да ги изведе луѓето од мракот и од духовната темнина. Овие негови зборови имале толку голема сила така што овие прости луѓе не можеле да одолеат, но во истиот момент ги оставиле своите мрежи и кораби (кајчиња) и тргнале по Него, а подоцна и во светот. Простите рибари без двоумење ги оставиле семејствата, куќните прагови, браќата, сестрите, роднините, приЈателите и животот покрш езерото и тргнале во извршување на Неговата заповед, која имала за цел да го ослободи сиот човечки род од темнината на ѓаволот, односно од злото што беше загосподарило кај нив. Повиканите риболовци веќе беа подготвени да тргнат по патот, по кој ќе ловат луѓе и од кој нема, по цена и на својот живот, да се откажат и да се вратат, затоа што во себе имаа една и единствена цел: светот да го запознаат и да го поучат со Христовата наука. Сето тоа го вршеле со радост поради силната вера, а тоа го потврдува апостол Павле кога, пишуваiќи им на Филипјаните, им вели: ,Но, секако и се принесувам како жртва и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас" (Филип. 2,17). Познато е дека, покраj многуте жртви, апостолитe својот земен живот го завшија маченички, освен свети Апостол Јован. Навистина, тие немале што да жалат, бидеiќи нивното дело нема цена. За тоа нивно дело, Синот Божји, наместо земно богатство, им го ветил небесното Вечно Божјо царство, за кое навистина секој и треба да поднесува жртва. Царството Божо е света убавина, вели свети апостол Павле: >Што око не виде, уво не чу, ниту на човека наум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат<< (1 Кор. 2,9). Во тоа царство ќе бидат исполнети сите желби, посакувани и неисполнети на земјата.
               Благочестиви христијани, нашите желби се многу различни, но, еве, за некои ќе дадам појаснување и ќе најдам задоволителен одговор во Христовата наука за вечниот живот.

Nenad.Stojanovski1


                   Ако некој има желба за лична убавина, нека знае дека праведниците во Царството Небесно ќе сјаат како звездите на небото. Ако некој сака долг и здрав живот, нека знае дека во Божјото Царство праведниците ќе живеат во вечна неминлива младост. Ако некој сака изобилие и благосостојба, нека знае дека праведниците во Царството Божјо ќе бидат во изобилие и во благосостојба. Ако некој сака радост, нека знае дека праведниците во Царството Негово ќе бидат за сите од изворот на радоста и веселбата. Ако некој сака убава хармонија, нека знае дека во Божјото Царство ангелските хорови го слават бесконечно Бога. Ако некој ја сака мудроста, нека знае дека таа мудрост само Бог ќе му ја открие. Ако некој сака искрени пријатели, нека знае дека во Божјото Царство луѓето повеќе го љубат Бога, отколку самите себе и дека таму луѓето меѓусебно се љубат повеќе, отколку самите себе. Ако некој сака мир и слога, нека знае дека во Него сите луѓе имаат една волја, а таа е Божјата волја. Ако некој тежнее за власт, нека знае дека праведниците во Царството Божјо се семожни преку Божјата сила. Ако некој тежнее за слава и богатство, нека знае дека само Бог може да го постави над се, единствено како негов верен слуга.
                    Сето ова говори дека Царството Божјо е она кое на праведниците ќе им ги исполни сите желби, за да ја имаат целосната полнота во Оној во Кого верувале и живееле според Неговата наука. Човекот бара вечно постоење - полнота на вечноста, а таа е во Бога. Човекот е гладен за таа полнота која Бог ја дава низ вековите, зашто Бог е едно "Слово" кое може да го познае, да го види, да го чуе и со него да живее, само душата на праведникот. За тоа Слово, кое е всушност Бог, свети апостол и евангелист Јован вели: "Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото; Тоа во почетокот беше во Бога. Се постана преку Него и без Него ништо не стана, што стана".(Ј 1,1-3).
                   Затоа, сите да имаме на ум, дека им должиме вечна благодарност на апостолите и на нивните наследници во сите времиња. Тие се откажале од земните наслади и нам ни го покажале патот што води во Божјото Царство. Подобро дело не постои од она што Нашиот Господ Исус Христос го сторил преку своите апостоли и преку нивните следбеници, кои ни го покажаа патот кој води во Божјото Царство. Христовата наука, пренесувана од Неговите следбеници, го освои светот, но целосната победа во војната со ѓаволот не е завршена, туку трае. Во таа војна на бојното земно поле има борци од двете страни облечени во различна облека: Христовите војници се со облека што наликува на полските цвеќиња, на нивниот мирис, на темјанот и на мирисот од Гетсиманската градина, од Ливанската гора и од Јорданската долина. Тој мирис, принесен од чисто срце со молитва кон Бога за благодарност, на човекот му го отвори и му го покажа Светиот Крст како патоказ и раководно начело за вистинскиот живот со Христа.
            Да изразиме вистинска благодарност кон светите апостоли. Ние денес со вистинска молитва можеме да ги слушнеме зборовите на Господ Исус Христос кога ни вели: Не бојте се. Љубов имајте и Моите заповеди исполнувајте ги!"Амин!

Nenad.Stojanovski3

Подготви:  Отец Ненад Стојановски

 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 5:1-11
1. Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро.
2. Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите,
3. Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ.
4. А штом престана да говори, му рече на Симона: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!”
5. Но Симон Му одговори и рече: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.”
6. И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина.
7. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа.
8. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!”
9. Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија;
10. а исто така и во Јакова и Јована, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симона. И му рече Исус на Симона: Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!”
11. Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сe и тргнаа по Него.