takovski.jovan2.jpg

Одговара: Отец Јован Таковски

 

Нина

ПРАШАЊЕ: Што е всушност Светиот Дух.

Одговор: Светиот Дух е Третото Лице на Света Троица, покрај Отецот и Синот. Основната догма или вистина на христијанското учење за Бога, по кое се разликува од другите религии, е Богооткриеното учење за Света Троица, односно, за тоа дека Бог е еден по природа или суштина, а троичен по лица или ипостаси; Бог е и Отецот, Бог е и Синот, Бог е и Светиот Дух, па сепак не се три Бога, туку е еден Бог, бидејќи имаат заедничка природа. Начело или принцип во Света Троица е Отецот, од Кого од вечност, безвремено се раѓа Синот на неискажлив начин, и од Кого од вечност исходи Светиот Дух (види Евангелие според Јован, глава 15, стих 26). Лицата на Света Троица меѓу себе се разлкуваат по личните својства. Отецот не се раѓа нити исходи ни од кого; Синот вечно се раѓа од Отецот, а Светиот Дух вечно исходи од Отецот. Постои разлика меѓу раѓањето на Синот и исходењето на Светиот Дух, но човекот со својот огревовен и ограничен разум не е кадарен да проникне во оваа тајна. За да може човекот донекаде да проникне во тајната на Тро-Едниот Бог, потребно е да поверува во Него, да се крсти во името на Света Троица, и да го прими дарот на Светиот Дух во светата тајна Миропомазание.

Затоа Господи Исус Христос, по Своето воскресение, им рече на Своите ученици - апостолите: Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Матеј 28, 19); Кој ќе поверува и ќе се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден (Марко 16, 16).

Затоа, на Нина, и на мнозина слични на неа, им препорачувам да поверуваат во Света Троица и да се крстат во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да станат живи членови на Христовото тело - Црквата, во која, како во неисцрпна ризница, Бог ни оставил се што е потребно за наше спасение.



Мики

Прашање: Ве молам ако сакате да ми дадете објаснување за 10 Божји заповеди каде што во 4 заповед прочитав да се слави сабота. Кога е променето да се празнува недела и зошто? Библијата ја читам сам, христијанин сум. Ова го прочитав и ме интересира.

Одговор: Опширен одговор на ова прашање можете да најдете во книгата Црквата и сектите, од д-р Лазар Милин, во издание на Ѓаконија, Скопје 1999, стр. 424-505.

Ако читателот не биде задовлен од тој одговор, а веќе не паднал под влијание на некоја секта, може лично да ми се обрати за помош.

 Читањето на Библијата, без благодатното раководство на Црквата, може да биде контрапродуктвно.

Добар пример за тоа може да послужи минатонеделното евангелие што се читаше на Литургијата (Лука 10, 25-37), кога еден законик пристапи кон Исуса со цел да Го искуша, и Го праша: Учителе, што да направам за да добијам живот вечен? Исус му одговори: Што е напишано во Законот? Како читаш?

Тој право одговори кога ја цитраше заповедта за љубовта кон Бога и кон ближните, но проблемот беше во тоа што тој не знаеше кој е неговиот ближен. Тоа Му даде повод на Господ Исус Христос да ја каже историјата за Милостивиот Самарјанин. Законикот добро ја познаваше Библијата - Законот, но не ја разбираше, или погрешно ја разбираше. Тоа се случува и денес со сите оние што не го признаваат авторитетот на Црквата како Тело Христово и единсвеното место за правилно разбирање на библиските пораки.

 

За да не биде читателот без никаков одговор, ќе кажам само неколку збора:

            Празнувањето на саботата се спомнува дури по излегувањето на Израилскиот народ од египетското ропство, додека лутал во синајската пустина.

            Старозаветниот обреден закон, вклучувајќи ги празниците и саботите, имал само подготвителен карактер и важност (педагог) до Христа (Лука 16, 16; Гал. 3, 24). Христос го исполнил и со тоа н# ослободил од натамошните обврски кон него (Гал. 3, 13. 25).

            Саботата, како и сите старозаветни празници, во Светото писмо е наречена сенка, а сенката е минлива (Колос. 2, 16 и 17).

            Воскресението Христово е најзначајниот настан во историјата на човештвото, а тој се случил во првиот ден од седмицата (неделата) затоа Христјаните ја слават неделата како ден Господв од најрано време.

            Црквата има особена почит и кон саботата, затоа што во тој ден Христос, додека со телото беше во гробот, како Бог престојуваше меѓу умрените (1 Петрова 3, 18-20). Затоа Црквата и саботата ја смета за радосен ден, па поради тоа во сабота е забранет строг пост, освен на Велика сабота.



Никола

Прашање: Кои се 7-те дарови на Светиот Дух?

 

Одговор: Според пророк Исаија (11, 1-3) главни дарови на Светиот Дух се:

            1. Дух на страв Божји. Дарот на страв Божји е страв да не направиме нешто што е недостојно и гревовно пред Бога. Тоа не е ропски страв, страв од казна, туку е синовски страв, кој произлегува од љубовта  на човекот кон Бога како кон свој Отец и Добротвор.

            2. Дух на знаење, или способност за познавање на небесните тајни, на божествените вистини, неопходни за спасението.

            3. Дух на сила, или цврстина во борбата против гревовите и во стремежот кон добродетелите. Дарот на сила го прави човекот способен да им се спротивстави на сите гревовни искушенија и да врви неотклонливо по патото на спасенитео.

            4. Дарот на совет е способност да ги утешуваме другите, да ги поучуваме и упатуваме во вистината и доброто.

            5. Дух на разум му помага на човекот да проникне во Божјите тајни и да умее да живее во чистота и непорочност.

            6. Духот на мудрост е дар кој на човекот му овозможува да си изгради правилен поглед кон овоземниот живот и го оспособува да ги пронајде најдобрите сретства за остварување на крајната цел на човеовото живеење - вечниот живот во заедница со Бога.

            Дух Господов, или дар на благочестие и праведност со кои се одликуваат оние што навистна се трудат и напредуваат на патон кон светоста и обожувањето.

            Св. апостол Павле, во посланието до Галатјаните (5, 19-23) ги набројува делата на телото, кои се спротивни на делата на Духот, а потоа ги набројува делата кои се плод на Духот:

            Тој вели: Делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, гнев, расправии, несогласности, ереси, зависти, убиства, пијанство, срамни гостувања и други слични работи; ...оние што го прват тоа, нема да го наследат царството Божјо.

            А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста, . Против такви нема закон. Оние, пак кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите.

о. Јован Таковски

 

останати одговори:

Ве молам, сакам да имам духовен отец...

Кои се причините што доведоа сатаната да биде отфрлен од Божјата милост?

 

Посети:{moshits}

 

 

IvicaTodorov

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: Раното утро пред зори на Велики Четврток со радост секоја година го очекувам, и за мене секојпат тоа е најубавиот момент кога се вапцуваат црвените јајца,а она првото јајце кое треба да стои до наредната година ми дарува огромна топлина во мето срце.Но моето срце од пред некој ден се исполни со секирација.Никогаш до сега не ми се случило да тоа првото јајце кое го чувам како сопствените очи,пред некој ден,од ништо просто експлодира и се распрсна на многу парчиња.Што е значењето доколку таквото јајце самото се распрсне?Ве молам кажете ми дали има место за секирација? Верувам во Господ со сето свое срце,и верувам дека тој со тоа ми праќа некој абер, но јас не знам како да го протолкувам. Ви благодарам.

ОДГОВОР: Праксата да се бојадисуваат црвени јајца пред најголемиот христијански празник  - Воскресение Христово (Пасха, Велигден) свои корени има во црковната древност. Овој обичај е плод на тогашните христијани радоста на воскресението Христово преку конкретен симбол да може да ја споделат и внатре во црковната заедница, но и со оние надвор од Црквата, кои се уште не биле евангелизирани и крстени. Особено овие, вторите, биле пожелувана целна група, затоа што преку црвеното јајце христијаните можеле да им засведочат на тогашните пагани (незнабожци) за Христовата искупителна жртва за целото човештво и за Неговото воскресение од мртвите, односно, за победата на животот над смртта.  Затоа и била избрана црвената боја за бојадисување на јајцата. Истата ја симболизира крвта Христова која на крстот се изли за нас и за нашето искупување пред Небесниот Отец и за наше ослободување од сатанските мрежи на ропството (злото - гревот -  духовната и телесната смрт). Формата на јајцето го симболизира нашиот свет (планетата земја) и целото човештво кое преку Христовата крв (искупителна жртва) повторно ја доби можноста да учествува во постоењето во Царството Божјо преку остварување на спасението во Црквата. Моментот кога се крши јајцето, пропратен со најрадосниот поздрав "ХРИСТОС ВОСКРЕСНА - НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА", го симболизира Христовото воскресение, односно, уништувањето на смртта и дарувањето на можноста сите кои се во Христа во последниот ден (денот на второто Христово доаѓање) да воскреснат (да го примат своето тело ослободено од последиците на злото и смртта).

Според горенаведеното, црвеното јајце е само еден благочестив древен христијански обичај и симбол и ништо повеќе од тоа. Функцијата на овој обичај е пред се мисионерска, односно, истиот е можност за сведочење на сето она што нашиот Спасител го направи и прави за Црквата и за целото човештво. Затоа, треба да внимаваме овој симбол да не го мистифицираме и да го ставаме во разни суеверни контексти. Првото бојадисано јајце на велики четврток, неговото чување и доживување од некои како чувар на домот и разни други нешта немаат никаква врска со Црквата и нејзината вистина, па затоа, како христијани не треба да си создаваме лични толкувања туку треба преку здравиот спасоносен духовен живот во Црквата да ја живееме вистината Христова и да се ослободуваме од сите нешта (особено од суеверието) кои ни создаваат проблеми во процесот на нашиот духовен раст.

 

Одговара: Јеромонах Доситеј (Бигорски манастир)
 

ПРАШАЊЕ:   Дали треба да се бакнуваат иконате во црква?  (Катерина)

ОДГОВОР: Во историјата на Црквата, особено во доменот на мисијата на катихизирањето и религиозното поучување, иконите имале одлучувачка улога. Иконата има:
1. Дидактичка функција, бидејќи иконографијата е сметана како катихизис на учените и неуките,
2. Контеплативна функција, бидејќи го сугерира и привлекува духот кон преобразениот свет,
3. Посредничка функција, затоа што ја предава невидливата сила на светоста на живописанието.Од тие причини иконите треба да се бакнуваат и целиваат со најголема побожност. Во Православната историја познати се чудотворни икони, чија тајна останува неоткриена. Било да се насликани од светии, било поради силна вера на оној кој ги почитува, било да се одбрани како орудие во божествената икономија, тие икони се најскапото отечко заветување во Православната побожност. Последниве децении некои неправославни конфесии како и историчарите на уметноста ја разоткрија вистинската вредност на иконата. Така иконата станува симбол на медитацијата и откривението, бидејќи: сведочи за светото и Божественото присуство во времето и просторот, во делон на Овоплотувањето, или Восреснувањето на Неговиот Син, ја соопштува визуелната невидлива божествена стварност која доаѓа како перцепција на чулата, ја наговестува светлоста на Идниот Век, состојбата на обожувањете или точката на средба на историското време со вечноста; го признава човечкото учество во преобразувањето на творбата. Беседа изречена од св. Јован Дамаскин Бидејќи некои не прекоруваат што се поклонуваме на иконите и ги почитуваме иконите на Спасителот и Владичицата наша, како и иконите на останатите светители и угодници Христови, нека слушнат дека Бог од почетокот го створил човекот по сопствената икона (слика, образ). Поради што, се поклонуваме еден на друг, ако не затоа што сме создадени по иконата Божја? Како што вели богоносниот и знајниот на божествените работи, Василие, почитувањето упатено на иконата, достигнува до праобразот; „а праобразот (прволик, прототип) е она што на иконата е изобразено, од кое произлегува образот. Поради што Мојсеевиот народ, застанат во круг, се поклонувал на шаторот, кој бил икона и образ на небесните стварности, или на целокупната творба? Господ Бог му вели на Мојсије: „Гледај, па направи го се ова по сликата (образот) која ти е покажана на гората. Зарем, херувимите кои правеле сенка на жртвеникот не се дело од човечката рака? Што ли е прочуениот храм во Ерусалим? Нели е ракотворен и од човечката вештина на нивните раце.

Божественото писмо, меѓутоа, ги осудува оние кои се поклонуваат на киповите, но и оние кои принесуваат жртви на демоните. Јелините принесувале жртви, а принесувале жртви и Јудеите; меѓутоа, Јелините жртвите ги принесувале на демоните, а Јудеите на Бога. И беше Јелинското жртвопринесување отфрлено и осудено, а жртвата на праведните прифатена од Бога. Бидејќи Ное принесе жртва и Господ Бог омириса мирис од праведник, зошто прими мирис на добра воља и благодарност упатена Нему. Така, киповите јелински, го преставувале изобразувањето демонско, и биле отфрлени и забранети.

Згора на тоа, кој е во состојба да го изобрази невидливиот и безтелесниот, неописивиот и неизобразивиот Бог. Према тоа, изобразувањето на она што е божествено знак е на крајно безумие и бесчестие. Оттука во стариот завет небила вообичена употребата на иконата. Меѓутоа бидејќи Бог поради својата голема милост постанал човек за нашето спасение, и тоа не онака во човешки облик како што се јавил на Авраама или пророците, туку навистина суштински постанал човек живеел на земјата и со луѓето, па чудотворел, страдал, бил распнат, воскреснал, и се вознесол, и сето тоа навистина се случило, и луѓето тоа го виделе, и запишано е тоа, па затоа да се сеќаваме на тоа и поучиме и ние кои тогаш не сме биле присутни, да иако несме виделе поверуваме ќе се удостоиме со блаженствата Господови. Бидејќи сите не се вични на писмото, ниту читаат, затоа светите отци одлучија тоа, како некакви исклучителни дела, да биде на иконите запишано, поради кратки помени. Навистина многу пати немајќи го на ум Христовото страдање, кога ќе го видиме на икона Христовото распнување ни доаѓа во сеќевање спасоносното страдање, и паѓајќи на земја се поклонуваме, не на материјата, туку на оној кој е на иконата изобразен, како што не се поклонуваме на материјата на Евангелието ниту на материјата на крстот, туку на нивниот вообраз. Бидејќи по што се разликува крстот кој на себе го нема образот Господов од оној кој го има? Исто така кога станува збор за Богоматеријата: бидејќи почитувањето кое е кон неа прикажано, го упатуваме кон Оној кој од неа се восплотил. На сличен начин и големите дела кој ги створиле Светителите не потстикнуваат на човечност и ревност и подржување на нивните предности и славата Божја. Бидејќи како што спомнавме, почита која ја укажуваме кон благодарните сослужителите ја покажува благонаклоноста кон заедничкиот Владика, и почитување кон иконата преоѓа на прволикот. Тоа е всушност не запишано предание, како што е поклонувањето кон исток, поклонување на крстот и многу друго слично на тоа.

Се кажува и некое предание дека царот Авгар кој владеел во градот Едеса, го испратил сликарот да го изобрази ликот Господов, но тој не бил во состојба поради заслепувачки блесок на Неговото лице. А Господ го приклонил своето лице на едно платно и го изобразил на него својот лик и така му го испратил на Авгар, кој тоа го сакал.

А дека апостолите многу тоа незапишано ни го предадоа, за тоа пишува апостол Павле, апостол на народот: „Значи така браќа, застанете цврсто и придржувајте се кон преданијата, на кои сте научени, било преку нашиот збор или преку  посланија“. А на Коринтјаните им напишал: „Ве пофалувам, браќа, што се мое паметите и го вршите преданија како што Ви го предадов“.

св. Јован Дамаскин

Повеќе...

Посети:{moshits}

 

Прашање: Толку многу верувам во Бога толку го почитувам но откако се случи ова со Тоше јас сум скршена и не знам дали да верувам и не е фер не знам како да си го објаснам тоа истото се случи и со Принцезата Дијана и таа ми беше идол и Тосе. И ШТО СЕ СЛУЧУВА НЕ ЗНАМ СТВАРНО СУМ ЗБУНЕТА ОБЈАСНЕТЕ МИ КАКО ДА ГО ПРИФАТАМ ТОА.

ОДГОВОР:...„ Ако ги погледнеме случувањата од оваа перспектива мислам дека веднаш станува јасен одговорот на прашањето: Зошто некој толку побожен и добар загинува толку млад и толку трагично? Прераната смрт на добриот, барем за мене, е само сведоштво на неговиот длабок, личносен и синовски однос со Бог. Сведоштво за неговиот копнеж. Сведоштво за тоа: не што, туку Кого тој барал...“ - 

Ви го посочуваме текстот на Митрополит Струмички г. Наум „Живееме ли, умираме ли Господови сме“ . Внимателно прочитајте го. Доколку  сакате дополнителни појаснувања во врска со текстот,  ќе се обидеме да го исконтактираме Владика Наум, доколку е тоа возможно, а Вам неопходно!

Со почит,

од Редакцијата на

ПреминПортал

ОДГОВОР: Темјанот изработен  во машкиот манастир посветен на УСПЕНИЕ  НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА  - Берово, можете во Скопската епархија да го купите во: Марков манастир, манастирот Св. Никола во с. Љубанци и во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка.

IvicaTodorov

 

 

 

 

 

 

 

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: Како да се доближиме до Бога...

 

ОДГОВОР: Иако писмото на почитуваниот брат нема во себе некое директно прашање, тоа на еден интересен начин е полно со свои внатрешни прашања и  одговори. Всушност, како што јас го доживувам писмото, братот длабоку навлегол во својот внатрешен дијалог, кој всушност е монолог, и еве јас се нудам тој монолог да стане еден конструктивен дијалог, или како што си велиме ние, муабет. А муабетот од моја страна би го започнал со еден пример од поуките на авва Доротеј. Примерот гласи вака:
Во шестото слово од своите ″Поуки″ авва Доротеј го вели следното: Представете си круг, нацртан на земјата. Неговото средиште е центарот, а правите линии, кои излегуваат од него кон границите на кругот, се радиусите. Сега, вникнете во тоа, што сакам да ви го кажам! Да претпоставиме дека овој круг е светот, а неговиот центар е Бог. Радиусите, односно, правите линии, кои водат од границата на кругот кон неговиот центар се патиштата на човековиот живот. И сега, во колкава мера светиите навлегуваат во кругот за да му се доближат на центарот, односно, на Бога, во толкава мера, според доближувањето, се открива дека му стануваат блиски на Бога, но и еден на друг. Значи, колку му се приближуваат на Бога, тие толку повеќе се приближуваат еден до друг, и колку повеќе се приближуваат еден до друг – толку повеќе се приближуваат кон Бога. Истото ова се однесува и за одалечувањето. Кога се одалечуваме од Бога и се враќаме нанадвор, накај границите на кругот, па и надвор од нив, очевидно, во иста мера се одалечуваме од центарот, односно, од Бога, но и се одалечуваме помеѓу себе. И колку повеќе се одалечуваме помеѓу себе, толку повеќе се одалечуваме и од Бога. Таква е и природата на љубовта – колку повеќе се наоѓаме надвор од Бога и немаме љубов кон Него, толку повеќе им стануваме туѓинци на нашите ближни. Но, ако го возљубиме Бога, и ако со својата љубов непрестано му се доближуваме – толку повеќе, во истата таа љубов, ние стануваме едно со нашите ближни – и колку повеќе го остваруваме љубовното единство со нашите ближни, толку повеќе го остваруваме и своето единство со Бога.  

 

IvicaTodorov

 

 

 

 

 

 

 

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: Ме интересира што значи, многу сакам да знам...ако умре човек на голем празник. Загубив многу сакана личност на Успение на Пресвета Богородица.

 

ОДГОВОР:

И јас самиот многу често сум слушал разни толкувања околу тоа дека ако некој премине (замине од овој свет) на некој поголем црковен празник, тоа значело некаква посебна Божја милост, знак. Но, искрено, јас сум уверен дека не е толку битно кога, туку како, со какви духовни плодови некоја личност ќе го напушти овој свет.

Нашиот Спасител, Господ и Учител Исус Христос за ова не поучува со следните свои зборови: Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене ( кој верува во Него како Месија, Спасител, како оној кој е ВРАТА од овој во вечниот живот, како оној кој ја има власта над животот и смртта) и да умре (и да вкуси биолошка смрт, одвојување на распадливата телесна природа од духовната, нераспадлива природа) ќе живее. (личноста, на секој човек, која во овој живот живееле во Христа, во Неговата Црква, и како ученик Христов во Духот Свети се очистувала, овистинувала и ољубовувала - по биолошката смрт - со својата духовна природа, своето постоење го продолжува во наддимензиналните можност на Царството Небесно) И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа? Таа (Марта) му одговори: Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос (Месијата, Помазаникот, Оној кој го има овластувањето и власта), Синот Божји, што треба да дојде во светот. (Евангелие според Јован. 11, 25 - 27)    

Секој човек што знае да љуби во смртта гледа голем непријател. И со право, затоа што никој не сака да го загуби објектот на својата љубов. Но сепак христијанската љубов има и една друга димензија. Христијанската љубов љуби затоа што има за цел објектот на својата љубов да го спаси од смртта, од вечната разделба. И затоа христијанската љубов му е послушна на Христа, затоа што само во Него имаме гаранција дека оние што ги љубиме нема да ги изгубиме, а и самите себе си.

 Во овој контекст го препорчувам за сериозно читање и текстот на протопрезвитерот Јован Романидис “ПРАВОСЛАВИЕТО НЕ Е РЕЛИГИЈА”, во него тој одговара на најсуштинското прашање што си го поставува секој христијанин, прашањето поврзано со процесот, патот на спасението.
 

ПРАВОСЛАВИЕТО НЕ Е РЕЛИГИЈА


Кај многумина владее мислењето дека Православието (православното христијанство; православната Црква) е една од многуте религии која за своја главна грижа ја има подготовката на членовите на Црквата за животот по смртта, односно, да обезбеди за секој православен христијанин сигурно место во рајот. Истите се на мислење дека православните догмати даваат некоја посебна заштита, затоа што, нели, се православни, и ако некој не верува во православните догмати, тоа е сигурна причина истиот да заврши во пеколот, ако тамо не го испратат неговите лични гревови.

    Сите православни христијани кои веруваат дека православието е такво, тогаш тие православието во потполност го поистоветуваат со идниот живот. Тие не прават многу нешта во овој живот, туку чекаат да умрат за да  можат да влезат во рајот, затоа што додека биле живи, нели, биле православни христијани! Некоја друга група (тип на верници) православни христијани доаѓаат во Црква, не затоа што имаат вера во другиот живот, туку воглавном затоа што истите се интересираат само за овдешниот живот. Тие, нели, се интересираат само за тоа на кој начин православието ќе им помогне добро да си поживеат во овој живот. Таквите православни христијани се молат на Бога, ги повикуваат свештениците да се молат за нив, вршат осветувања итн. . . и тоа се со цел Бог да им помогне добро да си поминат во овој живот, да не бидат болни, успешно да ги растат своите деца, на ќерките да им обезбедат добар мираз,  синовите да си најдат добри девојки, со добри мирази, и со нив да се оженат, бизнисот да им врви успешно, трговијата исто така, па и берзата или индустријата . . . Гледаме дека овој тип на христијани не се разликува многу од верниците на другите религии, кои, искрено речено, го прават истото.

    Од погоре изложеното секој гледа дека православието има две обележја заеднички со останатите религии: прво, да ги подготвува верните за животот после смртта, за да можат да одат во рајот, онака како што секој си го замислува, и второ, да се грижи христијаните да не дожувуваат страдања, невољи, катастрофи, болести, војни, итн. . . односно во овој живот Бог да ги задоволи сите нивни потреби и желби. Затоа, особено за овие вторите, религијата има голема улога во овој живот, и тоа најмногу во нивниот секојдневен живот.

    Подлабоко погледнато, од сите овие христијани за кои говоревме: колкумина од нив се интересираат дали Бог постои или не постои? Кој од нив го бара Бога? Од нив дури и не се поставува прашањето дали Бог постои или не, затоа што е многу подобро да постои, за да можеме да го повикаме и да му побараме да ги задоволи нашите потреби, за нашите нешта добро да врват и да имаме среќа во овој живот.

    Гледаме дека човекот има силна желба да постои Бог, да верува дека Бог постои, затоа што на човекот му е неопходно да постои Бог, за да има некого во кого ќе добие безбедност, како што и претходно говоревме. И, иаку да постои Бог е неопходност за човекот - Бог постои! Човекот да нема потреба за Бога и да може сам да се обезбеди во животот и да може да живее на некој друг (свој) начин, тогаш никој не би знаел колку би биле оние кои би верувале во Бога. Ова во голема мерка денес се случува во Грција (како и во другите традиционални христијански земји - прем. прев.). Се случува многу луѓе кои порано не биле заинтересирани за религиозното, на крај да станат религиозни, затоа што им се случило нешто што ги уплашило. И поради тоа тие повеќе не можат да живеат ако не призиваат некој Бог да им помогне, при што истото најчесто е предизвикано од празноверие. Поради овие причини, самата човекова природа му помага на човекот да биде религиозен. Ова не важи само за православните христијани, важи и за верниците од другите религии. Природата на човекот е насекаде иста. Така да човекот, по падот, како последица на духовното затемнување, запаѓа во празноверие. Прашањето кое сега следи гласи вака: каде престанува празноверието, а каде започнува вистинската вера?

    За оваа тема оците на Црквата имаат јасен став и учење. Човекот кој го следи, или поточно кажано, кој мисли дека го следи Христовото учење и кој едноставно секоја недела оди во црква, кој точно во одредени интервали се причестува, кој повикува свештеник дома да му освети вода итн . . . без во сето тоа да се задлабочи, останува на словото на законот, а не во духот на законот, и следствено на тоа, каква корист тој има од православието? А оној другиот, кој се моли само за идниот живот, за себе и за другите, и совршено не се интересира за овој живот, каква пак тој корист има од православието.  Првата тенденција ја застапуваат парохиските свештеници и тие кои околу нив се собираат во духот кој погоре го опишавме, а втората тенденција ја преставуваат старците по манастирите, обично некој архимандрит кој е во пензија и чека да замине од овој свет, со неколку монаси кои се околу него (авторот намерно оди во крајност за да ја долови карикатуралноста и апсурдноста кога се отстапува од православното преданието - прим.прев.). И во двата случаја овие луѓе не се собрани поради очистување и просветување, следствено на светоотечкото гледиште, така да тоа што го прават е погрешно во однос на она кон што тежнеат. Ако истите се насочени кон очистување и просветување и ако ја применуваат православната светоотечка аскетска метода за да ја здобијат молитвата на умот, тогаш сето она што погоре е спомнато се поставува на вистински темел. Погоре спомнатите тенденции се движат во правец на две неспоиви крајности затоа што нивните тежненија немаат заедничка оска. Заедничката оска која е одредена од православното предание и која ја утврдува неговата поврзанот, една и единствена оска за сите теми со кои се занимава и кои секогаш ги поставува на вистинска основа кога за нив промислува, е всушност оваа оска: очистување - просветување - обожување.

    Оците не се занимаваат со тоа што ќе биде со човекот исклучиво по неговата смрт, туку првенствено ги интересира тоа што ќе се случува со човекот во овој живот. По смртта нема можност за исцеление на умот, исцелението треба да започне во овој живот, затоа што во “адот нема покајание”.

    Православната теологија не е надсветска, нити сосем свртена кон иднината, нити е само есхатолошка, туку може да се каже дека таа е чисто овосветска. Затоа што православието првенствено се интересира за човекот од овој свет, во овој живот, а не по смртта. Зошто се потребни очистувањето и просветувањето? За човекот да влезе во рајот и да го одбегне пеколот? Дали навистина служат за тоа? Од што се состои очистувањето и просветувањето и зашто тие се бараат од православните. За некој да ја пронајде вистинската причина и да одговори на ова прашање потребено му е да го има главниот клуч, кој е сочинет од следново: сите луѓе на земјата, според православната теолошка мисла, имаат ист крај. Без разлика дали тој е православен христијанин, или будист, или хиндуист, или муслиман, или агностик, или атеист, или било кој, нели, човек на земјата, предодредено му е да ја види славата Божја. И ќе ја види славата Божја на општочовековиот крај, за време на второто доаѓање Христово. Сите луѓе ќе ја видат славата Божја, и следствено на тоа, сите ќе имаат  ист крај. Сите, значи, ќе ја видат славата Божја, но сепак со една голема разлика: тие кои се спасени ќе ја видат славата Божја како светлина слатка и незаодна, а тие кои се осудени, таа иста слава ќе ја видат како оган кој се изгорува, како пламен кој ги пече. Ова, дека сите ќе ја видат славата Божја, е вистинит и непроменлив факт. Тоа, дека сите ќе го видат Бога, односно, славата Негова, светлината Негова - тоа ќе се случи, без разлика дали ние го посакуваме тоа или не, и делувањето на оваа светлина ќе биде различна, на еден начин за едни, на друг начин за други.

    Според ова, делото на Црквата и свештенството, не се состои во тоа да ни помогнат да ја видиме таа слава, затоа што тоа, во секој случај ќе се случи. Делото на Црквата се однесува на тоа како секој човек ќе го види Бога, а не на тоа дали ќе го види Бога. Односно,  делото на Црквата се состои во тоа таа да им го проповеда (сведочи) на луѓето постоењето на вистинскиот Бог и вистината дека Тој Бог ќе им се открие како светлина, или како оган што се гори, и тоа дека сите луѓе за време на второто доаѓање Христово, ќе го видат Бога, и да ги подготви своите членови Бога да не го видат како пламен, туку како светлина. Оваа подготовка на членовите на Црквата, како и на сите луѓе што сакаат да го видат Бога како светлина, е суштината на исцелителната метода, која треба да се започне и која треба да даде свој плод во овој живот. Исцелението треба да се врши и изврши во текот на овој живот, затоа што по смртта телесна нема покајание. Оваа исцелителна метода е самата суштина и главна содржина на православното предание, односно, таа е првенствена грижа на Православната Црква. Потребно е да се помине низ следните три нивоа од духовното воздигнување: преку очистувањето од страстите, просветувањето со благодатта на Духот Свети и обожувањето, повторно преку благодатта на Духот Свети. Се случува и ова; ако некој не стигне, макар до нивото на просветување, во текот на овој живот, не може да го види Бога како светлина ниту во овој, ниту во другиот живот. Така да станува јасно дека оците на Црквата се грижеле за тоа каков е човекот денес, во овој момент. А оној, за кого е наменето и потребно исцелението, е секој човек  , за секој кој е одговорен пред Бога ова дело да го започне денес, во овој живот, затоа што во овој живот единствено тоа и го може. Не по смртта. И истиот тој човек е тој кој ќе одлучи дали ќе сака да оди по овој пат на исцеление или не. Христос кажа: ЈАС СУМ ПАТОТ (Јован. 14,6). Пат кој води некаде, каде? Не само кон другиот живот. Христос е патот кон Неговиот Отец и нашиот Отец. Христос првин на човекот му се открива во овој живот и му го покажува патот до Отецот. А тој Пат е самиот Христос. Ако човекот, во овој живот не го види Христа, макар со сетилата на умот, нема да го види ни Отецот, ниту светлината Божја, ни во идниот живот.
    
Изворник: протопрезвитер Јован Романидис, Светоотачко богословље, Београд, 2005
Превод: презвитер Ивица Тодоров