Одговара: отец Горан Стојчевски


Прашање од А.: Благослови Отец,
Вчера ми се случи нешто, што не знам како да го протолкувам, па би сакала да ми дадете совет како да го разберам. Инаку да напоменам не сум крстена, од фамилијарни причини како мала. Моментално не живеам во Македонија и имам намера на лето кога ќе дојдам да се крстам.
Обично секоја вечер пред да си легнам, ја читам Библијата. И имам една мала икона од Исуса Христа што ми стои во Библијата, меѓу страниците. Како што си легнав, ја затворив Библијата и ставив до кревет и не забележав нешто да падне, ниту гореспомнатата икона ја видов кога читав. Изгасив светло и заспав. Не памтам што сонував, меѓутоа како нешто да ме разбуди, отворив очи и покрај мене на кревет ја видов истата икона од Исуса Христа, свртена накај мене. Јас обично спијам немирно, како не сум легнала врз неа, не се извиткала.. Чудно ми падна. Ја вратив во Библијата назад. Има ли некое значење сето ова?
Благодарам и секое добро,

 

Одговор:


Добро е што ќе ја реализираш својата одлука да се крстиш  и да започнеш нов и духовен живот во Христос Спасителот. А, што се однесува до твојата случка нема потреба тоа да го толкуваш  вака или онака, секој памети некоја случка од животот која всушност е некаков повик кон  живот во Црквата, живот во Христос. Јас паметам дека како дете видов како фрлаат метален мал крст во канта за ѓубре, а мене не знам што ми беше го извадив оттаму и го чувам иако некое особено познавање за верата сум немал!