Одговара: отец Горан Тасески

 

Прашање од Андосија:

Најнапред голем поздрав до Преминпортал,а ме интересира дали  при молитвите треба да има кандило пред иконата и кога се пали на празници или секој ден? Ве молам да ми објасните нешто повеќе.


  Кандилото е симбол на Божествената светлина  која го просветлува секој човек , тоа со тивкото треперење на пламенот буди мир  во душата, го поттикнува срцето на молитва - на радосно треперење, бидејќи се стреми да се сретне со Создателот свој.
Елејот -маслото во кандилото е симбол на добродетелноста , пламенот пак е израз на нашата вера во Бога, па така и ние за да се поистоветуваме со мудрите девојки / од параболата за Младоженецот/, треба да се трудиме да живееме во постојана духовна будност, нашите светила /односно верата/, да бидат постојано запалени и секогаш  да имааме доволно елеј /односно добродетели/,  за да го пречекаме Господа секогашх подготвени за да се сретнеме со Него за наше спасение. 
Не случајно при осветување на дом се осветува кандило за да се покаже дека во тој дом има вера и се вршат постојано добродетели и дека се принесува постојана молитва. Накратко речено тоа е израз на нашата заложба за постојана духовна будност.Ако е така тогаш  би требало ако сме во можност нашето кандило постојано да го оддржуваме запалено, деноноќно.  Ако го напуштаме домот за подолго време добро е да се помолиме на Господа да го пази нашиот дом и да го изгаснеме од безбедносни причини.
Господ со вас , Христос Воскресна.