IvicaTodorov

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

 

ПРАШАЊЕ: Зосто некои свестеници,не дозволуваат по некогаш да му се целива рака,дали ние сме недостојни или е несто друго,ние тоа го правиме во цес на одездата која јо носат во цес и слава на Бога? Ви благодарам.

ОДГОВОР: Јас не би можел да одговорам во името на другите преставници на служебното (ерархиско) свештенство зошто понекогаш не дозволуваат да им се целива раката, но ќе се обидам на ова прашање да одговорам од моето искуство, доживување и исповедање на верата.

 Според вистината и смислата за Црквата, откриена од самиот нејзин Основач и Возглавител - нашиот Господ и Спасител Исус Христос, таа во овој свет има за задача да го сведочи совршениот начин на постоење создаден и благословен од Бога и во исто време на сите личности од сите народи од овој, отклонет од Бога свет, да им помага во нивното спасение и ослободување од злото, гревот, смртта и ѓаволот. За горенаведеното да може да се оствари нашиот Спасител својата Црква (έκκλησία, љахал -еврејски термин за заедница) ја создава како заедница во која се влегува преку призив/повик (έκκλησία = собрание преку повик). Овој призив, да се биде член на народот Божји = Црквата, е пред се Божји призив кој во личноста на човекот пристигнува директно од Бога или индиректно, преку сведочењето на Неговата Црква (Јован. 6, 65; Матеј. 28, 19 - 20). Откако некоја личност ќе одговори на призивот и во себе ќе го започне процесот на своето одвојување од злото и гревот преку покајанието (духовното будење), а кога ќе се исполни времето и истата ќе биде подготвена од страна на Црквата да може да учествува во Светата тајна на крштевањето, миропомазаниет и причестувањето - таа станува полноправен член на:

1.  избраниот род (новозаветниот народ Божји, како продолжение во Духот на старозаветниот народ - Израилот),
2. на царското свештенство (свештеник, сведок, служител на Царството во овој свет),
3. на светиот народ, на луѓето кои се придобиени да ги возвестуваат совршенствата на Оној Кој не' повикал од темнина во својата чудесна светлина. (1. Петрово. 2, 9).

Според горенаведеното станува јасно големото достоинство, но и одговорност, со кое се здобива новиот член на Црквата. Тој станува ученик Христов, член на Неговото Тело, свештеник на Царството Божјо, сведок и помошник Божји во делото на спасението на човештвото и светот (Матеј. 5, 13 - 16).
За истиот овој Народ Божји = Црквата да може во овој свет да ја остварува својата мисија и спасоносна смисла на постоење, но и да има подобра внатрешна организираност на своите дејности, самиот Христос промислува од овој Свој народ да повика доблесни и духовно зрели благоразумни слуги кои ќе ги постави над слугите свои да им даваат навреме храна (види: Матеј. 24, 45 - 51). Овие слуги на слугите Божји што Господарот = Христос  ги поставил над своите слуги да им даваат навреме храна се всушност оние кои од Црквата се наречени служебно ( да му служи на народот Божји) свештенство (ѓакони - презвитери - епископи). Ова служебно свештенство, за разлика од царското - општо свештенство на сите верни, се разликува по тоа што истото има поголема одговорност пред Бога и Народот Божји во однос на сведочењето на евангелската вистина, духовното раководење на Народот Божји и извршување на Светите тајни и останати потреби за Црквата и претстојување пред Народот Божји на богослужбите на Црквата, особено на заедничкото дело на Црквата = Литургијата.

 И затоа,  мене како преставник на служебното свештенство, ми е сосем евангелско - богословски неоправдлив чинот на поклонување и бакнување рака од страна на моите браќа и сестри кои се преставници на царското - општо свештенство. Кога пред мене стои неракоположен во служебното свештенство член на Црквата, ученик Христов (без разлика на неговите познавања на верата, духовен раст или етичка состојба) јас не гледам во него некој обичен мирјанин (световњак, непосветена личност), туку мој сотелесник во истото Тело на воскреснатиот Христос . Можам и со многу аргументи да посведочам дека многу често обичајот "баци рака" се злоупотребува од страна на некои преставници на служебното свештенство за психо - ментална контрола, наметнување на авторитет, проверка на потчинетост. . .

И да се вратам и директно на прашањето. Мојот одговор зошто некои преставници на служебното свештенство не дозволуваат да им се бакне рака можеби не значи дека оние кои сакаат им ја бакнат раката се недостојни, можеби свештенослужителите се чуствуваат недостојно. А и преставниците на Народот Божји потребно е да научат дека чест не се прави на одеждата (истата ќе ја ставам на магаре, па и на него ли чест заради одеждата) туку на личноста која ја носи одеждата, особено ако истата е позната по своите добродетели, жртва за Народот Божји преку духовно раководство, сведоштво на евагелието Христово, посветен богослужител - и сето не заради своето его, туку за слава Божја и за сведоштво на Царството Божјо.
Сакам како крај на овој одговор да додадам дека обичајот на бакнување рака (кој станал некаков црковен бон - тон) не треба да го поистоветуваме и со добивање на благослов од преставник на служебното свештенство. Благословот, особено кога се дава за конкретни духовно - животни потреби на оној кој го бара, во себе ја носи силата на Божјата промисла, водство  и благодат, особено ако оној што го дава длабоко во себе го чуствува присуството Божјо преку Светиот Дух.