Одговара: отец Горан Тасески

Прашање од Александра: Благословете отец би сакала да прашам дали возрасен човек кој незнаел дека е крстен поради тоа што неговата мајка го лажела дека е крстен, и сега му кажа дека е некрстен може да се мие и пие крстена водичка и колку би помогнале молитвите бидејќи сега не е во можност да се крсти.

Одговор:


Господ секое добро да ви дарува.
Светата тајна крштение е врата преку која се влегува во црквата Божја . Оној кој не влегол преку таа врата, неможе ни да учествува во благодаттните дарови на црквата Божја. Но, Црквата Божја е тука во светот за да го спасува светот, односно секој човек на планетава, преку благодатниот повик кој се излива како љубовен призив на сите во светот за да поверуваат и се крстаат во Името на Отецот И Синот И Светиот Дух, изразуваќи ја притоа тие цврстата вера дека преку крштевањето се ослободуваат од смртта а се раѓаат за живот вечен, при што и се  облекуваат во благодатната облека на Светиот Дух односно се задобиваат со благодатните дарови на црквата Божја преку кои се заштитуваат од злото и се утврдуваат во духовниот живот.
Со овој краток вовед сакав да ја искажам накратко  битноста на светата тајна Крштение. Затоа треба добро да се испита преку архивите на црквата од каде потекнува човекот за кој говорите и преку изјавите на кумовите на фамилијата (ако има такви) и воопшто на сите роднини и пријатели од поодамна.  При сето тоа ако  се утврди со сигурност дека човекот не е крстен, тогаш тој ќе се смета за кандидат за крштевање. При тоа треба да се утврдува во верата преку учество на богослужбите, часови по веронаука или поуки  на неговите блиски  за верата, како основа треба да ја учи молитвата Оче Наш и Символот на Верата .  При овие припреми за крштевање може да биде помазуван од  свештеникот со св. масло, полагање на рака  врз неговата глава, да прима благословени дарови (леб, пченица , вино, масло ...). Следеќи ја светата тајна Крштение не би рекол дека може да прима света вода пред да биде крстен. Зошто на чинот за св. Крштение по редослед оди најнапред изгонување на злите сили преку читање молитви на вратите од црквата и полагање на рака врз кандидатот за крштевање, па потоа негово јавно одрекување од служењето на ѓаволот , па јавно исповедање на неговата волја да се соедини со Христа при што гласно го кажува Символот на Верата, потоа следи помазанието со свето масло, со што се прима просветление на умот и срцето и заштита од злото, а дури потоа се осветува вода за крштевање на новопросветлениот, во која тој се крштева во Името на Отецит И Синот И Светиот Дух со трикратно потопување во водата, и така измиен од стариот човек станува нов човек препороден за живот вечен и отворен за непречено примање на благодатните дарови на Светиот Дух, потпечтен сега со Светиот Дух  преку св. миропомазание , бива поставен под благодатниот чадор на Црквата Божја, секогаш заштитуван од злото и наоружан за борба против злото преку благодатниот живот во црквата Божја, за негово спасение и населување за живот вечен во Царството Небесно. Амин!
Би сакал да ме информирате ако не е крстен, зошто сега не е во состојба да биде крстен? Ви благодарам.