Прашање од  Маријан

 Веќе 2 години сум во брак, а вкупно 6 год. сум одделен од моите родители и живеам целосно одвоен и независен живот. Не сме од Скопје, но, останавме да живееме во Скопје, бидејќи само тука очигледно за жал можеше да си ја обезбедиме егзистенцијата фала му на Господа. Сега за сега и двајцата сме вработени и успеваме некако да излеземе на крај со трошоците и примањата, но, на граница, ама ако се поминува.

Имено, моите домашни за разлика од домашните на мојата сопруга се во многу неповолна ситуација, бидејќи се во невидена беда, пропаст и сиромаштија. А, од верата се оддалечени, иако во последно време мајка ми дава некои надежи, почнува да пости, да оди да црква, но тоа е сосема еден многу мал дел од тоа што треба да го прави еден верник.

Значи моите родители не се ниту венчани во црква, за среќа крстени се, а и јас и брат ми. Но, не постеле, не се причестувале, не присуствувале на Литургии и Богослужби, немаат Духовен отец, итн.

Сега во што е во суштина главниот проблем, татко ми и мајка ми се долго време без работа, а веќе се пријавени како социјални случаеви, пак, фала му на Господа, затоа што и таа помош не ја добива баш секој на кого што му затребала. Имаат некоја домашна бавча дома и одгледуваат нешто, но, тоа е повеќе како за преживување, друга работа немаат, а за жал ниту пак се трудат да најдат, ниту пак сакаат да најдат. Брат ми е помал од мене за 3.5 години негде, исто и тој не сака збор да чуе да работи нешто или да си најде работа било каква, дури и од постојаните проблеми во животот му се одрази на неговата психичка состојба и здравје, заради што мораше чаре да бараме по психијатрите и психијтариските клиники, сега фала му на Господа малку е подобрен со неговото психичко здравје, но, не е доволно, смирен е, не е растроен и не халуцинира, но, пак почнува по старите навики, ништо да не работи по цел ден, само да спие, јаде и леже по цел ден и слуша музика. Дома не сака, а и не може да им поомогне, ама баш нишѕо, па, дури и ако треба нешто да отиде од пазар или од продавница да купи.

Често им укажувам и им давам предлози за да работат било што, макар и за без пари да работат негде ќе бидам пресреќен и презадоволен, едно парче леб да извадат денеска ќе бидам пресреќен. Ќе им кажам отидете на празник на црква, влезете барем ако не сакате да стоите цело време и запалете свеќа, но и тоа за жал не сакаат да го направат. Единствен милимитарски напредок се забележува кај мајка ми но, не е доволно.

Од ден во ден ги гледам како се\' повеќе пропаѓаат и тонат, мислам дека ѓаволот ги има врзано целосно и срцето ми се кине поради тоа. Со сопругата одделуваме некој денар, но, колку човек да преживее и им ги даваме колку за леб и да ја платат струјата, тие се ситни пари, но, за нас би претставувале единствена заштеда за \"црни\" времиња или за кога би биле некој пат во криза не дај Боже, или пак тоа би биле парите кои би ни биле потребни во случај кога би имале едно дете за да го гледаме.

Сега, гледајќи се\' околу нас како може се\' наеднаш да се промени, да пропадне и да исчезне, со сопругата ни е страв - што ако остане некој од нас двајцата без работа, или пак и двајцата-не дај Боже, или пак како да имаме деца, кога последните пари ги вложуваме. Значи ни е страв за миг да не\' пропаднеме и го изгубиме и онаа најситно што го имаме-не дај Боже. Ве молам, кажете ми што да правиме, како да го продолжиме животот? Да продолжиме како што сме затекнати и вооппшто да не се грижиме, Господ нема да не остави да пропаднеме секогаш ќе биде со нас или треба нешто да промениме во нашиот живот за работите барем малку да мрднат на подобро.

Сакам да имаме посветла иднина и малку повеќе среќа, сакаме да створиме поколение после нас, да имаме дечиња и да ги изгледаме и да бидеме среќни, но, вака имаме страв во коските, а истовремено правиме и двоен грев. Како да го надминеме сево ова Ве молам, одговорете ми, Господ по молитвите на Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Владичица наша Богородица и на сите светии да не спаси и помилува како благ и човекољубив, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Одровор:

Амин!... Навистина е тешко и за жал тоа не е редок крст кај луѓето за носење. Во врска со вашите родители, тоа е една состојба која станала „нормална“ како последица на низа политички системи и искушенија, а тоа е да не се грижат воопшто за она што навистина останува и после смртта - душата. Меѓутоа, реалноста е таа... Човек може и да не е воцрковен, но сепак во секој од нас е всаден тој жар по Бога, по бескрајното, и човекот никогаш не може да биде задоволен од ова минливото и секогаш завршува во униниу. А, тоа како што знаете пред се е отсуство на волја за било каква промена и напредување во доброто. Унинието е најтешка болест на денешницата кој ги напаѓа буквално сите, и ако потпаднеме под него, тогаш стануваме терет и на самите себе и на другите... Многу е тешко да се излезе од таквата состојба, но некогаш мора да се проба.

Кога е човек во таква состојба најмногу се самосожалува и затоа не се променува. Тогаш е најдобро, доколку е возможно да се изнесе  некаде надвор од дома, да му се разбистри мозокот за да си ја побара смислата на животот, и најдобро е малку да се стегне обрачот, то ест, да се остават малку самите на себе за да почнат да се грижат за себеси... Помошта никогаш не треба да изостанува, но најмногу молете се за нив, молете се и трудете се да им помогнете да ја сфатат целта на сечие постоење па и на нивното, а потоа другото да го оставиме на Бога. Разговарајте со некој поискусен духовник и молете се... зашто на крајот на краиштата  тоа е единственото најдоброто  што ни останува, да се молиме еден за друг. Не плашете се..., Бог да го благослови вашето семејство и да ви дарува и вам дечиња кои ќе ве радуваат во животот, по молитвите на свети јован Шангајски и Чудотворец, Амин! Господ да е со вас...

 

п.п/з.д