IvicaTodorov

 

 

 

 

 

 

 

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: Како да се доближиме до Бога...

 

ОДГОВОР: Иако писмото на почитуваниот брат нема во себе некое директно прашање, тоа на еден интересен начин е полно со свои внатрешни прашања и  одговори. Всушност, како што јас го доживувам писмото, братот длабоку навлегол во својот внатрешен дијалог, кој всушност е монолог, и еве јас се нудам тој монолог да стане еден конструктивен дијалог, или како што си велиме ние, муабет. А муабетот од моја страна би го започнал со еден пример од поуките на авва Доротеј. Примерот гласи вака:
Во шестото слово од своите ″Поуки″ авва Доротеј го вели следното: Представете си круг, нацртан на земјата. Неговото средиште е центарот, а правите линии, кои излегуваат од него кон границите на кругот, се радиусите. Сега, вникнете во тоа, што сакам да ви го кажам! Да претпоставиме дека овој круг е светот, а неговиот центар е Бог. Радиусите, односно, правите линии, кои водат од границата на кругот кон неговиот центар се патиштата на човековиот живот. И сега, во колкава мера светиите навлегуваат во кругот за да му се доближат на центарот, односно, на Бога, во толкава мера, според доближувањето, се открива дека му стануваат блиски на Бога, но и еден на друг. Значи, колку му се приближуваат на Бога, тие толку повеќе се приближуваат еден до друг, и колку повеќе се приближуваат еден до друг – толку повеќе се приближуваат кон Бога. Истото ова се однесува и за одалечувањето. Кога се одалечуваме од Бога и се враќаме нанадвор, накај границите на кругот, па и надвор од нив, очевидно, во иста мера се одалечуваме од центарот, односно, од Бога, но и се одалечуваме помеѓу себе. И колку повеќе се одалечуваме помеѓу себе, толку повеќе се одалечуваме и од Бога. Таква е и природата на љубовта – колку повеќе се наоѓаме надвор од Бога и немаме љубов кон Него, толку повеќе им стануваме туѓинци на нашите ближни. Но, ако го возљубиме Бога, и ако со својата љубов непрестано му се доближуваме – толку повеќе, во истата таа љубов, ние стануваме едно со нашите ближни – и колку повеќе го остваруваме љубовното единство со нашите ближни, толку повеќе го остваруваме и своето единство со Бога.