Одговара: М-р И. О.

Прашање од Елица Б. : Кога треба да се молиме со Исусовата молитва?
 

 


Одговор:

ИСУСОВАТА МОЛИТВА

ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ СИНЕ БОЖЈИ ПОМИЛУЈ МЕ ГРЕШНИОТ/ГРЕШНАТА

Исусовата молитва која уште се нарекува и умно-срдечна, е наменета за непрестано молење на сите христијани. Значи молитвата треба да биде постојана, за што препорачува и Библијата: „Молете се постојано (1 Сол. 5,17); Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност (Кол. 4, 2).'' Во почетокот, секој христијанин Исусовата молитва треба да ја изговара колку што е можно почесто и во било кој период од деноноќието, без разлика дали извршува физичка или умствена активност или пак се одмара. Според тоа молитвата може да се изговара гласно или тивко во себе или пак мисловно, во зависност од моменталните околности. Пожелно е истата да се вметне во секојдневното молитвено правило и тоа во траење од 10-15 минути.
На кој начин таа станува умно-срдечна? Во почетокот како и секоја друга молитва, таа се изговара механички, при што оној кој се моли треба да биде концентриран во неа, односно да не дозволува да биде совладан од разни други мисли. Св. Отци препорачуваат изговарањето на молитвата да се поврзе и со самото телесно вдишување и издишување, односно да се повторува интервално со отчукувањата на човечкото срце. Тоа значи кога се вдишува воздух се изговара: Господи Исусе Христе Сине Божји, а при издишување: помилуј ме Грешниот - Грешната. Откако ќе се достигне овој стадиум (се разбира по долго и упорно практикување), тогаш Исусовата молитва станува умно-срдечна. Тоа подразбира дека христијанинот во секој момент може активно и пасивно да твори, работи и живее, молејќи се умно-срдечно без притоа да ја наруши молитвата. Крајниот дострел во извежбувањето на таа умно-срдечност е умственото изговарање на молитвата и во сонот за време на спиењето.
Исусовата молитва е совршена молитва, зашто ги сидржи непроменливите вистини за спасението и нашата вера во Божественото овоплотување. Имено, зборовите Господи Исусе Христе Сине Божји сведочат дека Господ Исус Христос е Син Божји, односно Бог Син, второто лице на Пресвета Тројца, но и Богочовек по име Исус, кој како Таков бил единствен во светот кој во Себе ги содржел Божествената и човечката природа. Затоа кога се обраќаме хон Господа Исуса Христа не се обраќаме само хон Исус Христос, кој бил Син Божји, туку и кон Отецот и Св. Дух, за што сведочи и Библијата: „Затоа ви кажувам дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не фрла анатема на Исуса, и никој не може да Го нарече Исуса Господ освен преку Светиот Дух (1 Кор 12,3)"- Зборовите пак: помилуј ме Грешниот - Грешната, значат наше директно исповедање на Божествената сила на Спасителот да ослободува од робството на гревот. Со тие зборови, освен наша исповед пред Бога, од Него просиме утеха и простување на сите наши прегрешенија.
Во кои моменти практично за почеток би можело да се изговара Исусовата молитва? » Во моментите на утринското станување од ноќна почивка и припремање за денот;
• Во моментите на пиење на утринсхи напитоци;
• Во текот на патувањето кон училиштето, работното место и сл.;
• За време на подготовките за појадок, ручек или вечера;
• За време на секоја пауза или одмор;
• За време на читање литература, гледање телевизиски или слушање радио програми кои не соблазнуваат;
• За време на практикување на секојдневното молитвено правило;
• Непосредно пред одење на ноќна почивка;
• Во сите останати мигови од денот и ноќта кои ќе ни се пружат достојно да и се посветиме на Исусовата молитва.
М-р И. О.