СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
МОЈОТ ЖИВОТ ВО ХРИСТА (I ТОМ)
(извадок)

Што и да се говори, човек понекогаш станува премногу раздразлив и зол, иако не сам по себе, туку заради најревносно влијание на ѓаволот. Само набљудувајте се себеси (или други) за време на раздразнетост и злоба, т.е. кога вие (или некој друг) ќе посакате да уништите  (вистинско или замислено) непријателско лице. Потоа, споредете  го своето (или, пак, на човекот кого што го набљудувате) спокојство, кроткост и добрина на карактерот (кои понекогаш следат во краток временски период под влијание на ангелот чувар) со минатото спротивно расположение, па секако ќе си речете себеси: „Не, изгледа дека воопшто не се работи за истиот човек. Едниот неодамна се срдеше и беснееше, а од другиот беа излегле демоните и седи облечен и присебен (т.е. кроток и смирен) крај нозете Исусови (Лк.8,35). Во него нема ниту сенка од преѓешната злоба и неразумност“. Некои го отфрлаат постоењето на злите духови. Меѓутоа, слични појави во животот на луѓето јасно може да сведочат за нивното постоење. Секоја појава има соодветна причина и дрвото се познава по плодот. Според тоа, кој нема да увиди дека внатре во разбеснетиот човек делува зол дух, кој се пројавува на начин што нему му доликува. Кој во изливот на човечката злоба нема да го види поглаварот на злобата? Освен тоа, човекот кој е подложен на раздразливоста и кој дише со злоба, мошне јасно во своите гради го чувствува присуството на непријателската, зла сила. Таа во душата произведува [чувства] кои се наполно спротивни на дејството на присуството на Спасителот: Зашто јаремот мој е благ, и бремето мое е лесно (Мт.11,30). Од присуството на [нечестивиот] се чувствуваш ужасно лошо и тешко и во душата и во телото.
*
Во црква најмногу може да ги чуете гласовите на свештенослужителот, читачите и појците, кои пеат за нашето помилување. Заради што? Заради тоа сите, макар колку нè има  во храмот Божји, [да сфатиме] дека со своите гревови заслужуваме казна од Бога. По доаѓањето во храмот  ние пред сè сме должни да се сетиме дека како грешници сме пристапиле на Господ на небото и земјата, Творецот и Добротворот (кого што секојдневно и секој час го гневиме со своите неправди), за да го замолиме за свое помилување, како и за помилување на други (покренувани со христијанската љубов). Молењата за помилување може да бидат големи, мали и удвоени. Во црквата нема ниту еден одвишен збор. Заради тоа, при пеење на удвоената ектенија треба особено силно да се молиме на Бога, од најголемата длабочина на душата, од скрушеното срце, како што се вели во почетокот на ектенијата: „Да речеме сите од сета душа и од сиот свој ум, да речеме“. Во тоа време треба да се остави и најмалото студенило, и најмалото невнимание на срцето. Горејќи со смирен дух и со големо внимание ние грешните треба на Создателот да Му вознесуваме најтопла молитва за помилување. Меѓутоа, што гледаме ние при возгласите на свештенослужителот и при пеењето на појците на удвоената и големата ектенија? Најчесто вообичаено невнимание и рамнодушност на молителите.
*
Во душата е подеднакво лошо и по недостојна Причест и по недостојна, т.н. студена молитва. Очигледно е дека Господ не влегува во нашето срце затоа што е ожалостен со нашето срдечно неверие и студенило. Тој допушта во срцето наше да се вгнездат духовите на злото. за да ја почувствуваме разликата помеѓу Неговиот и нивниот јарем.
*
Страшната вистина. Непокајаните  грешници по смртта губат секоја можност да се изменат на подобро, т.е. непроменливо остануваат предадени на вечни маки (со оглед дека гревот не може да не мачи). Со што реченото може да се докаже?
Тоа со очигледност се докажува со сегашната состојба на некои грешници и со својството на самиот грев (којшто го држи човекот во својот плен и му ги затвора сите излези). Кој не знае колку е тешко  грешникот (без особена благодат Божја) да се обрати од омилениот пат на гревот на патот на добродетелта.
Колку длабоко само гревот ги пушта своите корени во срцето на грешникот и во сето битие негово. Како тој само на грешникот му го дава својот вид, со кој работите ги гледа сосема поинаку отколку што се по својата природа , претставувајќи ги во привлечен вид. Затоа гледаме дека грешниците многу често и не мислат за своето обраќање, не сметајќи се за големи грешници.

 Самољубието и гордоста ним им ги заслепуваат очите. Доколку, пак, и се сметаат за грешни, тие му се предаваат на адското очајание, кое разлива длабок мрак по нивниот ум и силно го огорчува нивното срце. Кога би ја немало благодатта Божја, кој од грешниците би Му се обратил на Бога? Зашто, својство на гревот е да нè помрачува и да ги врзува и рацете и нозете. Но, времето и местото на делување на благодатта е само овде. По смртта може да делуваат само молитвите на Црквата, впрочем само на покајаните грешници, т.е. на оние во чии души има приемчивост.
Имено, на светлината на добрите дела кои се внесени уште за време на нивниот живот може да придонесе благодатта Божја или благодатната молитва на Црквата. Непокајаните грешници, меѓутоа, се  несомнено синови погинати. Што ми говори искуството кога сум во ропството на гревот? Понекогаш цел ден се мачам и не можам да се обратам со сето срце, бидејќи гревот ме разјарува и ме прави недостапен за Божјо помилување. Јас горам во огнот и доброволно останувам во него, бидејќи гревот ми ги врзал силите. Окован во синџири во внатрешноста, јас не можам да се обратам на Бога. И Он ми ја праќа својата благодат и својата милост дури кога ќе ја види мојата немоќ, моето смирение и моите солзи. За човек кој е предаден на гревовите не се вели залудно дека е „врзан со оковите на гревопадот“ (уп.2.Пт.2,4).
*
Очигледно е дека твојот духовен живот се дели на две состојби кои што остро се разликуваат меѓу себе: на состојба на мир, радост, ширина на срцето и на состојба на тага, страв и стеснетост на душата. Причината на првата состојба секогаш е делувањето на мојата душа во согласност со законите на Творецот. Причината, пак, на втората е нарушување на Неговите свети закони. Јас секогаш можам да го забележам и навистина го забележувам почетокот на едната или другата состојба. Во мојата свест секогаш се наоѓа и едната и другата. Затоа секогаш се случува, уништувајќи ја причината од која настанува состојбата на тага и стеснетост, да ја уинштуваш и последицата, т.е. самата тага и стеснетоста на душата.
*
Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас?Освен, само ако сте недостојни (2.Кор.13,5). Навистина, Христос живее во мене. Меѓутоа, јас досега бев неискусен. Јас не ни помислував, ниту цврсто знаев дека Господ е во мене. Тој, Сесветиот, имено, е многу чувствителен и на најмала валканица на срцето во мене. Тој и ме поттикнува и самиот `ркулец на гревот во срцето да го изгонам надвор од душата. Но, за жал. И сатаната е тука, готов да ме проголта на секој чекор и да ме грабне од Господа.
*
За простување на гревовите на други моли се како што се молиш за простување на своите согрешенија, коишто душата ти ја рануваат со тага и стеснетост, побудувајќи те со тага, болка, смирено срце и солзи да го молиш Бога за прошка. За спасување на другите, значи, моли се подеднакво како и за своето лично. Доколку го постигнеш реченото и го претвориш во навика, од Господа ќе добиеш изобилство на духовни дарови, т.е. дарови на Светиот Дух, кој ја сака душата која сочувствува со спасението на други. Зашто, Тој самиот, Сесветиот Дух, на сите начини сака сите да нè спаси, под претпоставка да не му се спротивставуваме и да не се огорчат срцата наши. Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување (Рим.8,26).
*
Ние често од другите го слушаме или у списите ќе го прочитаме она што Бог го положил во нашиот ум и срце и што самите сме го одгледувале [во душата]. Ние, имено, често ги среќаваме своите најомилени мисли кај другите и фантазираме дека ги зеле од нас, [при што сме замислувале] дека се нови и дека сочинуваат исклучиво наша сопственост. Колку самољубива мисла! Како, зарем не е едан Господ Бог на разумните [суштества]? Зарем не е еден Духот Негов кај сите кои ја бараат вистината? Зарем не е еден Просветителот наш, кој го осветлува секој човек кој доаѓа на свет (Јн.1,9). Слава на Единиот, слава на Оној кој сите ги љуби и на сите издашно им  ги дава своите духовни и телесни дарови! Слава на Оној кој не гледа кој е кој, туку тајните на својата љубов, семожност и мудрост им ги открива на безазлените [т.е.  на децата].
*
Светитеите Божји се блиски на срцата што веруваат. Како најискрени и добри пријатели, тие се во миг спремни на помош на верните и благочестивите [луѓе], кои ги призиваат со вера и љубов. Земските помошници треба повеќе пати да се повикуваат и понекогаш долго да се чекаат да дојдат. Духовните помошници, пак,  не треба долго да ги чекаме: верата на молителот може во миг да ги стави покрај самото срце. Подеднакво од нив може по вера [моментно] да се добие неопходната духовна помош. Јас говорам врз основа на искуство. Јас мислам на честото избавување на срцето од тага со заступништво и заземање на светителите, а особено со заземање на Владичица Богородица. Може да биде, ќе рече некој, дека на дело е проста вера или тврда, одлучна убеденост во своето избавување од тагата, а не заземање на светитеот пред Бога. Не! Од што се гледа [нивната помош]? Доколку во срдечната молитва не ги призивам познатите светители (т.е. не разликувајќи никого) и доколку не ги видам со очите на срцето, јас нема да добијам никаква помош, колку и да се убедувам дека ќе се спасам без нивна помош. Ја сум свесен и јасно чувствувам дека добивам помош во име на светителот кој го призивам, заради својата жива вера во нив. Слично е и во обичниот поредок на земските работи. Јас најнапред ги гледам своите помошници со срдечна вера. Потоа исто така ги молам со срцето, невидливо, иако за мене многу забележливо. Добивајќи невидлива помош на потполно незабележлив начин, познат единствено на душата, јас силно се уверувам дека помошта дошла токму од нив, како што болниот излекуван од лекарот е  убеден дека го добил исцелувањето од него, а не од некој друг лекар или од самиот себе. Сето речено се случува многу просто. Треба само да се имаат очи за да се види.
*
Ја сум човек и во мене непрекидно делува милоста, вистината и правдата Божја. Бог час ме гали и ме теши, час ме казнува и ме жалости со болка заради внутрешните душевни движења кои му се противни. Со луѓе, пак, кои ми се слични полна е земјата. Значи, Господ и ним им ја  укажува својата милост, вистина и правда. Тој  врши сè во сè (1.Кор.12,6).
*
Нека никој не мисли дека гревот е нешто неважно. Не, гревот е страшно зло, кое ја убива душата и сега и во идниот век. На грешникот во идниот век му се врзуваат рацете и нозете (на душата). Тој се фрла во најкрајна темнина, како што говори Спасителот: Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина (Мт.22,13), т.е. тој наполно ја губи слободата на своите душевни сили. Иако создадени за слободна дејност, тие низ [гревот] трпат некоја убиствена немоќ за секое добро. Грешникот е свесен за силите на својата душа, но во исто време чувствува дека се врзани со некои нераскинливи синџири: Секој се заплеткува во јажињата на своите гревови (Прич.5,22). На наведеното додајте му го страшното мачење и од самите гревови, од свеста за својата неразумност во време на земниот живот и од претставата за разгневениот Творец. Гревот и во сегашниот век ја врзува и ја убива душата. Кој од богобојажливите луѓе не знае за тагата и стеснетоста која ја притиска нивната душа, за мачителниот и спалувачки оган кој беснее во нивните гради после некој направен грев? Меѓутоа, врзувајќи ја и убивајќи ја душата во времето, гревот ја убива и вечно, доколку овде не се покаеме од сè срце за своите согрешенија и безаконие. Ќе наведеме и искуствен доказ дека гревот ја убива душата и во времето и во вечноста. Да речеме дека некој од богобојажливите луѓе ќе појде на спиење пред да се покае за гревот или за гревовите кои ги направил во  текот на денот и кои му ја мачеле душата. Него мачењето ќе го следи цела ноќ, сè додека за нив не се покае и со солзи не го измие своето срце. (Говориме за искуство). Мачењето заради гревовите ќе го буди од сладок сон, бидејќи душата е стеснета, врзана со оковите на грехавот. Да претпоставиме дека човекот кој отишол на спиење са некој грев ноќе ќе го задеси смрт. Не е ли очигледно дека душата ќе му отиде во оној век со мачење. Меѓутоа, со оглед на тоа, што по смртта нема покајание, таа и таму ќе се мачи во зависност од големината на своите гревови. За реченото сведочи и Светото Писмо (Мт.25,46).
*
Внимавај на себе и на своите страсти, особено во домашното опкружување, каде што тие  слободно се појавуваат, као кртови на безопасно место. Вон домот едни наши страсти обично се прикриваат со други, поприкладни за очи, поради што нема можност да се протераат црните кртови, кои ја подриваат целината на душата наша.
*
Во душата на благочестивиот и богобојажливиот човек се случува невидливо духовно општење со Бога. Како татко или како строг наставник, Господ Бог час ги одобрува, час ги осудува нашите мисли, желби и намери. Тој говори дека е нешто добро, а нешто лошо, наградувајќи го доброто и казнувајќи го злото. И наведеното е веднаш очигледно за душата.
*
Почни да ги извршуваш заповедите кои се однесуваат на мало, и ќе ги извршиш и заповедите кои се однесуваат на големо. Малото секогаш води кон големото. Почни макар да ја извршуваш заповедта за пост во среда и петок или десетата заповед, која се однесува на лошите помисли и желби и ќе ги извршиш сите заповеди. А несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив (Лк.16,10).
*
Човеку, кој сонуваш за трулежниот живот и не помислуваш  за бескрајниот, небесен живот, сфати што е твојот привремен живот. Тој е усрдно подлагање на дрва (т.е. храна) за  огнот на животот наш да гори без оскудност, за во домот наш (т.е. телото) да биде топло и минливиот живот на нашето тела постојано да биде обновуван со хранливи состојци од организмот на другите живи твари, лишувани од животот заради живот на нашето тело. Во самата суштина, твојот живот, човеку, е  нишожна пајажина: ти секојдневно во него два пати ги зајакнуваш неговите подметнувачи заради цврстина (т.е. два пати се поткрепуваш со јадење и пиење) и секоја ноќ ја затвораш душата своја во телото, заклопувајќи ги сите сетива телесни (како капаци на куќа), за душата да не живее вон телото, туку во телото и за да го загрева и оживува. Твојот живот е пајажина и лесно може да се разори. Смири се и биди богобојажлив пред бескрајниот живот.
Преведе: Мина Даниловска
Извор:
СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
МОЈ ЖИВОТ У ХРИСТУ (I ТОМ)

ШТАМПАНО ИЗДАЊЕ

Књига: СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
МОЈ ЖИВОТ У ХРИСТУ (I ТОМ)
Благослов: Игумана Хиландарског
Изворник: МОЯ ЖИЗНЬ ВО ХРИСТЕ,
или минуты духовнаго трезвенiя и созерцаниiя, благоговейнаго чувства, душевнаго исправлениiя и покоя в Боге
(Извлеченiе изь дневника протоiерея ИОАННА ИЛЬИЧА СЕРГIЕВА, Изданiе четвертое, Москва, 1894)
Библиотека: ХИЛАНДАРСКИ ПРЕВОДИ, бр. 38
Издато: 2002.
Место: Света Гора Атонска
Превод: Хиландарски монаси
Издавач: Манастир Хиландар
За Издавача: Савет Стараца Хиландарског братства
Тираж: 3000
Штампа: ΤΥΠΟΓΡΑΦΕΙΟΝ ΜΕΛΙΣΣΑ ΑΣΠΡΟΩΑΛΤΑ
Τηλ Φαξ 21754  ИНТЕРНЕТ ИЗДАЊЕ

Објављено: 6. фебруар 2012.
Издаје: © Svetosavlje.org
Уредник: прот. Љубо Милошевић
Основни формат: Владимир Благојевић
Дигитализација: Станоје Станковић
Коректура: Станоје Станковић
Дизајн странице: Станоје Станковић

Подготви: Мина Данаиловска