Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан,

Ваши Високопреосвештенства,

Мили браќа и сестри,



Проповедта ќе ја започнам со својата должна и сесрдна благодарност кон нашиот најценет Архиепископ и засекогаш достоен возглавител на МПЦ-Охридска Архиепископија, г. г. Стефан, за татковските и архипастирски благослови што постојано ги излева врз нас и уште повеќе за оваа радосна можност,  денес да бидам со вас, во ова честито и празнично опкружение.
Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Возљубени браќа и сестри, бездруго, изобилен е благословот да се биде дел од ова евхаристиско собрание, од ова литургиско тајноводство и да се учествува во нашето заедничко дело како народ Божји и царско свештенство. Несомнено, големо е духовното славје на денешниот ден во кој со свештена радост и благопочит си споменуваме за Светителот и Чудотворец Охридски, нашиот Архипастир, родоначалник и татко духовен, рамноапостолниот Климент. И не се само црковните химни и молитвословија кои на вчерашното и денешно богослужение разгласуваа за славата негова, ами и самиот тој, преку своето благодатно присуство, беше еден гласник на љубовта, радоста, мирот, милоста, славата и силата Божји.

Ниедно парче македонска земја не останало недокоснато од светоста и благодушието на Свети Климент. За македонскиот народ и за севкупниот словенски род тој се јави на Земјата како нов апостол, небесен пратеник на Христовиот есхатон; се покажа како новозаветен Авраам за множеството славјанско, како патријарх сесловенски; како наш праотец, кој роди духовни синови и ќерки повеќе отколку ѕвездите на небесниот свод; како нов Мојсеј, кој го преведе нашиот народ од пустината на идолопоклонството кон ветената земја на богопознанието; како Претеча на Христовата слава и убавина, тој го подготвуваше патот на Господа до срцата среде родот на Славјаните. Делото на Свети Климент е бесмртно и претставува таинство на Црквата Божја. Зашто, тој не „соѕида градба на туѓ темел“, туку од почеток го положи своето дело на непропадливиот и вечен темел – Христос. За најбрзо време ја воздигна новородената словенска култура до степенот на другите, внедрувајќи го во неа своето беспрекорно богољубие, љубовта кон словото, просветлението и осетот за возвишеното и за убавото. Заедно со другите синови по дух на Божествените Кирил и Методиј – меѓу кои во прв ред стои неговиот собрат, соподвижник и сострадалник, светиот Наум Охридски – Рамноапостолниот Климент успеа да ги облагороди нашите предци со евангелското слово и да ја охристови словенската опшност, преобразувајќи ја во род избран, царско свештенство, народ свет (1 Петар. 2, 9).

Житието, преданието запазено во народот и неговите духоносни слова го откриваат Свети Климент како грижлив пастир и семилостив татко на Црквата, како икона и подобие на врховниот Архипастир и вечниот Архијереј, Господ Исус Христос. „Блажениот“, вели житиеписецот, „со својот изглед вдахнуваше најголема почит дури и кај непријателите“. Со самиот свој живот и чудотворство ја возвестувал многуобразната мудрост и милоста Божја. Бил сестран Христов слуга и трудбеник: првосвештеник и служител, воспитувач и учител, владика и слуга, градител и земјоделец, татко на монаси и нежен родител на душите во Христа. Неговото рамноангелско жителство на Земјата до ден денес громогласно ни говори и почува да бидеме милосрдни и човечни, благодарни, благородни и великодушни. Впрочем, самиот негов живот би можеле најкратко да го сведеме на двете превосходни Божји заповеди: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум и втората, слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси! (Матеј 22,37-39) Неговиот житиеписец, блажениот Архиепископ Теофилакт Охридски, тоа, меѓу другото, го опишува и на следниов начин: „грижата за народот [Климент] ја сметаше за своја храна и наслада. И секогаш поучуваше и секогаш ред поставуваше, исправајќи го незнаењето и украсувајќи го неукрасеното; и за сите стана сè, според потребата на секого… Тој ги хранеше со Словото, со вистинскиот Леб што навистина ги закрепнува срцата. Меѓутоа, се грижеше и телесно да ги храни оние за кои гледаше дека имаат потреба… Беше татко на сираците и помошник на вдовиците… Неговите порти беа отворени за секој сиромав“.

Со самото тоа што потекнувал и благотворел среде еден народ, кој, впрочем, во тоа време бил непросветен и неблагороден, неговата светост сјае уште посилно и зраците од неа допираат до сите краишта на екумената. Успеал не само да ја образува и да ја просвети доверената му од Бога паства, туку и да ја одухотвори, да воспита учители од неа, работници на Христово лозје и сиот народ да го приведе кон богомислие и единство. Со тоа, свети Климент ни го пренесе Христовиот глас, дека Црквата е таа која треба да биде обединител, да ги собира и прегрнува луѓето, како квачката пилињата свои (сп. Матеј 23,37), во секое време и невреме, во секоја епоха – се разбира и во денешнава. Но, ни ја пренесува и пораката дека народот ништо друго не треба да става пред љубовта кон Господа Христа, туку, како што самиот говори во една своја беседа, „да отфрлиме секаква злоба, завист, мрзливост и сластољубие и со чистота, воздржание, милостина и бодрост во молитвата да наследиме Царство небесно и живот вечен“.

Следствено, неизбришлива е пораката и свештено е достојанието што ни ги завештал милиот наш Свети Климент. Неговите живот и слова оставија културотворно воздејство врз народот на овие простори, што до ден денешен е суштествен дел од нашиот народен бит. Добро воочил еден наш литературен деец од минатиот век, дека „засега ќе забележиме и ќе запаметиме дека свети Климент Охридски не е просто голем светец од црковниот календар, ами е тој присутен во свеста на нашиот народ и интимно сврзан со неговиот секидневен живот и со неговата судбина“. Како и некогаш во својата епоха, така и денес, богоглаголивиот и велик наш првоучител Климент, со истата ревност и спасителна грижа, нè повикува на заемна љубов и почит, на човечност и милосрдност, на согласие меѓу едноверните народи и браќа, зашто неединството е налик на земја пуста, непроодна и безводна (Псалм 62,1), која нема да го даде плодот свој и ќе биде опустошена од диви ѕверови. Просветителот наш е присутен во секоја наша болка, во секоја потреба и прилика, во деновите тешки и во беспокојните ноќи и продолжува да го извршува своето животно дело: да го објавува преку себе невидливото дејствување на Бога.

Благоволението на Свети Климент врз нашите почва и народ е огромно до денес. Јасен показ за тоа е фактот што тој нè удостои во наше време, во неговиот славен Охрид, да го возобновиме неговиот манастир на Плаошник и да ги пренесеме таму неговите чесни и чудотворни мошти, кои се бесценето сокровиште за соборот на верните во Македонија. И затоа, ќе речеме со сигурност, преголем благослов имаме, но и одговорност да се покажеме како народ достојни за славата што овој наш молитвен покровител ја има во земската и во небесната Црква. Возобновата на Светиклиментовиот храм било сон на поколенија и поколенија на наши предци, кои со векови свето го чувале преданието за нивниот сенароден Патрик и за неговиот велелепен храм. Но, ете, Божјата промисла ја почести токму нашата генерација и нашите раце да го направат тоа, слично како некогаш кога царот и пророкот Давид сиот свој живот копнеел и се подготвувал да му подигне храм на единствениот Бог, ама на тоа се удостоил неговиот син, мудриот цар Соломон. Издигнат на древните темели и соѕидан од истиот камен, храмот на Свети Климента на Плаошник е видливо светило за Божјата милост пројавена кон нас и кон нашата млада држава, но истовремено и потсетник и совест да постапуваме и да живееме согласно неговите поученија за љубов кон Бога и кон ближните, за еднодушност меѓу браќата, за зачувување на христијанските начела и на светото предание, за љубов кон државата и за жртвување за другите. Секако, не помал благослов е и овој дом Божји, во кој денес се радуваме со празнична радост, а кој, исто така, го носи името на Охридскиот Чудотворец. Како овој новоизграден храм во центарот на главниот град, кој е храм-собор на нашата Црква, да го изразува континуитетот на сеќавањето за делото на Свети Климент во паметта на нашиот народ. Не го заборавивме Свети Климент и во овие современи дни, па возобновувањето на својата Црква, го украсивме и со храм-паметник.

Ми се чини дека нема христијанска душа овде што не го чувствува денес провејувањето на тивкото ветре на Божјата благодат и таинственото присуство на нашиот духоносен Старец, обожен архиереј и молитвен застапник, татко, учител и просветител, Светиот Климент Охридски Чудотворец. Неговиот благослов и неговите молитви нека почиваат врз ова Христово стадо, воздигнувајќи ги нашите срца во областите на Божествената љубов и радост и љубовта што тој ја има кон Бога нека биде со сите вас. Амин!

 

 https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/chestvuvanjeto-na-sveti-kliment-vo-soborniot-hram/