3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

 До кога ќе бидам со вас? (28.08.2021 15:38)

Евангелието е критериум преку кој си судиме себеси, а не на другите. Затоа да се свртиме кон самите себе и ова евангелско четиво да го погледнеме од еден друг аспект – личниот.

„Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: ’Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.‘“

Неверојатно точен опис на црковната состојба денес, напишан пред речиси две илјади години. Малку верен – малку суеверен народ, подложен на демонско влијание, страда и очајно бара помош од свештенството, кое и самото неспремно – не може да му помогне.

Суеверие е кога од страв или заради награда, како и поради верувања подметнати од демонот (пример, при нов месец и слично), мислиш дека имаш некаков однос со Бог. Не, немаш!

Hristos.prekrasno12

А Исус одговори и рече: ’О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!‘ И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.“

Богочовекот Христос се смилува и го излекува детето. Но, гледате на каков навидум груб начин им се обраќа на луѓето? И нив да ги освести во каква заблуда живеат, а истовремено и да ги оправда Своите ученици. Сепак, Неговите зборови индиректно се насочени кон Неговите ученици (и кон денешното свештенство).

Неговите ученици, барем дотолку свесни дека, пред сѐ, ним им се обраќа, пристапуваат кон Него, насамо, и го прашуваат зошто се немоќни да помогнат?

„Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: ’Зошто не можевме ние да го истераме?‘“ А Исус им рече: ’Поради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: премести се одовде таму, и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.‘“

Исто како да им рече: немате вера заснована на дела. Но, паметите што ви реков: не е доволна само верата, туку за чудата е потребна и основаност; кога заради Него и Неговата љубов и од љубов кон ближните страдаме или даваме и од она што не е доволно ни за нас.

И, гледате колку суштински погрубо се обраќа Господ кон Апостолите? Безмалку, ги нарече неверници.

Сепак, Господ Христос им го покажа и патот: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“. Демоните се поврзани со нашите страсти и додека не го очистиме срцето од славољубие, среброљубие и сластољубие, преку покајание и реално послушание во светотаинскиот живот на Црквата, и додека не го добиеме дарот на умно-срдечната молитва, не ќе можеме да ги истераме демоните ниту од нас, а камоли од некој друг што страда од нив.

Со други зборови: затвореноста на срцето за умно-срдечната молитва е показател дека тоа е извалкано и разболено од страстите, па затоа и заробено и затемнето од демоните. А човек што не може да го владее своето срце е човек беспомошен и зависен. Таквиот не може ни себеси да си помогне, а камоли на други; но, не дај Боже, да биде опседнат и со месијански идеи.

„А кога беа во Галилеја, Исус им рече: ’Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.‘“ Им кажа, за да ги предупреди, за кое Царство најпрво тие треба да се борат. Но и ден-денес, многумина не ја сфаќаат Христовата порака и се борат само за овоземното царство, а притоа го губат Небесното – исто како и сите незнабошци.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

 
    

 

 

 Друго:

Евангелие и поука за 28/08/2021

 

Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Лука 10:38-42;11:27-28

38.     И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39.     А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40.     Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ? да ми помогне!”
41.     А Исус ? одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42.     Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ? се одземе.”
27.     А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!”
28.     А Он рече: „Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.”

Апостол на празник: Послание на светиот апостол Павле до Филипјаните 2:5-11

5.     Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
6.     Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога;
7.     но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек;
8.     Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.
9.     Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име,
10.     та во името на Исуса да ги преклони колената на сe што е небесно, земно и подземно,
11.     и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.

 Извор:

МПЦ-ОА