Лазарополе (02.08.2007)



Живописното и прекрасно селце Лазарополе, покрај веќе познатиот Галичник,  е вистински бисер на Мијачијата. Тоа е село од кое произлегле големи патриоти, борци за татковината, кои со крстот и Евангелието во рака, го воделе народот низ тешките
искушенија на нашето славно минато, како што спомна бигорскиот игумен, архимандрит Партениј во својата проповед.



Луѓе како Ѓурчин Кокале, големиот војвода, ктиторот на величествениот храм посветен на Св. Георгиј Победоносец, кој целиот свој живот го посветил на една света цел - да го заштити Православието од насилствата на турците и да ја запази верата на своите соселани.



И со Божја помош успеал во тоа. Лазарополе е едно од ретките села во овој крај каде турците не влегувале за данок и каде, и ден-денес, цвета православната традиција.
 
Луѓе како Ѓурчин Кокале, големиот војвода, ктиторот на величествениот храм посветен на Св. Георгиј Победоносец, кој целиот свој живот го посветил на една света цел - да го заштити Православието од насилствата на турците и да ја запази верата на своите соселани. И со Божја помош успеал во тоа. Лазарополе е едно од ретките села во овој крај каде турците не влегувале за данок и каде, и ден-денес, цвета православната традиција.




 
Во духот на таа традиција на селото е и празнувањето на денешниот ден, денот посветен на големиот пророк, вториот претеча на Христовото доаѓање- славниот Св. Илија. Како претходните години така и денес Света Литургија отслужи игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, во сослужение со свештеномонаси од Бигорскиот манастир. На Литургијата, заедно со братството од Бигорскиот и сестринството од манастирот во Рајчица се молеа многубројни верници. Црквата беше премала да ги собере сите оние што дојдоа да се помолат на Бога и да го чествуваат овој голем пред Господа пророк.
 
Во својата проповед до насобраниот народ, о. Партениј ги потсети жителите на Лазарополе за огнената ревност и силна вера на нашите предци, кои нè одржале како народ низ историјата и напомена дека и ние треба така да ревнуваме за Бога, да ги научиме младите да живеат духовно, за да можат да бидат селективни и да не ги прифаќаат сите зла што ни доаѓаат од овој паднат свет, зашто без вера младината ни пропаѓа. На крај тој нагласи дека Православието е вера во вистинското Божјо Откровение на воплотениот Син Божји, а не во некаква недефинирана сила и дека само од вистинската вера произлегува вистинскиот пожртвуван патриотизам за татковината.  

           

На Литургијата богословот Љупчо Смилев го прочита посланието од Светиот Синод.
 





известува: монахиња Варвара