Македонија го одбележа Илинден


Пелинце, Крушево(02. 08.2007г.)

 
Македонија  го одбележа Националниот празник Илинденa со народни собири, во присуство на државниот врв, на Мечкин Камен, крај Крушево и Меморијалниот комплекс Пелинце, близу Куманово.


 
 
На централното одбележување по повод 63 годишнината од првото заседание на АСНОМ во Пелинце се обрати шефот на државата Бранко Црвенковски. Премиерот Никола Груевски имаше обраќање на Мечкин камен, на централната манифестација по повод 104 годишнината од Илинденското востание и формирањето на Крушевската република.








Македонија немаше да има независност без асномската победа и без илинденскиот мит, а нејзината иднина е проектирана во заедничкиот
европски дом, како дел од ЕУ и НАТО, изјави претседателот на Македонија Бранко Црвенковски.
Во говорот на свеченоста по повод историскиот настан со кој беа поставени темелите на македонската државност, Црвенковски наведе дека Македонија е пред историска шанса, а нејзините граѓани пред сигурна иднина.
„Постојат сите претпоставки во 2008 да добиеме покана за членство во НАТО и да ги отпочнеме пристапните преговори за членство во ЕУ. Брисел и Вашингтон ни ги отворија вратиме и изразија подготвеност да ни помогнат“, рече Црвенковски.
Тој посочи дека „шансата е преголема за да ја прокоцкаме, а целта премногу важна заради нечија несериозност да не успееме“.




Илинден 2007 година е посветен на македонската битка за успех, за економски развој, за подобар живот, порача македонскиот премиер Никола Груевски од Мечкин Камен во Крушево на прославата по повод
104 годишнината од Илинденското востание.

Toj ги истакна стратешките приоритети - „Македонија полноправно интегрирана во НАТО и во Европската унија“. „Нашата битка е просперитетна и економски силна Македонија. Таа битка треба да ја водиме обединети“, изјави премиерот.
Груевски во говорот ги акцентираше реформите за подобрување на економијата, судството, здравствениот сeктoр и земјоделството.

Премиерот напомена дека Владата „отвори жестока борба против корупцијата и организираниот криминал“.


Одбележувањето на Илинден во Крушево започна со положување цвеќиња на гробот на Никола Карев, лидерот на Крушевската Република во споменикот Македониум, како и на споменикот кај месноста Слива. Венци со свежи цвеќиња положија делегациите од Собранието, политичките партии, од локалната власт и дипломатскиот кор.


 
(според Makfaks);МиаФото