Dorotea.sv.Teodot.jpg

Скопје, 11 април 2011 (МИА) - Книгите со својата вечна убавина насекаде во светот, па и кај нас се основа на националната култура и богатство која ни ги отвора животните хоризонти, која ни го доближува светот на непознатото и не облагородува со духовни вредности и знаење, истакна премиерот Никола Груевски вечерва на отворањето на 23. Меѓународен саем на книгата.

Оваа година, како што рече, на Меѓународниот саем на книгата ќе биде претставено и македонското творештво и читателската јавност ќе може да се запознае со сите литературни изданија кои се реализирани под слоганот „Откријте ја Македонија - Македонија вечна“, а се дел од неколку крупни проекти кои во изминатиот период ги релизира македонската Влада.

Dorotea.sv.Teodot.jpg

- Македонија во овие неколку години направи револуционерен исчекор кон освежување и надградување на македонската книжевна ризница. Со реализација на грандиозниот проект „130 тома македонска книжевност“ создадовме едиција на книги кои се своевидна панорама на македонската литература, гордост и вистински репрезент на македонската книжевност и држава, нагласи Груевски.

Владата на Република Македонија, како што посочи, за потребите на Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ набави најсовремена машина за хартиена каша, која ќе ја осовремени лабораторијата за конзервација и заштита на старите и ретки книги и ракописи од македонското книжевно богатство.

Премиерот најави дека е во тек и реализацијата на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, во чии рамки до крајот на годината се очекува да бидат презентирани и првите изданија.

Цитирајќи го Пабло Неруда, кој во едно од своите дела напишал дека „книгите кои ќе ти помогнат најмногу, се токму книгите кои ќе те натераат да размислуваш најмногу. Голема книга која доаѓа од голем мислител претставува брод полн со идеи, вистина и убавина...“, Груевски ги повика поклониците на пишаниот збор оваа недела да уживаат во книгите на саемот.

На отворањето се обрати и академик Матеа Матевски, кој меѓу другото рече дека саемот е празник на книгата, на создадениот и соопштен збор, кој тука и насекаде ги отвора сите врати. - Книгата е обединителка што има добра мисла и убав збор за секого, додаде Матевски.

Претседателот на Управниот одбор на Скопски саем и на Управата на групацијата Ера, Гвидо Омладоч рече дека само читајќи книга и овозможуваме луксуз на душата, патувања, емоции и рефлексии.

Dorotea.sv.Teodot.jpg

Шеесетина издавачи од Македонија и неколку од соседните земји ќе ја претстават својата продукција на 23. Меѓународен саем на книгата кој ќе се одржува од утре до 17 април на Скопски саем, на површина од 4.000 метри квадратни. Саемската манифестација свечено ќе биде отворена вечер.

Покрај изданија од различни жанрови, читателите ќе имаат можност за средби со домашни автори и да присуствуваат на голем број промоции.

Манифестацијата се организира во соработка со Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) и Здружението на албански издавачи. Покровител на саемот е Министерството за култура кое првпат ќе учествува со свој штанд, на кој ќе ги презентира своите книжевни проекти, а ќе се фокусира на јубилејните 50 години Струшки вечери на поезијата.

Саемот на книгата годинава ќе се одржува под мотото „Подари книга, подари богатство” - акција на Скопски саем што ќе ја поддржат голем број познати личности - актери, пејачи, водители, новинари, луѓе од светот на модата...

Dorotea.sv.Teodot.jpg

 Pдма/20:42