Со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, во издание на манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса од Велјуса, излезе од печат книгата-учебник на православниот психотерапевт д-р Дмитриј Авдеев, „Пастирска грижа за душата. Психијатриски аспект“, втора книга од овој автор преведена на македонски јазик.



 

       

 Предговор

(Светоотечка психотерапија)

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, книгава што е пред нас специјално е подготвена како прирачник од областа на православната психотерапија за свештенството на Македонската Православна Црква. Поделена е на петнаесет предавања кои лично ќе ги изложи, и по потреба, ќе ги образложи авторот, православниот лекар-психијатар, д-р Дмитриј Авдеев, на планираниот неколкудневен семинар. Преку запознавањето на нејзината содржина, свештеникот-пастир треба да се обучи полесно да ги разликува и распознава психичките заболувања и ако ги забележи кај оние што духовно ги раководи или кај оние што првпат се обраќаат за помош кај него, поуспешно да ги третира, сам (на пример, неврозите) или со помош на лекар-специјалист. Посебно предавање, многу интересно, е посветено на прашањата на биоетиката.

Што подразбираме под поимот православна или светоотечка психотерапија? Психотерапијата, наједноставно речено, според професор д-р Авдеев, е: „лекување на душа со душа“. Еве како во книгава тоа го опишува свети Лука (Војно-Јасенецки): „Психотерапијата што се состои од вербално, поточно, од духовно влијание на лекарот врз болниот е општо признаен метод на лекување на многу (психички) болести, кој често дава прекрасни резултати“. Покрај ова објаснување, во православната психотерапија Светите Тајни на Црквата се подразбираат, а словото на духовниот лекар, секако, треба да биде слово во сила. Слово кое произлегува од опит на очистување на своето срце од страстите, од гревовните наслаги и од демонското влијание. Слово преобразено од благодатта Божја. Слово кое длабоко достига и влијае во срцето и во умот на ближниот.

Општа цел на православното пастирствување е спасението на душата, а посебна, на православната психотерапија, е лекувањето на душата. Второто значење на зборот спасение е исцеление. Тоа значи дека пастир може да биде само оној што може да исцелува, а може да исцелува само оној што претходно се исцелил самиот себе. Светоотечкото наследство е основа на православната психотерапија. Во светоотечкото учење се содржи сè што е неопходно и за лекување на душата и за нејзино спасение. Природно е за свештеникот да се вдахновува и постојано да црпи од оваа духовна ризница.

Светоотечката или православната психотерапија е во согласност со библиската антропологија, односно со библиското учење, видување, пристап и однесување кон човекот. Човекот, богосоздаден според ликот и подобието Божјо, со душа и тело, со словесни и бесловесни сили на душата. Човекот, со ум и разум, со свој волев и желбен дел од душата и со срцето како негов духовен центар. Човекот, во неговото создавање, во неговиот пад и во неговото пакибитие преку и во Домостројот на Богочовекот Христос. Човекот, во својот обид и подвиг да ги рекомпонира и правилно да ги насочи своите душевни сили растурени и дезориентирани од падот, од гревовниот живот и од демонот.

Професор Л.Ф. Шеховцова издвојува две задачи на православната психотерапија: општа – укажување помош на човекот за да ја надмине сопствената падната природа и да ги осознае психолошките механизми на страста; и лична – да му укаже помош на човекот во решавањето на неговите конкретни проблеми и животни потешкотии. Бидејќи како причина за конкретните проблеми најчесто се појавува сторениот грев, авторот, д-р Авдеев, посебно се задржува на прашањето на улогата на гревот како и на страстите во психичките заболувања на човекот. На пример, неврозите се само запуштена форма на живот според гревовните страсти. Набројувањето на симптомите на неврозата најчесто е список на гревовно однесување (раздразливост, гневливост, завист, нетрпеливост итн.), а медицинската и духовната дијагноза се совпаѓаат. Дури и потеклото на психосоматската патологија може да се прикаже како процес на материјализација на гревот.

Еден од основните методи во православната психотерапија, според д-р Авдеев, е свесна соработка со човекот (пациентот) во осознавањето на психолошките страсни механизми на болеста или на конфликтната состојба. Духовниот живот е секогаш свесен и освестен, додека пак несвесноста, врз која повеќето психотерапевтски правци ги градат своите системи, е карактеристична атмосфера за работа на духовите на злобата од поднебесјето. Човекот, на својот пат кон исцелението и кон заедница со Бог, никогаш не го губи она што е личносно и свесно, но затоа тој доброволно се откажува од склоностите на својата падната природа, од бесловесните страсти и од гревот.

Според авторот, во православната психотерапија се издвојуваат две форми: исклучиво црковна и научно- практична, т.е. тоа е помошта на психотерапевтот, на клиничкиот психолог, на специјалистот. Според нас, најдобро би било кога овие две форми би се слеале во една, односно кога личноста на пастирот би била носител на двете. Во овој случај поцелисходно би се остварила хиерархијата на целите и приоритетите при психотерапевтското влијание, од успокојување, влевање надеж и отстранување на симптомите на болеста, па сè до остварувањето на духовниот раст и развој и придобивање на неминливите вредности. Во секој случај соработката меѓу свештеникот и психотерапевтот досега се покажува како најплодотворна и како таква треба да продолжи, нормално, со соодветно разграничување на сферите на компетенција.

Д-р Дмитриј Авдеев ги формулира и трите основни принципи на православната психотерапија кога се во прашање лекари специјалисти, кои според него се согласни и со „Основите на Социјалната Концепција на Руската Православна Црква“, а тие гласат: прво, исповедање на православната вера од страна на самиот специјалист и внесување на нејзината спасоносна вистина и духовна чистота и во лекувачкиот (терапевтскиот) и во консултативниот процес; второ, засновање на психотерапевтската дејност врз светоотечка основа; и трето, отфрлање на психотерапевтските методи и правци кои не се во согласност со вистините на Православието.

Православниот свештеник, како пастир и лекар на човечките души и тела, не треба да ја пропушти можноста што кон него природно се обраќаат за помош сите оние кои Црквата преку проповедта на верата и на покајанието ги мотивирала свесно и лично да се спротивстават на страстите, демоните и гревот и правилно да ги насочи по патот на исцелението и спасението. А тие, во нашата заедница, се несразмерно повеќе од оние што бараат помош од лекари специјалисти. За ова, секако, свештеникот треба да е и самиот подготвен и теоретски и опитно.

Митрополит Струмички Наум