Гори, ако сакаш да светлиш

(Демистификација на умносрдечната молитва или демистификација на очајанието)

 Деца, размислував на кој начин да ви покажам колку всушност молитвата на умот во срцето е многу блиска до секој од нас; размислував како да го демистифицираме самиот поим умносрдечна молитва и да го ослободиме од призвукот на нешто недостижно; и како, со тоа, да го направиме самиот подвиг во молитвата наше реално секојдневие. Верувам дека за ова многу ќе ни помогнат поуките на свети Никифор Исихаст:

„Ако, пак, брате, и по многу труд не успееш да навлезеш во пределот на срцето, како што ти кажав, направи вака, како што ќе ти кажам понатаму, и со Божја помош ќе го најдеш бараното. Ти знаеш дека внатрешното слово на секој човек се наоѓа во неговите гради. Зашто внатре во градите, кога молчат нашите усни, ние разговараме со себе и твориме молитва, и псалми пееме или друго кажуваме. Така, со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! – и принуди се наместо секаква друга помисла само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале.“

Внатрешното слово со кое човек разговара внатре во себеси и ја твори молитвата безгласно, за кое свети Никифор од Италија вели дека е во градите, попрецизно кажано извира од срцето како наш духовен центар. Покрај тоа што во срцето се наоѓа суштината на умот, тоа е значи и изворот на внатрешното слово. Ако со внатрешното слово, наместо други помисли, ја изговараме молитвата, ќе го направиме нашето срце и извор на личната молитва. Значи, ние треба да се трудиме со внатрешното слово да ја кажуваме кратката молитва ‘Господи Исусе Христе, помилуј ме’, а вниманието (или енергијата) на умот да ни биде концентрирано преку самите зборови на молитвата во Него, но истовремено и во изворот на молитвата, во срцето. На тој начин многу ќе се доближиме до она што светите Отци ни го посочиле како идеал, а тоа е собирањето на енергијата на умот во нејзината суштина во срцето, или таканареченото непрелестно кружно молитвено движење на умот. Во својата аскетска димензија, овој подвиг ни го овозможува верата, а во својата благодатна димензија, овој подвиг ни го овозможува светата тајна Крштение во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

 За да го сфатите погоре кажаното од свети Никифор и за да ви биде полесно за примена во пракса (затоа што постои една чудна врска во сила помеѓу сфаќањето и делувањето) треба да ги разликувате благодатното отвoрање на срцето за умносрдечната молитва од аскетската пробивност и задржување на нашиот ум во него. Отвореноста на срцето за умносрдечна молитва е дар Божји кој смирено го очекуваме додека пробивноста и можноста за задржувањето на нашиот ум во самото срце е дар Божји кој веќе го имаме.

Зошто е важно, согласно православната антропологија, да ја правиме оваа разлика и зошто го објаснуваме токму тоа место од делата на свети Никифор? Затоа што сето тоа ни покажува дека и без да ни е отворено срцето за умносрдечната молитва и без да ни е познато местото на срцето по тој начин, ние сепак можеме да го држиме нашиот ум во областа на срцето пред портите од светињата на светињите и смирено да го очекуваме ветувањето Господово: кој чука ќе му се отвори, како и кој бара ќе најде. Зашто, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија? Тогаш, колку ли повеќе Господ ќе им даде на оние што Го бараат Него Самиот? И затоа што, ова разликување ни ја покажува нашата лична одговорност за евентуално пропуштениот подвиг и загубеното монашко време. А за ова нема оправдание.

Собраното кажување на молитвата внатре во срцето предизвикува соодветни ефекти, а пред сè одреден вид топлина. За тоа, пак, колку е важен овој аскетски (кога самите себе се принудуваме) подвиг како и за ефектите кои произлегуваат од него ќе слушнеме нешто повеќе од великиот свети Теофан Затворник:

„Молитвена навика не се образува наеднаш, туку бара долготрајно вложување на труд и изложување на големи напори. И токму во овој труд за формирање на молитвена навика најдобро помага Исусовата молитва и топлината којашто ја следи. Обрни внимание, дека и молитвата и топлината се единствено средства, а не она што се очекува.

Да видиме сега што значи топлината со којашто е проследена оваа молитва. За да може умот за време на повторувањето на кратката молитва да се држи на едно место, потребно е со внимание да се насочи во срцето, зашто остана ли во главата, каде што има непрестајна врева од мисли, тој нема да успее да се сосредоточи на едно. Кога вниманието ќе слезе во срцето, тоа во една точка ќе ги привлече сите сили на душата и телото. Тоа сосредоточување на целиот човеков живот на едно место веднаш наоѓа одзив во едно посебно чувство. Тоа чувство е почеток на идната топлина.

Ова чувство, на почетокот слабо, постепено зајакнува, се продлабочува и од ладно, какво што е на почетокот, преоѓа во топло чувство и го задржува на себе вниманието. Ова се случува така што на почетокот вниманието се задржува во срцето со напрегање на волјата и со својата сила ја раѓа топлината во срцето. Таа топлина потоа го одржува вниманието без особено напрегање. Потоа тие меѓусебно се поттикнуваат и мора да пребиваат во нераздвојност, бидејќи расејувањето на вниманието доведува до намалување на топлината, а намалувањето на топлината – до слабеење на вниманието. Оттука произлегува законот на духовниот живот: ‘држи го срцето во чувство кон Бога, и секогаш ќе пребиваш во сеќавање на Бог’. Оваа мисла на едно место ја изрекол свети Јован Лествичник.“

Видовме од напишаното дека вниманието и топлината взаемно се привлекуваат и надополнуваат при собирањето на умот во срцето и значајно ни помагаат да пребиваме во сеќавање на Бог. Следното што го обработува и ни го појаснува свети Теофан е прашањето за суштината на таа топлина – дали е таа природна или духовна топлина, како и прашањето за нашиот однос кон таа топлина. Затоа што, како што и самиот вели треба да обрнеме внимание, дека и изговарањето на молитвата и топлината во срцето се единствено средства, а не она што се очекува. Како што и другпат сум рекол, ние молитвено давајќи се Го бараме само Него, а не некои од Неговите дарови. Ако главното наше внимание и желба ги пренасочиме од целта што се очекува, која е Христос Бог, кон средствата, тогаш отпаѓаме од правиот пат, во област смртна, на прелеста, на гревот, и на демонот кој нè демне. Последицата може да биде и остра болка во срцето, при секој обид со умот да се влезе во него, која последователно може да нè оддалечи од молитвата на подолг период, сè додека не се смириме. Но да видиме што вели свети Теофан:

Сега се поставува прашањето: дали е тоа духовна топлина? Не, не е духовна! Тоа е обична топлина, која доаѓа од крвта. Но, со оглед на тоа дека го држи вниманието на умот внатре во срцето и со тоа придонесува за развивање на духовни движења во него, за коишто зборувавме порано, таа се нарекува духовна, но само ако не е проследена од сладострастие (оваа неправилност се случува кога топлината ќе се најде во пределот под срцето) и само ако душата и телото ги држи во трезвена состојба.

Друга неправилност се состои во тоа, откако ќе се засака таа топлина човек да се задржува исклучиво на неа, без грижа за духовните чувства, дури и за сеќавање на Бога, туку само со грижа таа топлина да се одржи. Ова е потребно да се воочи и да се исправи, бидејќи во тој случај ќе остане само топлината од крвта, животната топлина, а нејзе не смееме да ја сметаме за духовна, благодатна. (Значи) таа топлина може да ја нарекуваме духовна единствено во случајот кога е проследена со духовни молитвени движења. Оној што ја нарекува духовна без нивното постоење, греши. А оној што ја нарекува благодатна, тој е во уште поголема заблуда.“

За разлика од природната топлина, благодатната или Божествената топлина се појавува и се случува  при она што го нарековме благодатно отвoрање на срцето за умносрдечната молитва, кое е пак крај на аскетското пробивање и задржување на умот внатре во срцето пред портите на светињата на светињите. Пројавувањето на благодатта Божја е моментот што прави срцето да се отвори, за умот молитвено да влезе внатре, препознавајќи го непрелестно местото на молитвата (срцето). Потоа следува аскетско пребивање и задржување на умот во светињата на светињите во срцето сè додека огнот и топлината што притоа ќе се случи не го преобразат (одухотворат), оној што така гори, целиот во несоздадена светлина. Еве што вели свети Теофан:

„Благодатната топлина е посебна и согласно со тоа, таа е духовна. Таа е одвоена од плотта и во телото не предизвикува забележителни промени, туку бидува посведочена од едно суптилно, слатко чувство. Секој може да ја одреди и да ја воочи разликата помеѓу тие два вида на топлина, едноставно, раководејќи се од природата на овие чувства. Тоа секој мора да го направи сам: во овој дел за кој било друг нема ни работа ни место.

Кога срцето ќе ви се загрее од божествената топлина, ќе започне вашето внатрешно преобразување. Тој оган ќе изгори и ќе растопи сè во вас. Кажано со други зборови, ќе започне сè да одухотворува сè дури сосема не ве продухови. Сè додека не се појави тој оган нема да има одухотворување, колку и да се напрегаме кон духовното. Значи, целата работа сега е во тоа како да го добиеме тој оган. И ве молам да го насочите целиот свој труд кон тоа.“

Деца, треба да се знае и следното за да не се збуниме: кога ќе започнеме со овој начин на молитва ќе наидеме на темнина и безразличност, односно на затворена врата во срцето. Ова не треба да нè обесхрабри, туку напротив, ние треба и понатаму упорно да продолжиме барем додека не ја почувствуваме природната топлина. Таа заедно со солзите на покајанието (духовни молитвени движења) секако ќе биде и надеж дека ќе ја оствариме целта. Ваквиот вид молитва веќе може да се нарече аскетска умносрдечна молитва пред вистинската или аскетско-благодатната умносрдечна молитва. Умот од горд, расеан и затемнет, бидејќи се држи нерасеан преку зборовите на молитвата во срцето – во Христос Бог, се смирува, се собира и полека се просветлува заради чистењето на неговата енергија. Со други зборови, овој вид молитва секому е достапен и секој кој сака и вложи труд може да го има.

Исто така треба да внимаваме и на основните предуслови: манастирскиот типик кој ни овозможува услови за екстремно одрекување од светот или монашко туѓинување, кое истовремено значи прилагодување на начинот на нашиот живот согласно нивото од духовниот развој на кое се наоѓаме. Особено треба да внимаваме да не им судиме и да не ги осудуваме луѓето, како оние што ги познаваме, така, уште повеќе, оние што никогаш во нашиот живот не сме ги сретнале. Првото го сторил фарисејот, а второто не знам како да го наречам. Ако случајно некого осудиме, не само што ќе треба да се покаеме пред Бог веднаш, туку ќе треба и на дело тоа да го покажеме, правејќи му нешто добро на оној кој што сме го осудиле, спротивно од нашата осуда. А дотогаш, место подвиг во аскетска умносрдечна молитва Авва Антониј би ни препорачал топла кашичка, исто како за оние што се болни.

 

Митрополит Струмички

  


 

 

Посети: {moshits}