ВО ПРЕСРЕТ НА ВЕЛИГДЕН

Д-р Марија Гиревска

____________________________

TVIT412

Во издание на Управниот одбор при МПЦО „Св. Јован Крстител“, Капиштец, Скопје излезе од печат Монографија за храмот „Св. Јован Крстител“, Капиштец од проф. д-р Ацо Гиревски, протопрезвитер

Монографијата се печати во чест и слава на признавањето за автокефална на Македонската православна црква – Охридска архиепископија Со благослов на Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан

Еве што вели авторот во Поговорот на книгата:

____________________________

              Ја имав таа среќа да сум сведок и учесник во градбата на новиот манастирски храм „Св. Јован Крстител“ во населбата Капиштец, Скопје. Господ Бог посака да бидам присутен и да учествувам и во чинот на осветувањето на храмот што ми даде сила и голема радост. Радоста беше дотолку поголема, бидејќи со овој чин се заокружуваат сите потребни работи околу новиот храм и на крајот секако неговото осветување беше како круна на сите збиднувања. „Крајот на една работа е подобар од нејзниот почеток“ (Проп 7, 8).

              Новиот храм се изгради на темелите на старата манастирска црква, градена на нови темели во 1937 година, која поради големото оштетување од катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, како и нејзината нефункционалност за новите услови, мораше да се урне. И на овој момент бев учесник, кога во исто време се постави и камен-темелникот за новиот храм.

             За сите тие настани своевремено (1992) објавив првична монографија, во која сум забележал дека нема да биде единствената, бидејќи таа не ги содржеше сите значајни податоци од минатото и сегашноста, т.е. завршниот дел, фрескоживописот, градбата на трпезаријата како и осветувањето на храмот.

            Тогаш решив дека ќе биде многу неопходно и самиот да приложам извесна трудољубивост и напор за да ја напишам оваа книга. Се зафатив да ја кажам вистината од прва рака и непосредно како сведок и учесник во настаните. Принесов будност и знаење во текот на долгото време, бидејќи спомените исчезнуваат доколку не се забележат. Книгава не ја замислував така, можеби нескромно оти ми заличи на автобиографско дело, но како и да е, јас целиот работен век го поминав на Факултетот, односно во храмот „Св. Јован Крстител“, па така заедно растевме, јас остарев, а храмот се подмлади.

             Со издавањето на оваа комплетна монографија се заокружат сознанијата за ова обновено живо и чудотворно светилиште, за кое скопјани знаеја како беше некогаш, а како изгледа сега, како да е облечено во ново руво – Божја убавина, велелепие за очи. И така, јас видов дека нема ништо подобро за човекот, освен да се насладува на делата свои... (Проп 3, 22).

             Благодарам на братството при храмот „Св. Јован Крстител“ што побара да ја обновам монографијата за храмот во годината кога се случи осветувањето на храмот, кога Богословскиот факултет наврши 45 години постоење и работа, кога Македонската православна црква наврши 55 години од својата самостојност. Тоа беше 2022 година, кога на Нашата Помесна Црква ѝ беше призната АВТОКЕФАЛНОСТА.

           Се надевам дека монографијата ќе ги израдува и современиците - читатели почитуватели на Нашата Помесна Црква, на нејзините просветни институции и на оваа обител, а ќе послужи како споменик на идните генерации.

           Благодарам посебно до Блаженејшиот Отец наш Стефан, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима - поглавар на Нашата Помесна Света Црква, за благословот и моралната поддршка, ова дело да излезе од печат и да сведочи за нашите дела пред „новите луѓе Македонци што допрва ќе се изродат“, а да им служи и на оние преселници, кои сакаат да се научат како да си ги воспостават обичаите и традицијата и да живеат според Законот Господов.

         Нека оваа книга биде мал прилог кон историјата на нашите духовни светилишта и нека послужи за општиот преглед на вкупниот број цркви и манастири во Р. Северна Македонија.

       И нека е слава и благодарност на Бога и на Неговите светии, кои постојано им помагаат на ктиторите, архитектите, градителите, помагачите, украсителите и на сите учесници предводени од своето духовништво, на чело со епархискиот архијереј во обновата на овој свет и сечесен храм.