Во светата и Велика Среда божествените отци ни заповедаа да го славиме споменот на жената блудница, која Го помаза Господа со миро, затоа што овој настан се случил пред страдањата на Спасителот. Откако Исус влегол во Ерусалим и бил во домот на Симон Прокажаниот, една жена пристапила до Него и излеала на Неговата глава скапоцено миро.

Тоа, пак, се случило, според словото на Спасителот, за да се проповеда насекаде и меѓу сите нејзиното пламено дело. А зошто таа го направила овој подвиг? – Затоа што ја видела Христовата сочувствителност и Неговата желба за заедништво со сите, особено кога видела дека влегува во домот на лепрозен, за кого Законот заповедал, како нечист, да се исклучи од заедницата.

Жената си помислила дека ќе ја излекува нејзината душевна болест, како што ја излекувал неговата лепра. И така, додека Он седел на трпезата, над главата Му го излеала мирото, чија цена била околу триста динари, односно шеесет асарии, или десет пенези, или три сребреници. Учениците и се заканиле, а најмногу Јуда Искариот, но Христос ја заштитил, за да не ја пресечат нејзината добра намера. Така Он го напомнува и Своето погребение, го одвраќа Јуда од предавството, и жената ја удостојува со чест, дека насекаде во светот ќе се проповеда за нејзиното добро дело.