svaptimot2022 3 

04 Февруари 2022

„Твоите земни желби престанаа, себлажен апостоле, зашто си ја достигнал крајната убавина, постојано озаруван јасно од светлината на Света Троица, и сега пееш, веселејќи се: Сето создание да Го благословува Господа, и да Го превозноси во сите векови“

(песна од канонот на Утрена на св. ап. Тимотеј).

 svaptimot2022 2

svaptimot2022 5

svaptimot2022 15
Празнувањето на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиец, како и именденот на нашиот надлежен Архиереј Митрополитот Тимотеј, започна на 03.02.2022 година, во манастирот „Св. Климент и Пнателејмон“ на Плаошник во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Александар Димоски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. Прославата на великиот апостол беше крунисана со света архиерејска Литургија, на 04.02.2022 година, во Светиклиментовиот манастир во Охрид, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свешптеникот Александар Димоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Овој ден, во кој нашата света Охридска епархија торжествено го прославува заштитникот на нашиот Митрополит Тимотеј, но и нашиот молитвеник и покровител, стана радост и за магистерот по теологија Оливер Димитров, кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во ѓаконски чин. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а свештеникот Александар Димоски, со благослов на Митрополитот Тимотеј, се обрати кон верниот народ со пригодно слово, коешто подолу во целост ви го пренесуваме. Од името на свештенството, монаштвото и сиот верен народ од нашата Епархија, му го честитаме именденот на Митрополитот Тимотеј, со молитви и искрени повици кон св. ап. Тимотеј, тој секогаш да се застапува за него пред Севишниот Бог, и како и досега да ни го чува здрав, мудар и со уште поголема љубов уште многу години да нѐ води на патот на Господовите заповеди. Истовремено, му го честитаме и ѓаконскиот чин на Оливер. На многаја лета Владико! 


 svaptimot2022 16

свештеник Александар Димоски


СЛОВО ЗА СПОМЕНОТ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТИМОТЕЈ


Ваше високопреосвештенство,

преподобни и чесни отци и браќа сослужители,

возљубени браќа и сестри во вечната радост Христос.


Денов што денува е еден од оние што Господ ги создаде за да се развеселиме во Него, зашто зар можеме да бидеме нажалени додека со нас е младоженецот – причината за радоста? (спореди Мт. 9, 15). Денес е нашата веселба, налик на онаа од Кана Галилејска, зашто нашиот Христос е овде, претстои на ова свештено собрание и не водата во вино, туку лебот и виното ги претвара во тело и крв на Воплотениот Христос – Предвечниот Бог. Денес и ние патуваме од Ерусалим за Емаус со нашиот Христос, горат нашите срца со свештен трепет, како оние на Лука и Клеопа, зашто доволно ни е само тоа што живееме во неговото време и се наоѓаме во негова близина. Причината за радост е преголема, а устата наша премала за сè да собере и она што срцето го зборува, таа да го изговори.

Но, кренете го погледот најмили мои, и видете како што денес слушнавте: Жетвата е голема! Класјето натежнало секое со својата тежина, некое исправено се справува со родот, друго се нависнало и пред да се скрши под сопствениот товар, нетрпеливо ја чека средбата со жетварот, Кој единствен може да го ослободи, да го собере неговиот плод и да даде значење на неговиот труд, ако, пак, ја пропушти таа средба, целиото негово бдеење би било залудно. А Господарот на жетвата не ја забирави нашта нива! Од малкуте работници, највредниот го прати да жнее помеѓу нас, затоа гледајте добро да не ја пропуштите средбата со него, затоа што целиот труд ќе ви биде залуден! Еве го оној што најде празни амбари, а сега ни нуди плодови во изобиле! Брзајте да се наситите од потоците трпение што од него извираат, зашто тој добро ги разбра зборовите на апостолот: Ти во сè биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро! (2Тим. 4, 5).

Жетварот што доаѓа испрстен од својот Господар, не е обичен работник кој откако ќе пожнее ќе остави пустош на празна нива! Овој жетвар, драги мои, за собраното класје ни го нуди својот мир, мирот кој го добил како дар од својот Господар! Но зошто мир, како што слушнавме од светото Евангелие? Бидејќи за она што следи после жетвата, ќе бидеме подготвени, само ако носиме мир во себе, кој единствено се добива преку жетварот на нивата. Ако го прифатиме мирот што ни се нуди, тогаш зборовите Се приближи до вас Царството Божјо, за нас ќе бидат најубавата и најрадосна вест. Жетвата поминала, класјето е собрано, родот е оценет, жетварот е пресретнат, мирот е прифатен, ако сè ова не биде така, тогаш последните зборови за нас ќе бидат ужас, знак за срамен крај, болка и страв. И блазе на оние што не ја пропуштиле жетвата, радост за оние што го прифатиле мирот, слава за оние кои го чекаат Царството Божјо. Затоа, повотрно ќе повикам, побрзајте кон оној што го носи мирот Господов, кон оној чиј глас нè води кон Царството Божјо, за да не би, не дај Боже, и нашиот Охрид се најде помеѓу Содом и Витсида! И тој издигнат, целиот облечен во слава и велелепие, да не биде симнат како Капернаум до адот, зашто тешко нас, ако биде така, ниту патот сме го изоделе, ниту верата сме ја запазиле (2Тим. 4, 7).

Возљубени во Христа, ако споменот на најсветиот помеѓу архиереите Климент – Охридскиот чудотворец е втората Охридска Пасха, денес, кога го празнуваме светиот апостол Тимотеј е нашата трета Пасха, која носи радост не помала од онаа првата и втората. Денес, оној што седи на местото Христово во Охридската црква, нашиот митрополит, го прославува својот небесен заштитник, чие име го носи. Нашата црква Охридска низ вековите покажала дека знае да го почитува споменот на своите свети архиереи, а колку е важен денот во кои тие го прославувале својот именден и молитвеник пред Бога, ни сведочи и зимскиот празник на светиот отец наш Климент, празник кој се слави само во нашата помесна Црква. Од неговото житие знаеме дека летниот празник е денот на неговото упокојување, но бидејќи тој го прославувал како свој заштитиник светиот папа Климент Римски, заедно со него празнувала и целата Охридска Црква, а тоа го прави и последниве 1100 години. Значи, 11 века, по упокојувњето на свети Климент, ние сè уште го празнуваме неговиот именден, пеејќи им песни на двајцата кои со исто име се прославија пред Бога. Празникот на нашиот владика, е празник за целата наша Црква, неговиот заштитник е и наш заштитник, затоа денес радувајте се со Пасхална радост, како што доликува на верни чеда на својот отец и пастир.

Не знам дали сте забележале читајќи го Новиот Завет, но светиот апостол Тимотеј е единствениот новозаветен маж, кон кого лично светиот апостол Павле испраќа две посебни посланија. Тоа доволно кажува колку овој апостол бил ревносен во исполнувањето на словото Господово, и поради тоа му бил мил на својот учител во верата, божествениот Павле. А Тимотеј вистинско чедо по вера (1Тим. 1, 2), човек Божји (1Тим. 6, 11), човек со солзи (спореди 2Тим. 1, 4), слуга Господов (2Тим. 2, 24), живеејќи свет живот во сè се покажа достоен на овие зборви кои апостолот Павле му ги упатуваше. И нашиот владика добивајќи го името на овој свет и славен апостол, врз себе го понесе и неговиот подвиг, налик рамноапостолен, покажувајќи се достоен за секој епитет што неговиот заштитник го доби. Владико свет, продолжете со своето дело зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност (2Тим. 1, 7), како што многупати покажавте кон нас. Нека ви е честит именденот, и нашите молитви се тој да биде прославуван со векови во Црквата. Господ да ви даде добро здравје и бодар дух! На многаја лета!



 svaptimot2022 6

svaptimot2022 7

 svaptimot2022 20 

svaptimot2022 22
04. 02. 2022 год.

св. апостол Тимотеј
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид

 

 Повеќе:

https://www.dke.org.mk/index.php/3432-2022-02-04-10-58-42