логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Во посета на Свештената Бигорска Обител денес дојде Претседателот на Р. Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски, кој гостољубиво беше пречекан од Старецот и игумен, Архимандрит Партениј со братството.  Посетата на благочестивиот Претседател се должи на неговата лична желба одблиску да се запознае со целокупната мисија на Братството, во пресрет на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир (1020-2020), на чијашто прослава покровител ќе биде токму тој.



Според древното манастирско предание, Челникот на државата беше пречекан со свечен пречек – иподохи. Во рамките на пречекот, нашиот Старец му посака добредојде на Претседателот со поздравно слово:



„Ваше Превосходство, почитуван Претседателе на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски,

Дозволете ми, најнапред, од името на целото наше братство, како и од името на нашите штитеници, да Ви се заблагодарам за честа што ни ја укажавте денес, доаѓајќи во посета на нашиот Манастир. Откако е возобновено Монашкото општежитие во овој свештен Манастир и нашето братство ја започна својата мисија за помош на личности од ранливи социјални категории, Вие сте првиот Претседател и висок државник воопшто, што така отворено и срдечно посака да се сретне со нашите штитеници и да оствари личен и присен контакт со нив. Тоа несомнено сведочи за благородството на Вашата личност.

Согласно манастирскиот типик, на пречекот што Ви го приредивме, (кој, патем, се нарекува иподохи), го испеавме, меѓу другото и тропарот, т.е. химната на Вашиот заштитник, Свети Првомаченик Стефан, како и тропарот на патронот на овој свет Манастир, Свети Јован Претеча, којшто моќно го чувал и го чува овој крај од каде потекнувте и Вие и е од големо значење за нашата историја.

Традиција е на православната Црква секогаш да се моли за оние што го предводат народот, бидејќи молитвата за народните водачи е од витална важност за добробитот на една држава и на нејзиниот народ. Така, Црквата непрестајно се моли, за оние кои го водат народот, Бог да им дарува христијански доблести и да ги исполнува со вредности, кои, за жал, можеме да констатираме, денес доживуваат голема криза. Тука мислам на оние вечни, морални, пред сѐ, христијански вредности – од кои најважна е пожртвуваната љубов кон секој човек. Денешната Ваша посета е показател за присуството на таа љубов во Вас. Очигледно, Вие покажувате почит кон својот народ, меѓу другото и со тоа што посакавте да ја посетите нашата Обител, да ни укажете чест, да дадете една своевидна потврда и државнички легитимитет на делото што го правиме, особено со младите луѓе кои се лекуваат од различни зависности. Големо достоинство е за нас што Вие, како Претседател на нашата држава, посакавте да се сретнете со младите што се лекуваат кај нас од тие модерни страсти на денешницата, кои навистина се голема напаст за едно општество. Нашето братство, по Божја Промисла и со Негова помош, се зафатило со оваа макoтрпна работа и токму затоа сме Ви посебно благодарни што избравте да се сретнете со овие страдални души и на тој начин да им укажете дека Вие сте и нивен Претседател, Претседател на сите граѓани, без разлика какви и да се тие. Всушност, им покажавте дека во Вашите очи тие имаат човечко достоинство, дека сите луѓе се еднакво вредни пред општеството и скапоцени пред Бога. Тие млади луѓе значат многу и за Црквата и за државата. Зашто, доколку една држава нема морално и етички здрава млада популација, тогаш таа застарува и е осудена на пропаст.

Следствено, бескрајно Ви благодариме што, ете, во пресрет на илјадагодишнината – имено, следната година Манастирот ќе слави илјада години од своето основање – Вие сте денес тука заедно со сите нас. По овој повод, би сакал уште сега да Ве замолам да бидете покровител на прославата за претстојниот јубилеј. Впрочем, во текот на следната година ќе имаме разни активности посветени на јубилејот, но, есента, со Господ напред, намераваме да закажеме една централна свечена прослава, заедно со архиереите од Синодот на МПЦ-ОА, гости од странство и многуброен народ. Бигорскиот Манастир е мошне значаен не само од духовна, туку и од национална гледна точка, затоа што голем дел од преродбениците од 19 век, народните будители, поминале токму низ неговото ќелијно училиште и дале голем придонес за културно-духовното богатство што го имаме денес. Затоа, треба сите да се вложиме и да го прославиме големиот роденден на нашиот славен Манастир.

Уште еднаш длабоко Ви се заблагодарувам што дојдовте во Бигорски и денес сте заедно со нас“.

Како одговор на поздравното слово на Старецот, Претседателот Пендаровски, прифаќајќи ја поканата да биде покровител на Илјадагодишнината, ги изговори следниве трогателни и благодарствени зборови:

„Почитуван отец Партениј,

Почитувани припадници на Бигорското братство,

Денес не сум дојден како политичар. Денес сум дојден при вас како обичен граѓанин, како човек, а се разбира и како верник.

Инаку, никогаш во животот не сум претпочитал да слушам политичари додека зборуваат во духовните храмови. Значи, сакам да ви се обратам само од посочениот аспект и да одговорам на овие убави зборови што ги кажа мојот денешен домаќин, отец Партениј.

Прво, да Ви се заблагодарам што ме прифативте, што ме примивте да ги видам овие убавини, кои сум ги гледал и претходно многу пати, ама во друго својство. Сега вие ми овозможивте да ги видам и од оваа позиција на која сум, иако повторувам, дојден сум само како обичен човек.

Второ, да се заблагодарам што ми предложивте да бидам покровител на манифестацијата: илјада години Бигорски Манастир, бидејќи овој Манастир има значење на столб на нашата духовност. Затоа, оваа покана за мене претставува голема чест. Самото времетраење и опстојување покажува дека станува збор за многу длабок корен, кој ние, денешните припадници, не само на православната вера, туку и сите луѓе кои гравитираат од овој простор, мораат да го почитуваат. Ако не ги почитуваме корените, сигурно нема да имаме ни иднина.

И последно, но не и најмалку важно, да Ви се заблагодарам Вам што ми дозволивте да се видам со луѓето, со младите штитеници на Вашиот Манастир, кои тука, со Ваша помош, се обидуваат да се оттргнат од пороците во кои имаат западнато. Ќе ви кажам најотворено, јас во мојата потесна и поширока фамилија имам такви личности кои се борат со овој порок, а верувам дека и нема фамилија во Македонија, чии што блиски чеда или роднини не биле или можеби сѐ уште се зафатени од него. Вие, чинам, сте единствена институција која толку долго и толку успешно се справува и им помага ним да се справат со тие демони и да се вратат во општеството како луѓе кои ќе придонесат за личниот, семејниот развој и за развојот на целата заедница.

Сакам да им порачам ним, на младите луѓе кои поминуваат денови и месеци тука на тешки искушенија, дека треба да се благодарни што постојат вакви луѓе кои ги прифаќаат и им помагаат. За жал, ниту државата, ниту општеството, а често пати ниту најблиските наши, не се зафаќаат со тој процес зашто е многу тежок и болен. Секој си ја гледа својата работа и ве остава вас да се борите сами со своите проблеми. Значи, добро е што има институција која има илјадагодишно траење; што има луѓе кои се полни со знаење и мудрост и искуство, собрани на едно место, и што можат да ви пристапат како втора фамилија, како втори татковци, втори мајки, втори родители. Имате уникатна прилика да се избавите од неволји со помош на овие благородни луѓе. Сакам да дадам поддршка на оваа мисија која ја прави братството, бидејќи, за жал, тие модерни пороци зафаќаат сѐ повеќе и повеќе од младата генерација. Сѐ помалку и помалку се оние кои им одолеваат. Вие сте единствени кои го враќате балансот и надежта дека не е сѐ изгубено во судирот со модерните предизвици, ако можам така да ги наречам. Дека не е нужно модерниот човек да биде роб на тие навики, туку можеме и ние самите да бидеме господари на нашите животи. Се разбира, под услов ако доволно длабоко и доволно интензивно веруваме во нешто повисоко, поморално, поетичко. А тоа се корените на кои почива и нашата нација и нашата држава“.

Во продолжение, г-дин Пендаровски имаше можност повеќе да се запознае со содржините на Манастирот, како и да оствари личен контакт со манастирските штитеници, коишто се лекуваат од зависности и пороци. Тој разговараше со неколкумина од нив, при што изворно се запозна со нивните животни приказни, нивните борби, како и нивната почит кон Старецот и братството со сета пожртвувана грижа и љубов околу нивното спасение. Тие отворено ја изразија својата синовска благодарност кон отец Партениј за неговите татковски прегратки, со кои ги примил и ги чува во Манастирот. Претседателот не ја сокри својата трогнатост и уште еднаш најтопло му се заблагодари на Старецот и на братството, што така несебично се вложиле во таа тешка мисија за спасување на млади души од погубниот пат, без разлика на нивната социјална, политичка, национална и верска припадност.

Нашето монашко братство срдечно му благодари на почитуваниот Претседател за честа со која нѐ удостои и за укажаната поддршка и подготвеност да биде покровител на прославата за илјадагодишниот јубилеј на Бигорски.

 

 

 

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

 Сите имаме свој крст, но прашањето е: дали нашето страдање Бог го прима како учество во Крстот Христов или тоа е само обично, очајно и бесмислено човечко страдање? Односно, дали...

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв

Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти, и блудницитe да живeат цeлoмудрeнo, и чoвeкoубијцитe пoвeќe да...

Игумен на манатирот "Успение на Пресвета Богородица",о. Фотиј, Берово: БЕСЕДА

Игумен на манатирот "Успение на Пресвета Богородица",о. Фотиј, Берово: БЕСЕДА

...По тоа ќе не познаат,по тоа ќе ни мерат...Ако нашите дела и нашите постапки бидат во согласност со Божјите зборови. Лесно е да се каже,тешко е да се спроведе.Еден најобичен...

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Девата се раѓа од неплодна утроба, но дури и да била плодна, рождеството пак би било чудесно. О, големо чудо! Штом времето на сеење поминало, тогаш жетвата дошла; штом огнот...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Епископот Антаниски г.Партениј: Повик на покајание за злоупотребата на интернетот

Епископот Антаниски г.Партениј: Повик на покајание за злоупотребата на интернетот

Како духовник сум сведок колку многу бракови се распаѓаат, и тоа христијански бракови, на воцрковени сопружници. Христијанскиот брак, а со него и сето општество, се наоѓаат во застрашувачка ерозија и...

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

Духoт на Гoспoда e врз Мeнe. Зoштo Oн тoа гo гoвoри кoга e рамeн на Духoт какo и на Oтeцoт? Заради свeдoштвo на луѓeтo, какo штo тoлкува св. Златoуст. Нe...

Митрополит Струмички Наум: На рјеках Вавилонских... (12.09.2020)

Митрополит Струмички Наум: На рјеках Вавилонских... (12.09.2020)

Ни покажа и нѐ поучи и како духовно да пораснеме и да ја достигнеме оваа Божествена љубов. Нѐ поучи дека, покрај лоши дела и зборови, срцето треба да го очистиме...

« »