Низ сите векови, следбениците Христови се одликувале со голема храброст и покрај тешките времиња во ерата на гонење на светата Црква. Но Спасителот Христос не’ предупредил на сето тоа, кажувајќи ни ги следниве зборови: „И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“.


Голем е бројот на оние што навистина храбро и со трпение го издржале маченичкиот подвиг. Еден од нив е и Светиот Георгиј Победоносец, кого Господ го овечнал со маченички венец.
Победоносно веејќи го знамето на победата обоено со неговата крв, се издигнал над се’ што е земно, победувајќи го најгоглемиот непријател на човекот – ѓаволот.

Покрај сите натчовечни угнетувања претрпени заради Христа, сепак Неговиот спомен останува да се празнува до ден денес и бројни се чудата кои се излеваат од неговите чудотворни мошти.

Затоа медоточната уста на пророкот вели: „Чесна е пред Господа смртта на Неговите светии!“

Обителта Кнежинска, пак, денес засветли со необично сјајна светлина, празнувајќи го споменот на својот молитвен застапник пред Бога, Победоносецот Герогиј.

Мноштво верници од градот Кичево и околината денес имаа можност да се поклонат на моштите на Светителот, кои со благослов на архимандрит Партениј беа донесени тука од истоимениот манастир во с. Рајчица – Дебар. Со големо умиление, братството на Бигорската Обител и сестринството на Пречистантската Обител, молитвено пеејќи и богослужејќи во велелепниот Георгиев храм.

Бог, заради молитвите на светиот великомаченик Георгиј, да ни подари храброст, та воинствено да поитаме во борбата против поднебесните духови на злобата. Да се издигнеме над се’ овоземно, подготвувајќи си го патот што води кон вечното блаженство, Царството на нашиот Отец Небесен. Амин!

 

 

 

 

 

 

 

 Извор:https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/pobedonosna-radost-vo-knezhinskiot-manastir/