svetlipet2019 3

 svetlipet2019 5

„Богоблагодатна Дево, од твојот извор кој тече непрестајно, ти ми даваш вода од твојата благодат неискажливо. Затоа ти се молам тебе, која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да ти викам: Радувај се, водо спасителна!“ (кондак на Утрена во Петок од Светла седмица).

 svetlipet2019 6

svetlipet2019 8

На 03.05.2019 година, во Петокот од Светлата седмица - Источен Петок (Балаклија), во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светла седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 svetlipet2019 9

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!


Во оваа Светла седмица торжествено го прославуваме празникот над празниците и торжеството над торжествата, односно светлото Христово воскресение. Овој, пак, петок е посебно посветен на Живоносниот извор на Пресветата Мајка Богородица. Овој празник потекнува уште од раната Црква Христова, а е поврзан со едно јавување на Пресвета Богородица на идниот византиски император Лав во V век. Во Синаксарот од Цветниот триод се вели дека овој благороден човек се движел надвор од Цариград, во местото викано Балаклија, каде сретнал еден слеп човек кој талкал во непосредна близина, не можејќи да го најде патот. Лав се сожалил и му подал рака, а човекот го замолил да му даде малку вода, бидејќи бил преморен од големата жега. Обидувајќи се да најде вода, Лав слушнал глас од небото, кој му велел да влезе во шумата, каде ќе најде вода. Гласот му кажал со водата да го напои човекот, а со калта да му ги намачка очите. Откако Лав го послушал гласот, слепиот прогледал. По ова чудо, на Лав му се јавила Богородица, која му кажала дека еден ден тој ќе стане голем човек, та тогаш да и подигне храм на ова место. Така и се случило. Кога Лав станал византиски император, тој подигнал велелепен храм на ова место, а изворот станал лечилиште за многу болести. Мајката Божја како Царица небесна и Мајка на нашиот Спасител Господ Исус Христос е и наша Мајка – Мајка на сите Христијани. Таа со нејзината молитва и застапништво има голема сила пред Бога да се моли за наше закрепнување во верата и избавување од секакви непријателски напади, а особено избавување од нечестивите и злобни духови.


Света Богородица како наша духовна Мајка, е слична на нашите телесни мајки. Тие се радуваат и нè поддржуваат во сите наши успеси, било на интелектуален или на морален план. Ние, пак, со нашите постапки, кога сме добри и пристојни им ја зголемуваме радоста. Кога, пак, отстапуваме од вистинскиот пат, од патот на доброто, благородното, светото и моралното и избираме патишта на пакост, злоба, завист и други непријатности ги жалостиме нашите мајки. Тогаш ја жалостиме и пресвета Дева Марија, а со тоа се оддалечуваме од нејзината помош и закрила. Но, таа како наша вистинска Мајка, не нѐ остава без помош доколку ние собереме сили да побараме прошка од Бога и ја помолиме за нејзина милост, таа да се застапи за нас пред нејзиниот Син и наш Бог.


Во денешните богослужбени песни се набројуваат безброј добрини на света Богородица, која им дава големи благодети на сите кои со вера, надеж ѝ љубов и се обраќаат за нејзина помош. Затоа во една од песните се вели: „она што се говори за чудата извршени од твојот извор Отроковице, ја вчудоневидува човековата мисла бидејќи тие се надприродни и ги осветуваат сите верни". Па и ние, што денес го празнуваме овој спомен на животочниот извор да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, та со пиење и поросување од нејзиниот извор на животот да се очистиме духовно, да отфрлиме од нашите мисли и чувства сѐ што е ниско и земно и не оддалечува од правдата и вистината, а преку тоа и од Бога и Богородица. Да примиме милост Божја за да постанеме почовечни, похумани, подобри, благородни и така да го славиме и воспеваме името на Бога, на Мајката Божја и во овие Велигденски денови. Христос нека воскресне и во нашите срца и во нашите души, па да се покажеме како вистински негови следбеници и проповедници, сега и во сета вечност. Амин.

 svetlipet2019 11

svetlipet2019 12

svetlipet2019 14

 svetlipet2019 16

 svetlipet2019 17

 svetlipet2019 18

 
Светли Петок – Балаклија

03.05.2019 год.

Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид