Изминатиов период во Бигорскиот манастир беше изработен нов видео запис, овој пат за првата великопосна каланда – стара византиска песна со која нашиот народ го најавувал Великиот Пост, а која носи наслов „Сега е Свет и Велик Пост“. Нејзината цел била да ги повика сите верни да земат учество во спасоносните великопосни денови.

Имено, треба да се знае дека богатството на византиската музика оставило белег на целиот свет. Тоа може да се увиди во фактот дека темел на европската музика е грегоријанското пеење, а на грегоријанското пеење, пак, темел му е византиското пеење. Таа музика оставила културен печат на целиот свет. Преку неа византиската цивилизација му зборувала на секој човек. Православието им зборувало на луѓето – во храмот, но и надвор од храмот. На пример, имало песни за сите пригоди – каланди – кои народот ги пеел низ улиците. Пред Божик народот пеел божикни каланди, пред Василица се пеело за Василица. И за празникот Богојавление имало каланди, сѐ било во знак на радоста на празникот, насекаде се објавувала празничната радост. А за Великиот Пост, пак, исто така имале каланда. Народот одел низ улиците и пеел и свирел скромно, оти требало луѓето да се потсетат дека почнува едно многу важно време за нив, нешто за кое се зборува во содржината на песната: Сега е Свет и Велик Пост, сега се свети денови… Христос оди на страдање за нашето спасение. Кон Него да извикаме и вака да Му речеме: Спомни си за нас Господи во Царството Ти. Навистина е прекрасно да се знае дека и нашиот народ е дел од едно вакво големо византиско наследство.

Она што е најинтересно е тоа дека овој видео спот преку своето сценарио раскажува една несекојдневна приказна, со која веруваме ќе се гордее целиот православен народ од нашата земја, а особено Мијаците, односно сите оние кои живеат или потекнуваат од познатиот мијачки крај.

Овој понеделник, на самиот почеток од Велигденскиот (Велики) пост, да го проследиме најновиот видео запис за прекрасната традиционална песна, која ќе нѐ воведе во прекрасната атмосфера на Великиот Пост, а е во изведба на верниот чувар на нашата културна традиција, Ансамблот „Македонија“.

Тимот кој со голема љубов и посветеност работеше на видео записот, е во состав од:

Режија и монтажа: Горан Костадинов

Камера: Александар Ивановски, Кристијан Теодоров,

Дрон: Небојша Петревски

Изведува: Ансамбл „Македонија“

Голема благодарност до сите нив.

[youtube height="450" width="750" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=Dr41L8ADbHo[/youtube]

 

 

Текст на песната:

Сега е свет и Велик Пост, сега се свети денови,

Кога во црквите служат и свештениците пеат,

Читаат “Свети Боже” и свето Евангелие;

Кој го чита се спасува, кој го слуша се осветува,

А кој го исполнува – во рајот влегува.

Сега е свет и Велик Пост, сега се свети денови,

кога со пост и со молитва, Христа Бога Го славиме,

зашто Тој оди на страдање, за нашето спасение.

Со Него да отидеме и вака да Му речеме:

Спомни си за нас, Господи, во Царството Ти.