отец  Милан Ѓорѓевиќ:

Прекрасни пет дена служење Литургија еден по друг. Денес: Свети Стефан, слава на нашиот параклис. Полн храм, двајца свештеници, двајца ѓакони, еден куп радост. Се радува Свети Стефан и го моли Бога да им прости на оние што го каменуваат, на сите фарисеи и книжници, на сите што бараат раски во туѓите очи, а не ги гледаат гредите во сопствените. Бара прошка за сите нас, а семилостивиот Господ брза да ни ја даде. Останува само уште да посакаме да го примиме благословот Божји – оти Христос не спасува никого на сила. Тој стои на портите на нашите срца и моли да му отворме, небаре е некаков питач. Стои пред нас бедните така скрушен и кроток, а ние не Го ни забележуваме. Оти, си велиме, кај се чуло и видело Цар во јасли со стока бесловесна да се роди, столарски занает да учи, простите рибари за апостоли да ги прими, па згора на се – исмеан, измачуван, на крст распнат и погребан да биде?

А ете, ние христијаните токму на Тој и Таков Цар Му се поклонуваме и веруваме дека воскреснал, им се јавил на учениците, се вознел на небото каде оддесно на Отецот седнал, па Духот Свети што од Оца исходи ни го пратил и ни ветил дека пак како Судија на сите ќе дојде. Ете, Нему светиот првомаченик и архиѓакон молитва Му принесува – да не им ги зема за грев камењата и навредите на загубените, туку прошка да им даде, согласно образецот што Самиот Господ од Крстот му го оставил. На тоа ние, христијаните, денес се радуваме и Христа прославениот преку ангелоподобната служба Стефанова Го прославуваме. Затоа, да им е благословена Славата на сите православни семејства што го празнуваат Свети Стефан. Да им е честит именденот на сите што го носат името на архиѓаконот и првомаченикот, пред сите на нашиот Архиепископ Стефан – Бог да му дарува благоденствен и мирен живот, здравје и спасение и успех во секое добро дело. Слава Му на Бога за сите богољубиви луѓе што празнвуаат денес со нас. Бог да ги спомне сите во Царството Негово. Христос се роди!